Маја Иванова - Новости
retkibolesti01
Обраќање на 3-та Конференција за ретки болести во Југоисточна Европа
Сабота, 15 Ноември 2014

Дами и господа,

Поканата да ја отворам третата Конференција за ретки болести во Југоисточна Европа, во организација на Македонската академија за науки и уметности и Здружението за ретки болести „Живот со предизвици", ја прифатив со големо задоволство.

Ги поздравувам присутните гости, организаторите и учесниците на оваа значајна Конференција во име на мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој ви посакува успешно реализирање на програмата, успешни излагања и конструктивни дискусии, како и конкретни иницијативи во корист на лицата со ретки болести во Република Македонија.

Почитувани,

Уште на самиот почеток, уверена сум дека Конференцијата ќе има успешен тек најмногу поради тоа што на едно место се собрани сите засегнати страни од областа на ретките болести во Република Македонија. Во оваа прилика ги поздравувам организаторите и сите учесници кои ја поддржаа оваа Конференција со своето присуство и ангажман.

Најпрво, би сакала со посебна почит и поддршкс да ги поздравам пациентите со ретки болести и нивните семејства. Потоа, претставниците на граѓанските организации кои се активни во областа на ретките болести, истражувачките установи, академската фела, докторите и експертите кои работат на полето на ретките болести, како и претставниците на државните институции надлежни за овој дел од здравството.

Бидејќи областа на ретките болести е исклучително мал сегмент од целокупното здравство во државата, сите засегнати страни треба да споделуваат партнерски однос, кој е меѓусебно зависен, отворен и рамноправен. Денес, сите партнери од оваа област во Република Македонија се на едно место, на еден настан, што значи дека заедницата за ретки болести се поставува на цврста, но и на единствена основа. Тоа ја покажува и нашата единственост и заедничка заложба да ја унапредуваме и подобруваме актуелната состојба со ретките болести во Република Македонија.

Во таа насока, би сакала посебно да ја истакнам заложбата на здруженијата на граѓани кои се активни на полето на ретките болести за нивниот единствен настап пред останатите страни, со нивниот одличен пример за формирање на Националната Алијанса за ретки болести на Република Македонија во април оваа година.

Дами и господа,

Денешниот форум на македонски партнери е надополнет и збогатен со присуството на видни и истакнати меѓународно признати експерти, кои од својата област на специјалност ќе излагаат за ретките болести и ќе поттикнат размена на позитивни искуства за начините на дијагностицирање, протоколите на третирање и лекување на ретки болести, како и препораки за понапредни и современи теоретски и практични постигнувања. Ги поздравувам сите странски учесници и искрено им благодарам за нивното вклучување во денешниот форум.

Две години по ред имам посебна чест да бидам носител на титулата Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести ЕУРОРДИС од Брисел. Моето вклучување во таа посебна, а многу активна, европска заедница ме инспирираше да преземам поголем ангажман во областа на ретките болести, како на национално, така и на европско ниво.

На национално ниво, заложбата во областа на подигањето на јавната свест за ретките болести ја посветувам на помагање и поддршка на еден од приоритетите на Националната алијанса за ретки болести – интегриран пристап на сите инволвирани страни за откривање, дијагностика, особено рана дијагностика, превенција, третман, рехабилитација и социјална интеграција за заболените од ретки болести и нивните семејства. Истовремено ги поддржувам и сите заложби на државните институции надлежни во оваа област.

Уверена сум дека преку Програмата за лекување на ретки болести на Министерството за здравство им се помага на одреден број пациенти со ретка болест. Но, донесувањето на Национална стратегија за ретки болести во Република Македонија ќе значи голем исчекор во здравствената политика за ретки болести на нашата држава што ќе даде огромен придонес за сите пациенти со ретки болести.

Искрено се надевам дека од Фондот за здравство од година во година ќе слушаме позитивни вести за поголем број на лекови, витамини, посебна храна за пациентите со ретки болести ставени на позитивна листа, субвенции и поедноставени процедури за увоз на лекарства.

Ја користам оваа прилика ги охрабрам сите кои работат на научни истражувања за ретки болести за нивен зголемен и попосветен ангажман.

retkibolesti02Дами и господа,

На европско ниво, се залагам за зголемување на јавната свест за ретките болести, за истражувањата за напредни терапии, лекувања и третмани на ретките болести, а посебно за одржување на категоријата ретки болести како приоритет во јавното здравство и истражувањата на ниво на Европската унија.

Од оваа година, ја застапувам и поддржувам иницијативата за прогласување на 2019 година за Европска година на ретките болести. Во 2019 година ќе се навршат 20 години од донесувањето на Регулативата на Европската унија за медицински продукти за ретки болести и 10 години од Препораката на Европскиот совет за поголема акција на полето на ретките болести. Ве повикувам сите да ја поддржите оваа кампања и да го дадете својот глас за Европската година на ретките болести која би пратила силна порака во име на 30 милиони пациенти од Европа со 6000 до 7000 различни ретки болести. На тој начин ќе се привлече вниманието на јавноста и ќе се подигне свесноста за ретките болести, но и ќе се охрабрат научниците и истражувачите да се фокусираат на истражувања на ретките болести, кои најчесто се крајно исцрпувачки за пациентите, а неретко и го загрозуваат нивниот живот.

Почитувани,

Ретките болести како област во здравството не заземаат голем удел. Тоа не треба да значи дека ретките болести смеат да се занемарат. Реткоста не значи и ретко ангажирање или ретко посветување внимание на оваа тема. Нивната реткост значи дека е потребно подобро позиционирање на ретките болести во здравствениот систем. Тоа значи и зголемен и попосветен ангажман за промени во оваа област.
Кога зборуваме за ретките болести всушност зборуваме за човечки животи, кои не се само статистика и бројки, дали бил еден на 10 илјади или еден на милион. Колку болеста на пациентите е поретка толку третманот и лекувањето на истата е потежок, поскап и поретко пристапен, па затоа им е неопходна помош.

Ве повикувам сите заедно со сите наши расположливи средства, со целиот наш капацитет да се ангажираме и посветено да работиме на промени во областа на ретките болести за да им излеземе во пресрет на лицата заболени со ретка болест и да им помогнеме во однос на нивните потреби и надминување на проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат.

Помагањето на ближните нè прави поголеми луѓе, а големиот Махатма Ганди рече „најдобар начин да се пронајдеш себеси е да се изгубиш помагајќи им на другите".

Ви благодарам.

retkibolesti03

ivanova_belgrade01
Активности на г-ѓа Иванова за време на Официјалната посета на претседателот Иванов на Република Србија
Петок, 31 Октомври 2014

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, за време на Официјалната посета на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на Република Србија, оствари средба со г-ѓа Драгица Николиќ, сопруга на претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ.

На средбата одржана во Палата Србија во Белград, г-ѓа Иванова и г-ѓа Николиќ се согласија дека двата народи ги поврзуваат богати културни и историски врски. На средбата беа разменети информации и искуства за активностите и иницијативите што во своите земји ги превземаат г-ѓа Иванова и г-ѓа Николиќ.

За време на дамската програма при Официјалната посета на Република Србија, г-ѓа Иванова и г-ѓа Николиќ го посетија Основното училиште „Сава Јовановиќ Сирогојно" во Земун, кадешто се образуваат деца со посебни потреби и пречки во развојот.

„Драго ми е што сум тука при официјалната посета на мојот сопруг и драго ми е што имам можност, заедно со сопругата на претседателот Николиќ, мојата драга пријателка Драгица, да го посетам ова училиште", изјави г-ѓа Иванова.

За време на престојот во Белград, г-ѓа Иванова, придружувана од г-ѓа Николиќ, го посети и Народниот музеј.

ivanova_belgrade02ivanova_belgrade03

borka01
Обраќање на г-ѓа Маја Иванова на 7. Национална конференција за борба против ракот на дојката
Вторник, 14 Октомври 2014

Драги борки,
Почитувани екселенции,
Почитуван министер Тодоров,
Почитувана амбасадорке Оер,
Почитувана г-ѓа Волерс,
Почитувана директорке на фондот за здравство, г-ѓа Парнаџиева-Змејкова,
Почитувани дами и господа,

Посебно место меѓу моите активности како сопруга на Претседателот на Република Македонија заземаат активностите со кои ја поддржувам мисијата на најгласниот и најупорен борец против ракот на дојката во земјата, здружението „Борка – за секој нов ден". И токму поради тоа, секоја година редовно и со големо задоволство ја прифаќам поканата на „Борка" да присуствувам и да се обратам на националната конференција за борба против овој карцином.

На почетокот, ја користам оваа прилика да ви ги пренесам поздравите од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и да ја искажам неговата голема поддршка за националната кампања за борба против ракот на дојка.

Нашата поддршка е за организаторите на конференцијата, за сите поддржувачи на оваа благородна мисија, за сите пријатели на Борка, за сите волонтери и активисти во борбата против ракот на дојка, за сите нивни активности со кои ја пренесуваат пораката за оваа болест до секоја жена во Република Македонија.

Дами и господа,

Ги поздравуваме сите проекти, кампањи и акции на државните институции, здравствените установи, медицинските работници, општествено одговорните бизниси и на граѓанскиот сектор, особено оние во октомври како глобално прифатен месец за подигање на јавната свест за ракот на дојка.

Затоа, и овој пат ве повикувам да продолжиме со активности кои ќе резултираат со зголемена јавна свест и да ја поддржиме нашата заедничка цел – да го предизвикаме вниманието на женската популација за значењето од превенција и рано откривање на оваа болест.

Да потсетуваме на редовните индивидуални и лекарски прегледи и нивно вклучување во годишните скрининг програми за рано откривање и евентуална превенција. Да успееме да влијаеме во откривањето на болеста во нејзиниот ран стадиум, кога лекувањето е многу поефикасно.

Да повикаме на што подобри и поуспешни лекувања, ефикасни третмани, достапни и отворени онколошки болнички капацитети и најсовремени постоперативни корективни процедури.

Многу од овие цели се постигнати, но секогаш има простор за подобрување и во таа насока сите ние треба заедно и сплотено да работиме.

borka02Почитувани присутни,

Денес морам да укажам на еден факт кој мораме да го прифатиме како неоспорна вистина и да се обидеме да го пренесеме до сите жени.

Секоја од нас ја демне заканата од болеста рак на дојка.

Некои жени имаат поголеми предиспозиции да бидат погодени од болеста, но шансите секоја жена да биде соочена со ваква дијагноза е голема.

Поради тоа, не треба да се изолираме и повлекуваме. Дијагнозата за рак на дојка може да и' биде соопштена на секоја од нас. Секоја жена треба да биде доволно свесна дека грижата за своето здравје не е луксуз, не е претерување, не е наметнување, не е ништо друго освен нејзино загарантирано право, за кое би дополнила дека можеби треба да го прифати повеќе како обврска, а не како можност. Мораме да правиме редовни само-прегледи, а најмалку еднаш годишно да направиме и лекарски преглед. Нема оправдување дека не сме во можност, нема оправдување дека немаме време, нема оправдување дека немаме средства и слични изговори.

Ценети присутни,

Нашите драги борки сведочат и нè потсетуваат со нивните бројни активности дека не смееме да се опуштиме и да се откажеме од редовната грижа за своето здравје. Нашите борки се жените кои сведочеле на ситуацијата кога лично ним или на нивната мајка, сестра, тетка или баба им била соопштена дијагнозата рак на дојка. И покрај сите предизвици и искушенија низ кои поминале стојат исправено и гордо повикувајќи на свесност кај нивните сограѓанки за ракот на дојка. Нивните заложби се видливи кај женската популација и затоа нивниот труд е високо ценет и почитуван. Драги борки, продолжете со вашата розова борба. Ја имате мојата и неизмерната почит и благодарност од сите нас. Вашата розова панделка и оптимизмот се доказ дека во оваа борба може да се успее. Вие докажавте дека може да се успее и дека оваа болест може да се победи.

Почитувани,

На крајот, морам да нагласам дека при секоја активност за борба против ракот на дојка имам една едноставна мисла водилка.
Ако настаните како овој денес можат да помогнат да се спаси барем еден живот, барем на една жена да и се помогне да ја открие заканата додека не е предоцна, тоа е повеќе од причина да се собереме, да се ангажираме и заедно работиме и во иднина.

Ви благодарам.

borka03

autizam_ohrid1
Г-ѓа Иванова со подршка на проектите „Летен камп на аутизмот“ и „Волонтеризмот во служба на аутизмот“
Вторник, 08 Јули 2014

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска во Вилата Билјана во Охрид, ги прими учесниците на проектите „Летен камп на аутизмот" и „Волонтеризмот во служба на аутизмот", кои се организирани од Здружението на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет".

На средбата г-ѓа Иванова, беше запознаена со проектите „Летен камп на аутизмот" и „Волонтеризмот во служба на аутизмот", како и со планираните активности во рамките на двата проекти, кои имаат за цел развивање и унапредување на комуникациските и социјални вештини на децата со аутизам, како и за промовирање на толеранцијата и почитување на различноста и директна интеракција со луѓето кои имаат аутизам.

Како поддржувач на настаните кои се одржуваат за подигање на јавната свест за аутизмот и начините за справување со него, г-ѓа Маја ги поздрави активностите на здружението „Во мојот свет" и проектите „Летен камп на аутизмот" и „Волонтеризмот во служба на аутизмот". Овие проекти придонесуваат за подобрување на позицијата на децата со аутизам и нивно охрабрување во борбата со овој синдром. Г-ѓа Иванова уште еднаш ја искажа поддршката на претседателот Иванов и нејзината лична поддршка за сите активности и иницијативи што произлегуваат од оваа организации и од родителите на децата со аутизам.

Заблагодарувајќи се за приемот, претставниците на Здружението на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет", изразија задоволство од континуираните заложби и поддршка која ја добиваат од г-ѓа Иванова за нивните проекти, настани и иницијативи.

Проектот „Летен камп на аутизмот" кој се организира во периодот од 4-ти до 11-ти јули, во кој се опфатени 15 родители и 15 деца кои се засегнати со овој проблем, има за цел развивање на комуникациските и социјални вештини, како и примена на соодветни техники и терапии, кои ќе им помогнат на децата со аутизам и нивните семејства. Проектот пак „Волонтеризмот во служба на аутизмот" претставува продолжение на првиот проект кој се организираше во 2013 година и беше оценет како доста успешен младински проект на европско ниво. Овој проект претставува младинска размена која ќе поврзе 36 учесници, по 6 од 6те земји учесници, Македонија, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција и Словенија, со што ќе се создаде можност да се срушат стереотипите и предрасудите и да се подигне свеста кај граѓаните за аутизмот.
autizam_ohrid2

karil1
На иницијатива на г-ѓа Иванова донирана опрема на КАРИЛ
Среда, 25 Јуни 2014

Над 50.000 евра чини донацијата на Државата Катар во кревети и медицинска опрема што денеска беше презентирана на Клиниката за анестезија, реанимација и интезивно лекување – КАРИЛ во Скопје.

Донацијата, прва на клиниката по повеќе од 20 години, е обезбедена по иницијатива на сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова и нејзините лични контакти со Шеика Мозах, мајката на Емирот од Катар, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани.

„Сето ова произлезе од посетата на мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, на Државата Катар, каде што имав можност да се сретнам со Нејзиното Височество, Шеиката Мозах, и да размениме мислење околу активностите што ги имаме двете во нашите земји. И ги презентирав моите активности за поддршка на децата, посебно на децата со посебни потреби и аутизам, и севкупно во областа на здравството. И ги презентирав и големите владини проекти во областа на здравството, но и желбата и идеите и плановите што ги имам, на некој начин да помогнам во она што значи поддршка за подобрување на здравството, и на сите пациенти во нашите клиники. Оттаму произлезе и оваа поддршка", изјави г-ѓа Иванова.
karil2
Директорот на Ургентниот центар, д-р Реџеп Селмани изрази благодарност за донацијата од Државата Катар, посочувајќи дека таа е прва по подолг период.

„Добивме една вредна донација. Нашата институција се докомплетира со една софистицирана опрема која ќе ни користи многу за да пружиме квалитетна здравствена заштита", изјави д-р Селмани.

Катарскиот амбасадор, Хасан Бин Абдула Заид Ал-Махмуд, посочи дека донацијата е доказ за длабочината на катарско-македонските односи.

„Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, за нејзините хумани активности за Ургентниот центар во Скопје. На народот на Република Македонија им посакувам многу здравје и просперитет", изјави катарскиот амбасадор.
karil3

naslovna0906
Г-ѓа Маја Иванова со поддршка на проектот „Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници“
Понеделник, 09 Јуни 2014

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваше на промоцијата на проектот „Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници", кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Фондацијата Аполонија од Гевгелија во партнерство со Македонското научно здружение за аутизам од Скопје.

Во рамки на проектот беа отворени една терапевтска и три сензорни соби за децата со посебни потреби во Гевгелија, Богданци, Дојран, и во Валандово.

Во своето обраќање во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Гевгелија., г-ѓа Иванова искажа поддршка за проектот „Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници"

„Мојата улога, како сопруга на претседателот на Република Македонија, за мене претставува сериозен предизвик, но и голема одговорност, да ги вложам сите мои сили и капацитети за поддршка на иницијативите кои во општеството можат да направат барем и најмала промена за најмладите, а уште повеќе за децата со посебни потреби. Тоа го правам пред се како мајка, која сочувствува со родителите на децата со посебни потреби и ги разбира предизвиците со кои тие се соочуваат секојдневно", истакна г-ѓа Иванова.

Според г-ѓа Иванова, со отворањето на терапевтската соба во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Гевгелија се отвора ново поглавје во оваа општина за подобрување на условите и зголемување на можностите за децата со посебни потреби. Додаде дека со децата ќе работат нивните родители, медицинските лица, дефектолозите, логопедите, терапевтите и воспитно-образовниот кадар.

Во своето обраќање во Богданци, г-ѓа Иванова истакна дека отворањето на сензорната соба во основното училиште „Петар Мусев" во општина Богданци, преставува позитивен пример на соработка меѓу локалните власти, локалните образовни институции и невладини организации.

„Нивната заеднички посветена работа на подобрување на условите за социјална инклузија на децата со посебни потреби има резултати и верувам дека ќе им излезе во пресрет на децата со посебни потреби во Богданци и нивните семејства", рече г-ѓа Иванова.

Dojran_0906На отворањето на сензорната соба во основното училиште „Кочо Рацин" во Нов Дојран, г-ѓа Иванова потенцира дека проектот, кој се спроведува од Фондацијата Аполонија во партнерство со Македонското научно здружение за аутизам, и е поддржан од Делегацијата на Европската унија, претставува исклучително позитивен пример кој треба да претставува инспирација и за другите општини и региони за тоа како да се подобрат условите за социјална инклузија на децата со посебни потреби.

Во своето обраќање во Валандово, г-ѓа Иванова, истакна дека голем дел од нејзините активности се насочени за поддршка на проекти, кои се покренати за подобрување на условите за живот на децата со посебни потреби, како што е отворањето на сензорна соба во основното училиште „Јосип Броз".

„Проекти кои се од хуманитарен, образовен, културен или социјален карактер, и кои имаат крајна цел помагање за социјалното вклучување на децата со посебни потреби, секогаш ја имаат моја целосна и безрезервна поддршка", рече г-ѓа Иванoва.

Главната цел на проектот „Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници", е да се зголеми социјалната интеграција и развојот на децата со посебни потреби во четирите општини од југоисточниот регион: Гевгелија, Богданци, Дојран, и Валандово, и ќе се реализира до февруари наредната година.
Valandovo0906

mi01
Г-ѓа Иванова учествуваше во акцијата „Македонија им чита на децата“
Сабота, 31 Мај 2014

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска учествуваше во акцијата „Македонија им чита на децата", што се одржа во организација на издавачката куќа „Култура" и Амбасадата на Република Полска во Македонија.

Г-ѓа Иванова и сопругата на полскиот амбасадор во Македонија, г-ѓа Кинга Нетман Мултановска пред книжарницата „Култура" се дружеа и им читаа на децата од основното училиште „Кочо Рацин" од Скопје, од СОС Детско село и децата со посебни потреби од Здружението „Дајте ни крилја".

Пред родителите, г-ѓа Иванова упати апел да ги поттикнуваат своите деца да читаат книги, затоа што, како што рече, со секоја прочитана книга добиваат едно бесценето богатство.

„Многу ми е драго што наредните неколку недели познати и истакнати личности од областа на културата, уметноста, музиката и спортот ќе се дружат со децата и на некој начин ќе ја доближат магијата на книгата кон секое дете", рече г-ѓа Иванова, изразувајќи задоволство што денешниот настан се организира во пресрет на Меѓународниот ден на детето - 1 јуни.

Таа изрази надеж дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина со цел книгата и убавиот пишан збор да се доближат до секое дете.

mi02„Со секоја прочитана страница се отвора нов поглед кон светот. Се добиваат нови зборови, се учат многу работи, се развива детската фантазија. Децата на некој начин се соживуваат со ликовите од романите и книгите што ги читаат", додаде г-ѓа Иванова.

Потсети дека живееме во време кога владеат интернетот и компјутерите и додаде оти секое дете е пред компјутер.

„И од компјутер може секое дете да прочита книга или да го разбере сижето на некоја книга. Сметам дека мислите, убавите зборови од книгата, пејсажите што се опишуваат се доживуваат тогаш ако книгата се држи во раце", потенцира г-ѓа Иванова.

Г-ѓа Кинга Нетман Мултановска истакна дека се привилегирани што госпоѓа Иванова се приклучува во оваа акција. Информира дека оваа акција во Република Полска почнала во 2001 година и оти е многу популарна, а постигнала и голем успех.

„Се надеваме дека со помош на госпоѓа Иванова ќе направиме Македонија повеќе да чита книги. Полските деца читаат многу. Осумдесет отсто од полските деца читаат книги секоја година, многу книги, не само една и не само книгите за на училиште", рече г-ѓа Нетман Мултановска и додаде дека Македонија има прекрасни автори и издавачки куќи.

Според неа, книгата е се, книгата е светот, а интернетот нема да ги замени.

„Многу е важно да се научат децата да читаат. Тогаш ќе имаме и возрасни кои купуваат книги и многу чиатаат", додаде таа.

Следните читања се во јуни со децата без родители и децата со посебни потреби, а се со цел нивна поголема интеграција во општеството. Читањата ќе се одржуваат секоја среда во 18:00 часот и секоја сабота во 11:00 часот, пред книжарницата „Култура" во Скопје.

mi03

borka0
Маја Иванова: Да се обединиме во борбата против ракот на дојка
Сабота, 17 Мај 2014

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова денеска присуствуваше и ја поддржа хуманитарната манифестација „Напред розово 2014", во организација на здружението „Борка", посветена на борбата против ракот на дојката.

Во своето обраќање, г-ѓа Иванова искажа поддршка за розовата кампања на „Борка" за подигање на јавната свест во борбата против ракот на дојка.

„Со тоа, ние, всушност, даваме поддршка за семејствата и пријателите на заболените од рак на дојка. Даваме поддршка и благодарност на посветените лекари и медицински сестри кои секојдневно ја водат битката заедно со своите пациенти. Ја даваме нашата поддршка и благодарност до сите спонзори, донатори и пријатели на оваа кампања. Но, најголемата поддршка ја даваме на оние кои во овие моменти се соочуваат со болеста, оние имаат потреба од неизмерна поткрепа од сите нас. Да им помогнеме да го пребродат овој период и да излезат како вистински победници. И, денес, испраќам најискрени поздрави токму до нив, верувајќи дека догодина заедно со нас исправени и горди ќе ја изодиме розовата панделка исцртана на улиците на нашиот главен град. Нашите молитви и мисли се со вас", рече г-ѓа Иванова во своето обраќање.

borka1Во рамки на манифестацијата, г-ѓа Иванова учествуваше и на розовата прошетка, како дел од кампањата за подигање на свеста за борба против ракот на дојката.

„Розовата прошетка оваа година беше најавена од борките со зборовите,за сите кои решија да веруваат и за сите кои се осмелија да се борат. Денес, и јас ќе застанам со нив, и јас ќе бидам борка и јас гордо ќе пешачам со нив. Заедно ќе ја шириме розовата порака, ќе ја оформиме розовата панделка, и заедно ќе ја водиме борбата против ракот на дојка", рече г-ѓа Иванова.

Сопругата на Претседателот на Република Македонија ја поддржува оваа манифестација од самите почетоци, и воопшто ги поддржува сите активности на Здружението „Борка" со цел борба против ракот на дојка.

Поддршка на акцијата дадоа и амбасадорот на САД, г. Пол Волерс и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, г-ѓа Гордана Јанкуловска.

borka2

autizam01
Одбележан Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот
Среда, 02 Април 2014

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова денеска присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот, што се одржа во Скопје Сити Мол, во организација на Здружението на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет".

Со одржувањето на настанот е одбележан и почетокот на кампањата „Еден свет за сите", што ќе се одвива во текот на целиот месец април.

На настанот беше составена сложувалка со меѓународниот знак на аутизмот од страна на децата со аутизам и присутните гости на настанот, меѓу кои беа и преставници на машката ракометна репрезентација и на мото-клубот „Ноќни волци".

Со музичка и танцовна точка и рецитали на настанот настапија деца со аутизам од ПОУ „Иднина", ПОУ „Маца Овчарова" – Велес и ОУ „Коле Неделковски", а свој настап имаше и подмладокот на балетското студио „Ребис".

На настанот беше промовирана и химната за аутизмот, компонирана од браќата Тавитјан, а изведена од Ребека, Мики Јовановски – Џафер и Влатко Лозаноски.

Со присуството на денешниот настан, сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Иванова уште еднаш ја потврди нејзината и поддршката на претседателот Иванов на сите активности и иницијативи што произлегуваат од здружението и од родителите на децата со аутизам.

autizam02

klinika1
Г-ѓа Иванова им подари новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Вторник, 31 Декември 2013

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје, каде заедно со членовите на Алумни асоцијацијата на Иванов Школата за млади лидери (ИСЛАА) на децата кои се лекуваат на клиниката им подели новогодишни пакетчиња, сликовници, како и играчки изработени од нивни врсници од градинките ширум Македонија, во рамки на хуманитарната акција „Прегратка на дар“.

Овде сме за да им подариме пакетчиња на децата кои новогодишната ноќ ќе ја поминат во болница, но во силните раце на персоналот. Ова се празнични денови, кога се подарува љубов и се искажува нашата поддршка на оние на кои им е најпотребна. Сите деца имаат свои копнежи, соништа и желби. Верувам дека децата што се на оваа клиника имаат една желба-да оздрават и да се вратат во прегратките на своето семејство, истакна Иванова. Воедно, првата дама во името на нејзиниот сопруг, претседателот Иванов, и во името на нивниот син Иван им ја честиташе новата 2014 година,  им посака што побргу да оздрават, и да им се остварат сите соништа и желби.
Директорка на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова истакна дека имаат деца кои не можеле за Новата година да бидат дома и оти заедно ќе ја пречекаат 2014. Оваа година со сопругата на претседателот, Маја Иванова направивме klinika2револуцијата на Клиниката и колку што можеме ја враќаме насмевката на дечињата кои мораат да се дружат со лекарите, рече Софијанова. Емилија Џуровска, проектен координатор на хуманитарната акција „Прегратка на дар“ потсети акцијата има за цел да внесе хуманост уште во раните возрасти кај децата во градинките кои рачно изработуваат играчки за нивните другарчиња кои се принудени за време на празниците да останат во болница. „Прегратка на дар“ веќе трета година ги развеселува децата низ болниците со рачно изработени играчки од нивните другарчиња од градинките низ цела Македонија, посочи Џуровска.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 Следно > Крај
Страница 4 од 8

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal