Маја Иванова - Новости
klinika1
Г-ѓа Иванова им подари новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Вторник, 31 Декември 2013

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје, каде заедно со членовите на Алумни асоцијацијата на Иванов Школата за млади лидери (ИСЛАА) на децата кои се лекуваат на клиниката им подели новогодишни пакетчиња, сликовници, како и играчки изработени од нивни врсници од градинките ширум Македонија, во рамки на хуманитарната акција „Прегратка на дар“.

Овде сме за да им подариме пакетчиња на децата кои новогодишната ноќ ќе ја поминат во болница, но во силните раце на персоналот. Ова се празнични денови, кога се подарува љубов и се искажува нашата поддршка на оние на кои им е најпотребна. Сите деца имаат свои копнежи, соништа и желби. Верувам дека децата што се на оваа клиника имаат една желба-да оздрават и да се вратат во прегратките на своето семејство, истакна Иванова. Воедно, првата дама во името на нејзиниот сопруг, претседателот Иванов, и во името на нивниот син Иван им ја честиташе новата 2014 година,  им посака што побргу да оздрават, и да им се остварат сите соништа и желби.
Директорка на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова истакна дека имаат деца кои не можеле за Новата година да бидат дома и оти заедно ќе ја пречекаат 2014. Оваа година со сопругата на претседателот, Маја Иванова направивме klinika2револуцијата на Клиниката и колку што можеме ја враќаме насмевката на дечињата кои мораат да се дружат со лекарите, рече Софијанова. Емилија Џуровска, проектен координатор на хуманитарната акција „Прегратка на дар“ потсети акцијата има за цел да внесе хуманост уште во раните возрасти кај децата во градинките кои рачно изработуваат играчки за нивните другарчиња кои се принудени за време на празниците да останат во болница. „Прегратка на дар“ веќе трета година ги развеселува децата низ болниците со рачно изработени играчки од нивните другарчиња од градинките низ цела Македонија, посочи Џуровска.

veles4
Новогодишни пакетчиња од г-ѓа Маја Иванова за децата со церебрална парализа во Велес
Петок, 27 Декември 2013

На покана на Здружението на лица со церебрална парализа од Велес, сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска подари новогодишни пакетчиња на децата со церебрална парализа во Велес, по повод новогодишните и божиќните празници,

Ова се празнични денови кога секој од нас ја покажува својата благородност, својата хуманост, празнични денови кога се подарува љубов, кога, како што старите велат, со убаво се испраќа старата, а уште поубаво и повесело се дочекува Новата година, рече г-ѓа Иванова.

Првата дама во името на нејзиниот сопруг, претседателот Иванов, и во името на нивниот син Иван им ја честиташе новата 2014 година и им посака многу здравје, многу среќа, многу радости и многу убавини на децата со церебрална парализа во Велес.

Овие деца, за коишто сме денеска овде, имаат свои копнежи, свои соништа, свои желби, како што има моето дете и како што имаат сите други деца. Затоа, од срце посакувам овие копнежи, овие радости, овие нивни желби и соништа да се остварат во наредната година. Да нема повеќе солзи, туку да има само насмевки на вашите лица. Ви посакувам се најубаво во новата година, изјави г-ѓа Маја Иванова.

veles3

kl1
Отворен првиот Детски ургентен центар во Република Македонија
Сабота, 21 Декември 2013

Во целосно реновиран и комплетно опремен простор, во присуство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, денеска е отворен првиот специјализиран Детски ургентен центар во земјата, сместен во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

Средствата за реконструкцијата и адаптацијата на просториите во Клиниката беа собрани во рамки на Националната донаторска кампања под мотото „Да помогнеме навреме", а беше спроведена под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова. Ургентниот центар е целосно изграден со поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА, а дополнителните донации ќе се искористат за доопремување на Ургентниот центар и новите амбуланти.

За потребите на новата организациона единица беа изведени повеќе градежни реконструкции, објектот беше внатрешно преуреден, а беше обезбедена и најсовремена медицинска апаратура.

Г-ѓа Иванова во обраќањето пред присутните рече дека како покровител на Националната кампања била полна со ентузијазам, имала силна инспирација, но најмногу била охрабрена со безрезервната поддршка на нејзиниот сопруг, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

„Овој Ургентен центар ќе придонесе во голема мера за здравствени услуги кои нашата држава ги нуди за децата, посебно за итните случаи за кои најнеопходна е првата помош пружена од медицински лица. Итните случаи од денес ќе бидат третирани во Ургентен центар, како што е пракса во многу напредни земји, со добро разработен и крајно ефикасен здравствен систем", посочи г-ѓа Иванова.

Таа рече дека секој има обврска да даде свој личен придонес за активности кои се однесуваат на општото добро на сограѓаните и општеството.

kl2„Таквите активности се тие кои не облагородуваат, кои не оплеменуваат, кои не прават хумани и кои ги истакнуваат нашите доблести и нашите вредности. Затоа, со огромна желба и мотив застанав како покровител на Националната кампања", потенцира г-ѓа Иванова и им се заблагодари на сите кои ја поддржаа кампањата и донираа преку телефонскиот број 14321, како и на медиумите кои овозможија кампањата да допре до секој граѓанин.

Министерот за здравство, г-дин Никола Тодоров истакна дека Детската клиника мора да биде целосно опремена да одговори на сите најсовремени предизвици во медицината и затоа многу е инвестирано-сменети се прозорците, се работело на енергетска ефикасност, на зголемување на стандардот за сместување на децата, тоалети во секоја соба, набавка на ново возило за неонатален педијатриски транспорт, набавка на нова медицинска опрема и се тоа во вредност над 100 милиони денари.

Ова што го имаме денеска, посочи министерот Тодоров, е показател дека во Република Македонија и поинаку може да се инвестира во здравството, односно дека почнуваат да се применуваат принципите на инвестирање во здравството кои важат во сите развиени земји, а тоа е со едно високо ниво на општествена одговорност, со вклучување на највисоките авторитети во државата, на амбасадите и на сите граѓани може да се направи подобрување на системот. Тој додаде дека станува збор за една од поголемите реформи преземена во македонското здравство.

Директорката на Клиниката, д-р Аспазија Софијанова, изразувајќи задоволство од отворањето на Детскиот ургентен центар, рече дека иницијативата тој да се направи на почетокот била само една скромна замисла која ја поддржале и надградиле нејзините најблиски соработници и советници.

Сопругата на американскиот амбасадор, г-ѓа Мери Џо Волерс истакна дека експертската грижа и сочувство на медицинскиот персонал на Ургентниот центар ќе спасат многу од животите на околу 20.000 деца кои се очекуваат да го посетат идната година.

Г-дин Мехмет Суреја Ер, потпретседател на Турската меѓународна агенција за соработка и развој - ТИКА рече дека работите за адаптација и реконструкција кои се одвивале од нивна страна биле комплетирани за само 60-тина дена.

„Проектот за Ургентниот центар содржеше целосна реконструкција, адаптација, медицински гасови, термо техника, електрични инсталации, медицинска опрема и целосно опремување со мебел", истакна г-дин Суреја Ер и додаде дека сето тоа е подарок на Република Турција за Република Македонија.

Нагласи дека Ургентниот центар со најдобар и најквалитетен стандард на функционирање ќе нуди добри услови.

Турскиот амбасадор, г-дин Ѓурол Сокменсуер им посака здрава иднина на децата од Клиниката и укажа на подготвеноста на Република Турција секогаш да ја поддржи, како што рече, пријателска и братска Република Македонија.

Специјализираниот Детски ургентен центар располага со четири главни и два дополнителни кревети, опфаќа шест простории за специјалистички амбуланти, една лабораторија и чекална. Амбулантите ќе ги покријат областите: неонатологија, кардиологија, хемато-онкологија, ендокринологија, гастроентерохепатологија и нефрологија.

kl3

kalinki1
Здрави поколенија се и здрава држава – Претседателот Иванов со сопругата Маја на „Ден на калинката“ во Валандово
Среда, 09 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со својата сопруга г-ѓа Маја Иванова, денеска во Валандово присуствуваа на манифестацијата „Ден на калинката ", што се организираше во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана", чиј покровител е г-ѓа Иванова.

На настанот, на кој учествуваа и Николче Чурлиновски, градоначалник на Општина Валандово, ракометарот Наумче Мојсоски и поранешниот фудбалер Миле Боев, децата од валандовското основно училиште „Јосип Броз – Тито" имаа можност да берат калинки и да се запознаат со корисните својства на овој вид овошје.


„Денеска сме во Валандово, градот на калинката, и град за којшто ме врзуваат многу убави работи. Многу сум радосна што денеска кампањата „Здрава храна за детство без мана", во организација на организацијата „ОХО", ја поддржува и мојот сопруг, којшто всушност ја поддржува од самиот нејзин почеток, и еве денеска сме тука - во неговиот роден град. Овој денешен настан го организираме малку поневообичаено од претходните, на кои имавме приредби, минатиот пат ја посетивме фабриката за ориз, а еве денес сме на нива, каде што со децата имавме берба на калинки. Децата можеа да се запознаат како расте калинката, како се бере калинката, кои се нејзините хранливи состојки. Уште еднаш, од овде од Валандово, повик до сите оние којшто се вклучени во правилен развој на децата, да се подигне јавната свест на целото општество за тоа што значи здравата храна за младите поколенија, затоа што здрави поколенија се и здрава држава", изјави г-ѓа Иванова.

kalinki2„Јас сум денеска тука, во мојот роден град, да ја поддржам оваа кампања „Здрава храна за детство без мана", бидејќи пред се ни требаат здрави поколенија. Овие деца да ја знаат моќта на овошјето, на зеленчукот, и на сето она што го дава нашето поднебје. Навистина ми е мило што децата ги стекнуваат овие навики постојано да се хранат со здрава храна, да се во здрава околина, и навистина да вложуваме за млади за иднината. А ние сме тие што мораме да мислиме за иднината на младите", изјави претседателот Иванов на денешната манифестација.

Целта на кампањата „Здрава храна за детство без мана" е да се подигне свеста за консумирање на здрава храна кај децата и учениците. Кампањата се реализира трета учебна година во градинките и училиштата, како дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем" во соработка со Министерството за образование и наука и здружението „ОХО".

kalinki3

borka1
Да ја шириме розевата порака - Обраќање на г-ѓа Маја Иванова на 6. Национална конференција за борба против ракот на дојката
Понеделник, 07 Октомври 2013

Почитувани,

Чест ми е да бидам дел од 6. Национална конференција за борба против ракот на дојката. Упатувам посебни поздрави до организаторот, здружението „Борка – за секој нов ден" кое претставува лидер организација за поддршка на граѓаните, пациентите, нивните семејства и здравствените организации во борбата против сите видови на рак. Дозволете ми во оваа пригода да ги пренесам искрените поздрави и целосната поддршка од мојот сопруг, претседателот на Република Македонија за сите активности во нашата земја посветени на борбата против ракот на дојка, активности кои секогаш ги поддржуваме со отворено срце и искрена почит.

Дами и господа,

Создавањето здрава популација, здрави поколенија, овозможувањето здравствени услуги достапни за сите граѓани, е обврска на државата во која живееме. И таа секако се труди, посветено работи на постигнување на оваа висока цел. Помошта, поддршката и укажувањето на некои посебни потреби и неопходни третмани, лекувања на граѓаните засегнати од одредена болест и начинот како тие можат, како поединци, да се изборат против болеста, некогаш бара и граѓанска иницијатива за да се слушне нивниот глас. Сите знаеме дека колективниот глас на одредена група е многу посилен од поединечен глас. А, посебно кога одредена група со заеднички проблеми има поддршка и од организација која е секогаш подготвена и која на располагање ги нуди своите ресурси, трудејќи се вистински да помогне. Во таа улога ја препознавам организацијата „Борка". Оваа организација зборува во името на пациентите, во името на нивните семејства, во името на нивните проблеми, нивните потреби, нивните побарувања и идеи за ефикасни третмани и лекувања. „Борка" ги преточува во единствен конкретен предлог пред јавноста, трудејќи се да ја подигне свеста на сите граѓани, сите општествено одговорни поединци, сите надлежни институции. Претставува мост на соработка меѓу засегнатите, и секако, институциите со надлежности во конкретната област. Моќта на здружувањето на гласот на засегнатите од болеста рак на дојка и мобилизирањето на граѓанскиот сектор предводен од најсилниот розев борец во нашето општество го крева гласот на жената поединец. Затоа ги почитувам, затоа ги поддржувам сите активности кои ги презема „Борка". Затоа што сум уверена дека „Борка" зборува во името на Марија, Александра, Виолета, Кристина, Елена и многу други... затоа што зборува и во мое име.

Почитувани присутни,

Во оваа прилика сакам да ги поздравам сите активности кои се преземаат од релевантните државни институции во борбата против ракот на дојката. Mораме да констатираме дека постојат голем број на поволности и придобивки за пациентите со дијагностициран рак на дојка и информирање за оваа болест, а уште повеќе, дека постојат многу можности за редовни прегледи, рано дијагностицирање, адекватен и навремен третман. Бесплатни мамографски прегледи, мобилни мамографи за прегледот да биде достапен на секоја жена без разлика на нејзината економска и социјална состојба и место на живеење, достапни и отворени онколошки капацитети, едукација и усовршувања на здравствените работници во оваа област, квалитет на третманот кој им се нуди на пациентите за справување со овaa болест.

borka2Дами и господа,

Улогата на конференциите како денешната, во месец октомври - месец на борбата против ракот на дојката, како најчесто малигно заболување кај жените, е да се поздрават сите постигнувања во борбата против оваа болест во текот на изминатата година, и, да се посочат и воочат потребите и можностите за подобрување во наредната година. Тука се присутни сите страни... сите учесници, сите релевантни фактори во борбата против ракот на дојката. Надлежните државни институции, претставници на здравствените установи кои во оваа заедничка борба се внесуваат професионално и одговорно одговарајќи на потребите, за достапни и навремени прегледи и третмани na оваа болест. Присутни се и претставници на меѓународни организации и дипломатски претставништва со цел да пренесат позитивни примери, искуства и практики од нивните земји во борбата против рак на дојка.

Меѓутоа, убедена сум дека денешната конференција немаше да биде успешна доколку меѓу нас овде не се присутни многу поединки кои се вистинските „борки". Тоа се храбрите и горди „борки" кои ги пребродиле најтешките моменти во својот живот соочени со оваа болест. Тоа се „борките" кои излегоа победници во борбата против ракот на дојката, кои се пример дека животот продолжува, дека светот се уште може да биде розево место за живеење. Тоа се жените кои со крената глава ги водат розевите прошетки, кои со својот пример зборуваат дека почетокот на битката со ракот на дојката не значи и почеток на крајот. Едноставно не се предале, не се предаваат и нема да се предадат ниту понатаму. Тие се наша инспирација, преку нивниот несебичен активизам и посветено волонтирање, обидувајќи се да и помогнат на својата сестра, пријателка или мајка, со поддршка и подадена рака, за да успеат и тие да се исправат пред болеста, да не дозволат болеста да им ја одземе насмевката од нивните лица, да не дозволат болеста да им ја одземе ведрината во нивните очи, љубовта кон своите најмили, и за да сведочат дека борбата продолжува и дека таа битка може да се добие.

Драги „борки", ова мое денешно обраќање Ви го посветувам токму Вам.

Ве повикувам сите заедно, да ја шириме нивната розева порака, за нив и со нив гордо да ја носиме розевата панделка, да го пренесеме нејзиното значење до секоја жена, заедно да ја подигнеме свеста на граѓаните за важноста на превентивните прегледи и раното откривање на овој карцином, да ја подигнеме јавната свест за борбата против ракот на дојката.

За секоја „борка", за секој нејзин нов ден.

Ви благодарам.

borka3

kocani
Кампањата „Здрава храна за детство без мана“ продолжи во Кочани – Денови на кочанскиот ориз и посета на фабрика за ориз
Вторник, 24 Септември 2013

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, во рамки на спроведувањето на кампањата „Здрава храна за детство без мана", денеска ја посети фабриката „Жито Ориз" во Кочани, каде што деца од четири основни училишта од овој град се запознаа со процесот на преработка на ориз и дегустираа оброци подготвени од ориз.

„Навистина ми е драго што оваа идеја прерасна во една масовна акција, не само преку организирање на вакви настани, туку ја доби поддршката од сите оние што навистина треба да ја поддржат, а тоа се институциите, градинките, училиштата. Денеска сме тука, во фабриката за преработка за ориз, каде што на децата им се презентираше какво е значењето на оваа житарица, со која се храни половина население во светот. Така што, ми е драго што видоа и на дело како се доаѓа финален производ. Оваа кампања е за идните поколенија. Да имаме здрава младина, здрави деца, затоа што здравата иднина ќе ја обезбедиме преку здрави поколенија", изјави г-ѓа Иванова.

kocani1Кампањата „Здрава храна за детство без мана", чиј покровител е г-ѓа Маја Иванова, се реализира трета учебна година во градинките и училиштата, како дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем" во соработка со Министерството за образование и наука и здружението „ОХО". Денешниот настан во Кочани се одржа во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз". Кампањата „Здрава храна за детство без мана" е посветена на здравата храна и има за цел да ја подигне свеста за консумирање на здрава храна кај децата и учениците. Кампањата е едукативна, информативна и пред се забавна и ги пренесува позитивните страни на здравата храна, начините на подготвување и процесот на стекнување на позитивни навики за консумирање на здрава храна пред се во градинките и училиштата.

kocani2

komorovska2
Заедничка прошетка низ знаменитостите на Скопје и Охрид - Дамска програма при официјалната посета на полскиот претседател на РМ
Среда, 11 Септември 2013

Во текот на официјалната посета на Претседателот на Република Полска, сопругите на претседателите на Република Македонија и Република Полска, г-ѓа Маја Иванова и г-ѓа Ана Коморовска, во рамки на организираната Дамска програма имаа можност да посетат и разгледаат дел од значајните културно – историски знаменитости на нашата земја. За време на престојот во Скопје, г-ѓа Иванова и г-ѓа Коморовска ги посетија Музејот на Холокаустот, Македонскиот народен театар и Спомен куќата на Мајка Тереза, а прошетаа и низ Старата Скопска чаршија, разгледувајќи ги изложените автентични предмети кои се одраз на богатата македонска традиција и култура. Сопругите на претседателите ја посетија и црквата „Св. Спас“, а потоа го посетија здружението „Борка – за секој нов ден“ и непосредно изразија поддршка на големиот број жени кои се соочуваат со борбата против ракот.komorovska3Во текот на вториот ден од официјалната посета, претседателите на Република Македонија и Република Полска, заедно со своите сопруги, престојуваа во Охрид ипритоа ги посетија Светиклиментовиот храм на Плаошник, црквата „Света Богородица Перивлепта“ со Галеријата на икони, катедралната црква „Света Софија“, како и манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“.


„На мое големо задоволство, два дена сум домаќин на сопругата на полскиот претседател и моја драга пријателка, г-ѓа Ана Коморовска. Со неа ме врзува едно долгогодишно пријателство во изминатите години, затоа што неколку пати сме учествувале на меѓународни конференции посветени на децата и жените, и на мултилатерални настани, каде што учествувале нашите сопрузи“, истакна г-ѓа Иванова. Г-ѓа Коморовска изрази задоволство од сите посетени места, особено од фасцинантниот Македонски народен театар, а воедно изрази желба во иднина да ја посети Македонија приватно, со цел да ги разгледа и останатите убавини.

komorovska4

klinika
Почна реконструкцијата на Ургентниот центар при Детската клиника
Петок, 06 Септември 2013

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети Ургентниот центар на Универзитетската Клиника за детски болести во Скопје, каде се одбележа почетокот на градежните работи за негова реконструкција.

Реконструкцијата и адаптација на просторот на Универзитетската Клиника за детски болести во педијатриски Ургентен центар е резултат на Национална кампања за собирање средства, што се спроведе под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова.

Г-ѓа Маја Иванова изјави дека националната кампања под мотото „Ајде да помогнеме навреме" за собирање средства за реконструкција и адаптација на простор на Клиниката, која почна во април, заврши многу успешно и собрани се 250.000 евра, односно пет пати повеќе од предвиденото.

На ова место пред нешто помалку од шест месеци, посочи г-ѓа Маја, си поставивме за цел да ги собереме основните 50.000 евра кои ќе бидат неопходни за реконструкција и оспособување на дел од просториите од Клиниката за детски болести наменети за Детски ургентен центар.

klinika1„Поведена од таа општествена одговорност, поведена од инстинктот на мајка, а пред се од огромната поддршка која ја добив од мојот сопруг, кој ми рече „ти тоа го можеш затоа што се работи за иднината на нашите деца", ја прифатив поканата на визионерот за изградба на еден ваков Ургентен центар, директорката на Клиниката Аспазија Софијанова, да бидам главен покровител на една ваква хумана, благородна мисија затоа што нема ништо повредно од животот на нашите деца", изјави г-ѓа Маја Иванова.

Г-ѓа Маја му изрази благодарност на главниот донатор на средствата кои не се само за реконструкција на неколку простории од Клиниката, туку и за реконструкција на целиот кат, а тоа е Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) која донираше над 200.000 евра, што, како што истакна, вклучува не само градежни работи, туку и набавување соодветна медицинска опрема и апаратура, мебел и останати работи за нормално функционирање на Ургентниот центар.

Сопругата на претседателот Иванов се заблагодари на граѓаните на Република Македонија кои преку преку телефонскиот број 14321 донираа симболични 100 денари, при што се собрани околу 10.000 евра, како и на медиумите преку кои кампањата допре до граѓаните.

„Кога се работи за децата тука нема никакви дилеми, лимити, тука нема ништо затоа што децата се тие што навистина обединија без разлика на верска, национална, полова или религиозна припадност", додаде г-ѓа Иванова.

Директорката на Клиниката Аспазија Софијанова рече дека направиле простор во зградата каде ќе биде т.н.општа амбуланта или тријажа која ќе работи 24 часа, седум дена во неделата, која ќе ги згрижува децата прелиминарно.

„Просторот адекватно е пренесен во амбулантата и е означено каде ќе биде тоа. Секој спрат по соодветната патологија отвори дополнителна соба каде ќе одат амбулантските прегледи со „Мој термин" кои ќе бидат закажани за следниот период од 45 дена до два месеца, во кој на секое одделение нашите лекари ќе ги прегледуваат децата. Хоспиталниот дел ќе си функционира нормално. Оваа реконструкција ќе трае и ќе биде за многу подобро по следните два месеца", додаде Софијанова.

Махмут Чевик, програмски координатор на ТИКА-Скопје, рече дека продолжува добрата соработка меѓу Македонија и Турција.

„Започнуваме со проектот вклучувајќи го ургентниот и амбулантниот дел, а тоа изнесува околу 400 метри квадратни. Проектот најпрвин изнесуваше околу 50.000 евра, а ние ја зголемивме сумата за да се опфатат сите делови. Средствата за целата реконструкција се зголемени за околу четири ипол пати, односно буџетот сега изнесува над 200.000 евра", истакна Чевик.

klinika2

Тој посочи дека во Ургентниот дел ќе се одвиваат градежни работи, термо и инсталации, ќе има вкупно шест болнички кревети, ќе има дел за медицински гасови, подвижни апарати...Градежните работи ќе се одвиваат и во амбулантниот дел.

„Ќе се додадат 17 работни маси, приемен пулт, делови, метални ормани каде ќе стојат лековите, маса за преглед на бебиња, маса за повивање и тријажа на бебиња, бебешка када, кревет за преглед, параван, завеса, болнички кревет. Наредните генерации со голема благодарност ќе Ве споменуваат Вас госпоѓа Маја Иванова. Нема да се заборават работите кои ги правите за оваа држава. Се надевам дека овој проект кој денеска го почнуваме ќе биде многу значаен за децата во Македонија", додаде Чевик.

Детскиот центар ми даде насоки во животот, да ја сакам уметноста и да ја почитувам креативноста - г-ѓа Иванова покровител на 65 годишниот јубилеј на ДКЦ „Карпош"
Петок, 07 Јуни 2013

Обраќање на г-ѓа Маја Иванова на свеченоста по повод 65 години од основањето на Детскиот културен центар Карпош

Почитувани присутни,
Драги деца,

Со посебно задоволство ви се обраќам вечерва, на прославата по повод 65-годишнината од основањето на Детскиот културен центар Карпош.

Дозволете ми да ви упатам најсрдечни честитки за овој голем јубилеј во името на мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, со желби за што повеќе поводи за прослави и уште многу годишнини. 

Најголема честитка по повод овој значаен јубилеј, упатувам до сите генерации на деца кои поминаа низ овој Детски културен центар, до сите оние кои своите таленти и креативност ги практикуваа тука во рамките на ликовната секција, драмската секција, инструменталната или фолклорната секција. Децата не постојат заради Центарот, туку Центарот постои поради децата.

Почитувани,

Поканата за покровителство на оваа прослава посебно ме израдува. Ме израдува бидејќи ја почитувам оваа институција, како едно посебно креативно катче за децата, каде никој не ги ограничува да творат низ песна и музика и да создаваат безвременска и пријатна мелодија на детски џагор и смеа. Поканата ме израдува бидејќи некогаш и јас бев дел од оваа приказна и бев дел од безгрижните детски моменти во тогашниот пионерски дом Карпош.

Сметам дека токму тие денови поминати во овој центар ми го збогатија детството со интересни и забавни спомени. Но, исто така ме подготвија и ми дадоа насока во животот, го дополнија моето образование, ми створија љубов кон пишаниот збор, ме инспирираа да создавам поезија и да ја обожувам музиката, кои и ден денешен ми ја хранат душата. Детскиот центар ми даде насоки во животот, да ја сакам уметноста и да ја почитувам креативноста, да творам и да ја почитувам македонската култура и традиција, преку песната, ората и литературата.
Сеќавајќи се на прекрасното време поминато во Детскиот културен центар Карпош и спомените и поуките што од тука ги понесов, отворено и јавно го препорачувам овој центар до сите родители. Препорачувам да ги запишат своите дечиња во некоја од секциите која најмногу одговара на нивните интереси и таленти и да им овозможат на своите деца едукација низ песна и забава. На тој начин, ќе се осмисли нивното слободно време, ќе им се возбуди нивната детска фантазија, ќе им се поттикне креативноста. И токму на тоа место, ќе ги научат и засакаат вредностите и убавините кои ги крие македонската уметност, култура и традиција.

Дами и господа, драги деца,

Секоја држава вложува во својата иднина, вложува во идните генерации кои понатаму ќе ја предводат земјата. Верувам дека постоењето на Детскиот културен центар ја збогатува понудата што државата им ја дава на младите генерации за нивно образование. Овој центар нуди можност децата да ги развиваат нивните таленти, го поттикнува нивното слободно размислување, им обезбедува простор за нивно безгрижно дружење, создавање пријателства и остварување на нивните соништа и фантазии.

Опстојувањето и ефикасното функционирање на оваа институција низ годините и низ сите промени што времето ги носеше со себе, е доказ дека концептот е успешен и комплементарен со редовното образование кај децата. За тоа најдобро зборуваат успешните животни приказни на многу познати јавни личности од сите области, кои своите почетоци на уметничко и креативно изразување ги имаа токму во Детскиот културен центар Карпош.

Почитувани присутни,

Да ги поздравиме сите кои поминаа низ многуте секции на Детскиот културен центар Карпош.

Да ги поздравиме сегашните ученици и да ги поканиме родителите да ги запишат нивните деца во Детскиот културен центар Карпош.

Да им порачаме на идните генерации дека оваа институција ќе слави уште многу јубилеи, ќе создава уште многу успешни приказни, ќе предизвикува уште многу внимание и ќе добива уште многу признанија и награди за своето работење.

Честитки за 65 години постоење. Нека се множат годините и бројот на учениците на Детскиот културен центар Карпош.

Ви благодарам.

Македонска лазања за најмалите во Пробиштип – сопругата на претседател Иванов, г-ѓа Маја Иванова, учествуваше на манифестацијата „Здрав ручек“
Петок, 17 Мај 2013

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска во детската градинка „Гоце Делчев" во Пробиштип присуствуваше на манифестацијата „Здрав ручек", во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана", која се одвива под нејзино покровителство.

На настанот, огранизиран од невладината организација ОХО, со поддршка на Министерството за образование и наука и локалната власт, беше презентиран здрав ручек, по препорака од нутриционист.

Пред најмалите жители на Пробиштип г-ѓа Маја Иванова го престави главниот оброк од ручекот – Македонска лазања, приготвена од тиквички, модри патлиџани, домати и мешан кашкавал, односно со состојки од македонското поднебје. Оброкот ја обезбедува потребната енергија за дневниот психички и физички напор.

„Од овде, од Пробиштип, сакам да порачам, до сите оние субјекти којшто се вклучени во правилен развој на децата - институциите, родителите, бабите, дедовците, воспитувачите, наставниците, педијатрите, уште еднаш сите заедно да дадеме на интензитет на оваа акција, да придонесеме за правилен развој на нашите деца, затоа што нашите деца, нашите поколенија, се иднината на нашата татковина", изјави г-ѓа Иванова.

Учесниците на настанот, меѓу кои и сопругите на амбасадорите на САД и на Шведска, г-ѓа Мери Џо Волерс и г-ѓа Хелена Густавсон, презентираа салата, супа, и соодветно подготвен десерт, неопходни за еден здрав оброк. Акцијата ја поддржаа и Франц и Пере од познатата музичка група „Нокаут". Сите учесници потсетија на потребата за исклучување на брзата храна од менито на најмладите.

Денешната манифестација е во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана", започната во 2011 година под покровителство на г-ѓа Маја Иванова.

Целта е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана, како предуслов за нивен правилен развој. Претходно, слични манифестации се одржаа и во други македонски градови.

alt

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 5 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal