Маја Иванова - Новости
Не смееме да ги ограничуваме нашите активности ниту временски, ниту просторно - обраќање на 5-та Национална конференција за борба против ракот на дојката
Понеделник, 08 Октомври 2012

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Како голем поддржувач на националната кампања за борба против ракот на дојката, ми претставува посебна чест да се обратам и на оваа, петта по ред Национална конференција. Ја користам оваа прилика да го поздравам организаторот, здружението „Борка – за секој нов ден“. Здружение кое со своите активности е најгласниот и најупорниот промотор на борбата против ракот на дојката во Република Македонија. Најпосветен активист за подигање на свеста кај жените за оваа болест, и еден од најистакнатите поддржувачи на жената соочена со оваа болест. Сакам да ве уверам дека за нивниот несебичен ангажман сме им бескрајно благодарни.

Одбележувајќи го месецот октомври како светски месец посветен на борбата против ракот на дојката, ние сме дел од меѓународната здравствена кампања посветена на зголемување на свеста за болеста. Кампања за собирање средства за истражувања, превенција, дијагноза, третман и лекување на оваа болест.

Во текот на овој месец, како впрочем и во текот на целата година, се организираат настани кои го насочуваат вниманието на јавноста кон оваа болест и кампањи со кои се нуди поддршка и информации за засегнатите од ракот на дојката. Поради тоа мора да ги поздравиме сите проекти, кампањи и акции на државните институции, на здравствените установи, медицинските професионалци и граѓанскиот сектор. Уште повеќе, треба сите да ја поддржиме нивната цел – да го предизвикаме вниманието на женската популација за значењето од превенција и рано откривање на оваа болест. Да ги потсетуваме на редовните индивидуални и лекарски прегледи и нивно вклучување во годишните скрининг програми за рано откривање и евентуална превенција. На тој начин значително ќе влијаеме во откривањето на болеста во нејзиниот ран стадиум, кога лекувањето е многу поефикасно. Така, сите ќе придонесеме во борбата со оваа болест и со секоја наша поддршка, со секој наш чекор на добра волја и помош ќе пружиме рака за спас на уште една жена, на уште една од нас. Таква една исклучително корисна активност се групите за психо-социјална помош и поддршка во организација на „Борка“. Местото каде една жена и ја подава раката на друга жена и од искуство ја охрабрува во нејзината лична борба. Тоа е и првата и најнеопходна помош. Помош што всушност најмногу се цени и впрочем најмногу вреди.

Затоа од особено значење за ваквите активности е да им се оддаде признание за вложувањето, поддршката и посветеноста на многу поединци, како и на голем број општествено одговорни бизниси, од кои секој на свој начин се обидува да даде свој придонес во националната борба против ракот на дојката.

Драги присутни,
Денес им искажуваме поддршка на сите кои се засегнати од ракот на дојката, директно или индиректно, како родители, партнери, сопрузи, деца, пријатели. Но, пред се, тука сме да ја искажеме нашата упорност и желба да им помогнеме на жените кои сега се соочуваат со најголемата препрека на нивниот животен пат. Да им покажеме дека не се сами. Да им покажеме дека нашето сочувство не е празен збор или залудно ветување, нашето сочувство е всушност нашето залагање, нашата помош и нашата борба за полесно соочување со оваа болест. Со секој наш чекор во создавање на подобри услови за лекување, сме се поблиску до победа на болеста преку превенција и рано откривање.

Затоа би сакала денеска посебно да ги поздравиме и оние кои успеале да ја пребродат болеста. Тие се денес тука, со нас, за да ни посведочат за вербата, истрајноста, упорноста и пожртвуваноста. Тоа се вистинските борци. Тие се всушност нашата најголема инспирација. Инспирација за сите оние кои уште ја водат таа борба. Инспирација за тие кои имаат некој близок кој се соочува со оваа болест. А, пред се, ни даваат поттик и инспирација за нашите идни активности и ангажмани. Затоа ве повикувам со аплауз да ги поздравиме токму тие жени – победници, предводници, поттикнувачи на сите наши наредни иницијативи во борбата против ракот на дојката.

Почитувани,
Свесни сме дека статистиката има исклучително значење, но не е најзначајна. Ние сме луѓе, а не бројки или статистики. Ние ја имаме можноста да си помагаме, да се поддржуваме и охрабруваме. Затоа секој поединец треба да се вклучи во вакви иницијативи, таму каде може да го даде својот личен придонес и да направи промена. Се вели: „кој спасил еден човечки живот, го спасил целиот свет.“ Ако индивидуалниот активизам помогне во постигнување на една мала промена во животот на една жена заболена од рак на дојката или пак и помогне на една жена навреме да ја открие заканата додека не е предоцна, сме постигнале голем успех. Тоа секако ни дава уште поголем поттик за наше активирање.

Услови за тоа постојат, но треба целосно да се стават во функција на оваа благородна мисија. Што поскоро - тоа подобро. Државните институции, предводени од инцијативите од нивните вработени, инцијативите покренати од граѓанскиот сектор, овозможуваат законска рамка, донесуваат здравствени стратегии за натамошен развој на овој сегмент од здравствената политика, водат кампањи за рана дијагностика, овозможуваат достојно и рамноправно лекување и третман, еднакво пристапно за сите.

Континуирано го создаваме, надградуваме и зацврстуваме партнерството меѓу државата, невладиниот сектор и бизнис заедницата. Партнерство втемелено врз високата хумана и благородна цел – борба против ракот на дојката. Партнерство кое постојано и напорно работи за подигање на свеста, со поголем и помасовен јавен ангажман, ширејќи го розевиот бран и неговата симболика.

Почитувани,
Секој месец е месец во борба против ракот на дојката. Секој ден е ден на надеж, истрајност во борбата против ракот на дојката. Не можеме и не смееме да ги ограничуваме нашите активности ниту временски, ниту просторно. Нашата цел е континуирана борба која започнува со превенција, не само во Скопје, туку во секој дел на Република Македонија.

Со таа порака, на самиот крај, сакам да ве повикам сите заедно да се обидеме со нови сили и нови мисли во секој нов ден да придонесуваме повеќе онаму каде што можеме и колку можеме. Да помогнеме токму таму каде нашата помош е најпотребна.

Ви благодарам.

Лицата со инвалидитет се луѓе како и сите други, со желби, копнежи, и аспирации – поддршка за пристапноста кон образование за лицата со посебни потреби
Четврток, 20 Септември 2012

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, ја даде својата поддршка на Меѓународниот проект за зголемување на пристапноста кон образованието за лицата со инвалидитет, на настанот кој под нејзино покровителство денес се одржа денес на плоштадот „Македонија“. Целта на проектот е да се иницираат суштински промени во образовниот процес, со што ќе се овозможи промоција и гарантирање на еднакви права за лицата со инвалидитет. На настанот за подигнување на јавната свест за значењето на соодветното образование на лицата со посебни потреби, учествуваа ученици од градинките и училиштата, професори и студенти, јавни личности, естрадни уметници, спортисти и граѓани.

Во своето обраќање пред присутните г-ѓа Иванова истакна:

Почитувани,
Ми претставува особено задоволство што денес сум овде меѓу вас и што ја имам можноста да ја дадам својата поддршка во реализацијата на меѓународниот проект за зголемување на пристапноста кон образованието  за лицата со инвалидитет. Ме радува што оваа иницијатива е поддржана од  голем број здруженија и институции, но уште повеќе што е поддржана од  граѓаните на Република Македонија.

Денес сме тука сите заедно да придонесеме кон една многу значајна цел, да го привлечеме вниманието на јавноста кон еден значаен сегмент од нашето општество – образованието, но, образование кое е еднакво пристапно за сите граѓани. Правото на образование е загарантирано со Уставот и законите на Република Македонија. Тоа е универзално човеково право и предност која денешното современо општество мора да му ја овозможи на секој поединец. Како што секој граѓанин треба да има можност да го оствари секое свое право, така и лицата со инвалидитет мора да имаат еднакви можности и пристапност до нивото на образование кое тие сакаат да го стекнат. Затоа, сите заедно, свесни за значењето на овој сегмент во издигнувањето на една здрава, општествено свесна и социјално реализирана личност, треба да работиме посветено за остварување на ова право на лицата со инвалидитет.

Почитувани,
Лицата со посебни потреби се уникатни поединци кои поседуваат богатство на знаења, вештини, интереси и искуства. Кои можат да дадат огромна разновидност, и со својот потенцијал и креативна енергија да бидат активни чинители во општеството. Тие ги прават истите работи како и сите ние, но на малку поразличен начин, и сигурна сум дека можат да ги постигнат истите резултати, па дури и повеќе. Да ги поздравиме и наградиме нивните успеси кои сите нас нè прават среќни и горди. Оваа година, радоста за златен медал од Параолимписките игри во Лондон ни ја донесе нашата гордост, Оливера Наковска-Бикова. Да ја поздравиме и да и го честитаме овој голем успех и, воедно, да поттикнеме уште многу поединци да се борат со секојдневните препреки, потпирајќи се на нашата поддршка. Токму затоа треба да се фокусираме на нивните способности, а не на нивниот инвалидитет. Треба да се фокусираме на нивната личност, а не на нивниот недостаток. Тие се рамноправни граѓани на нашата заедница, и наша обврска е да направиме сè што е во наша моќ за да им овозможиме еднакви услови и полна социјална интеграција.

Во тој контекст, образованието игра клучна улога. Ако на едно дете, еден човек со инвалидитет, не му дадеме можност за соодветно образование, тоа значи дека од старт сме му ја скратиле можноста за нормален и продуктивен живот. Тоа е неприфатливо!

Постојано и со сите напори мора да го промовираме значењето на образовниот процес, преку кој лицата со инвалидност ќе можат да се образуваат од најмала возраст, па сè до стекнување на највисоки академски степени. Образованието е од суштинско значење за проширување на животните видици. Со целосна интеграција во образовните и социјалните системи, кај лицата со инвалидност ќе се зајакне самодовербата и чувството на независност. Ќе се отворат вратите кон поквалитетен и поудобен живот, и ќе се зајакнат перспективите за постигнување успеси.

Би сакала да нагласам – лицата со инвалидитет се луѓе како и сите други. Имаат душа, желби и копнежи, аспирации и амбиции. Ним не им е потребно нашето сожалување, туку нашето пријателство и охрабрување. Ним не им е потребна милостина, туку услови за напредок и просперитет. Секој граѓанин на Република Македонија треба да ја развие таа свесност и да ги негува овие темелни вредности. Убедена сум дека тоа го можеме и дека тоа ќе го направиме.

За крај, би сакала да упатам искрена благодарност до здруженијата, универзитетите, училиштата, градинките, кои се вклучија и го поддржуваат овој проект, како и државните институции преку кои Република Македонија во своето домашно законодавство има постигнато солидна основа во заштита на правата на лицата со инвалидитет. Ја поздравувам нивната посветеност во реализацијата на една ваква благородна мисија.

Ви благодарам.

Македонија денес се поклони пред паднатите бранители – г-а Маја Иванова приреди прием за семејствата на загинатите припадници на АРМ
Сабота, 18 Август 2012

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска на денот на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија, организира прием во претседателската вила за семејствата на загинатите припадници на АРМ.

Поздравувајќи ги присутните родители, сопруги, синови и ќерки на загинатите македонски бранители, г-ѓа Иванова ја искажа својата длабока почит и восхит за нивната волја, храброст и истрајност, и за начинот на кој се справуваат со загубата на нивните најблиски.

„Би сакала да ви кажам дека тоа е загуба за сите нас и ние сочувствуваме со вас. Загубата е ненадоместлива и нема соодветни зборови за утеха, но знајте дека нивните имиња вечно ќе бидат запаметени од сите македонски граѓани и ќе останат врежани во срцето на нашата татковина, затоа што тие се жртвуваа за нашата иднина и среќа. Вие имавте татковци и синови, обични луѓе, но херои на Македонија,“ им порача г-ѓа Иванова на семејствата на загинатите припадници на АРМ.

Нагласувајќи дека секој Македонец секогаш гордо ќе се сеќава на загинатите херои, Првата дама посочи дека Медалот за храброст кој денес им беше постхумно доделен е признание за она што тие го направија за нас и за нашата татковина.

„Со овие Медали за храброст, кои денес Претседателот ги додели, Македонија се поклони пред паднатите бранители,“ нагласи г-ѓа Иванова.

Таа изрази надеж дека секој од семејствата на загинатите војници, домот на Иванови ќе го чувствува како свој дом, зашто во него секогаш ќе имаат искрени пријатели.

„Се радувам што сте денеска тука. Нашиот дом е и ваш дом и секогаш со нас ќе можете да ги споделите својата болка и тага, но и сите радости и предизвици што ги носи животот,“ посочи првата дама на Решублика Македонија, г-ѓа Маја Иванова.


„Женските права се човекови права“ - обраќање на г-ѓа Иванова на посебната сесија во рамки на 23-от Форум Кран Монтана во Баку, Азербејџан
Петок, 29 Јуни 2012

Почитувани дами и господа,
Ми претставува особено задоволство денеска да се обратам на 23-тата годишна сесија на Кран Монтана-форумот, еден од најреномираните форуми во глобални рамки. Посебна чест ми е денеска да се обратам на посебната сесија во коорганизација со УНЕСКО и ИСЕСКО. Упатувам посебна благодарност до почесниот претседавач со овој настан, мојата домаќинка, г-ѓа Мехрибан Алијева, првата дама на Република Азербејџан.

Почитувани,
Историјата ни сведочи дека не секогаш концептот на човековите слободи и права во себе го вклучувал принципот на родовата еднаквост. Различните општествени традиции, вредностите стекнати низ историјата на народите и нивното опстојување, меѓусебните врски во заедницата, им придавале различна улога и права на жените во сооднос со мажите. Тие поделени улоги и права во одредени случаи оделе толку длабоко што ја ограничувале слободата на жената, го ограничувале нејзиниот избор во одделни сегменти од животот, а со тоа и нејзиниот придонес кон унапредувањето на заедничкото живеење.

Движењата за женските права, својата вистинска афирмација во глобално дефинирање на женските права како постулати на современото општество ја доживееја дури во 20 век. Во рамките на најголемата меѓународна организација, ООН, жените и нивните права имаат посебно место. Организираните светски конференции за женските права, донесените декларации, усвоените резолуции и платформи за акција, како и нивното прифаќање во земјите-членки на ОН, претставуваат глобална основа за натамошно искоренување на родовата дискриминација, а уште повеќе унапредување на женските права и нивниот еднаков пристап до можностите.

Оттогаш наваму, на забрзан начин, низ разни форми на поединечно и заедничко дејствување, жените имаат можност да ги остваруваат и реализираат своите права. Постоечките опструкции од различен вид на женските права во одредени делови на светот – родовата нееднаквост во однос на основните права, пристапот до можностите, работата, образованието, здравствената заштита, политиката, донесувањето на одлуки – се доказ дека оваа категорија на права не секаде и не секогаш е целосно признаена и имплементирана. Тука, ние сите треба да ја насочиме нашата енергија и сили и помалку стихијно, но повеќе организирано, да настапуваме, да се активираме на локален, национален, регионален и глобален план, за жената, секаде и секогаш, да го добива заслужениот третман на еднаквост во правата и еднаквиот пристап до нив.

Дами и господа,
Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива претставува комбиниран израз на вековните традиции, култура и менталитет на народите чии патишта се прекрстувале на оваа територија, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите дваесет години од македонската независност, од друга страна. Така, мојата земја, Република Македонија, која длабоко во својата историја, традиција и култура ги има вткаено придобивките од антиката до денес, од Истокот и Западот, од христијанството и исламот, ги создаваше вредностите на секоја генерација, вредности од кои постојано учиме и континуирано ги надградуваме.

Со промените во законодавството на Република Македонија, покрај гаранцијата предвидена со Уставот, родовата рамноправност е регулирана и во други законски прописи и меѓународни договори кои претставуваат составен дел од нашиот правен поредок. Донесени се повеќе законски решенија, како што е Законот за еднакви можности и двата последователни петгодишни Национални планови за акција за родова рамноправност. Уште позначајно е дека се работи на конкретни политики, приоритети и акции за жената во однос на човековите права, во процесите на одлучување и креирање политики, здравството, социјалната заштита, образованието, вработувањето, медиумите, во однос на животната средина. Особено е значајно да се напомене дека во Република Македонија женските права не познаваат поделби, ниту по етнички, ниту по религиозен, јазичен или каков било друг критериум. Во оваа прилика, нагласувам дека определбите на Република Македонија во однос на жената и родовата еднаквост и рамноправност не се само декларативни, туку секојдневно се почитуваат, применуваат и надоградуваат.

Во Република Македонија сè поголем број вршители на високи државни и политички функции се жени. Нивната минимална застапеност во политичкиот живот е законски загарантирана со учество на една третина во претставничките тела на локално и на национално ниво. Жените со својата истрајност и залагања сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти во социјалата, здравството, образованието, културата. Во областа на бизнисот и економскиот развој на Република Македонија, жените-претприемнички заземаат сè позначајна улога. Многу успешни компании денес се раководени од жени, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност промовираат нови општествено одговорни концепти во водење бизнис.



Активностите на жените во мојата земја, поединечно и организирано, и организациите за правата и еднаквоста на жената и нејзиниот еднаков пристап до можностите ги поддржувам на различни начини преку мое директно покровителство, актвивно вклучување и ангажирање на сите видови општествени ресурси за постигнување на нивните благородни цели.

Почитувани,
Денеска, посебно сум горда што жените-лидери успеваат да им одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено да ги зачуваат семејните и традиционалните вредности. Токму тоа нè прави различни. Токму тоа му дава нова димензија и на одржливиот развој. Развој во којшто одржливоста е всушност жената. Жената којашто сплотува, жената која балансира меѓу разумот и чувствата. Жената која знае да се соочи и со успехот и со поразот. Жената која е лидер на денешнината и иден творец на утрешнината.

На крајот, инспирирана од големината на делата кои ги стоплија срцата на целиот свет, водена од скромноста и милосрдието на нејзиниот дух, го завршувам моето обраќање со зборовите на мојата сограѓанка, блажената Мајка Тереза: „Правете мали работи со голема љубов. Колку работите се помали, толку љубовта е поголема". Ве повикувам сите да бидеме истрајни на патот кон промените и да посведочиме со нашите дела.

Ви благодарам.

Манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ заедно со г-а Маја Иванова денес се одржа во Велес
Понеделник, 28 Мај 2012

Во велешкото училиште „Блаже Конески“ денеска се собраа стотици деца од основните училишта и градинките од три соседни општини, на манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“, во рамки на кампањата која под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, се спроведува низ државата.

Поддржани од своите родители и наставници, младите велешани подготвија богати штандови по училишните ходници, кои изобилуваа со свеж зеленчук и овошје, креативни аранжмани од храна, свежо цедени сокови и здрави закуски.

Изразувајќи нескриено задоволство од масовноста на акцијата и посветеноста на најмладите, г-а Иванова уште еднаш потсети колку е значајна здравата исхрана за правилниот развој на децата и израснувањето здрави поколенија, кои се иднината на нашата држава.

Учениците од велешките основни училишта, за оваа пригода, подготвија музички точки и рецитали, тематски поврзани со значењето на здравата исхрана, осврнувајќи се воедно на изобилството свежи производи достапни по македонските пазари. Со еднаков ентузијазам на своите врсници им се придружија и децата со посебни образовни потреби од училиштето „Маца Овчарова“.

Караванот „Здрава храна за детство без мана“ ќе ја обиколи цела Македонија, а го организираат Здружението на граѓани „ОХО“, во партнерство со Министерството за образование и наука, Швајцарската агенција за развој и соработка, и општините домаќини на манифестациите.


Денес чекориме за оние кои секојдневно ја водат битката - Поддршка на кампањата за борба против рак на дојка „Напред розово 2012“
Сабота, 19 Мај 2012

Г-а Маја Иванова, сопругата на претседателот д-р Ѓорге Иванов, Пол Волерс, амбасадор на САД, Гордана Јанкуловска, министерката за внатрешни работи и претседателката на Здружението Борка, Биба Додева, денеска го предводеа розовиот марш што почна на плоштадот Македонија во рамки на кампањата за борба против рак на дојка. Тие упатија порака за важноста на раната дијагноза и поддршка на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка.

„Денес обоени во розевата боја, ќе чекориме за нашите сограѓанки, оние кои секојдневно ја водат битката со ракот на дојката. Оние чиј што живот е пред огромен предизвик, најтешкиот, за кој имаат потреба од секаква поткрепа, подадена рака, поддршка и прегратка,“ изјави сопругата на претседателот на Препублика Македонија, г-а Иванова.

Сите ние денеска, додаде таа, ќе бидеме потсетник дека ракот на дојката е реалност што на секоја жена може да и се случи, потенцирајќи и дека доколку настаните како овој можат да поттикнат барем една жена да изврши преглед и да ја открие заканата додека не е предоцна, веќе сме постигнале една од целите.

Претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, истакна дека огромна чест е што оваа иницијатива привлече голем број поддржувачи, затоа што оваа борба не треба да ја препуштиме на другите, бидејќи таа борба е наша борба.

Присуството на денешниот настан, според министерката Јанкуловска, најдобро ја потврдува пораката што се пренесува, а тое е дека сите сме заедно во оваа тешка борба за оние кои ја водат, што е и причина повеќе да истраеме до крај.

Американскиот амбасадор во Република Македонија, Волерс, изрази задоволство што е тука со својата сопруга за да даде поддршка на кампањата и со тоа да придонесе за зголемување на јавната свест кај граѓаните за оваа болест.
 

„Особено задоволство е што Првата дама Иванова е денес со нас. Ја поздравувам нејзината посветеност на оваа тема и нејзината заложба за подигнување на јавната свест кај сите жени во Македонија. Горди сме и среќни што Македонија продолжува со движењето за поголема свесност во однос на ракот на дојка, но и со собирањето средства за борба против оваа болест. Овие чекори се чекори на надеж," истакна амбасадорот на САД, Волерс.
 

Амбасадата на САД во Скопје вечерва во знак на поддршка на кампањата ќе биде „обоена“ во розова боја.

Четвртата традиционална кампања за борба против рак на дојка е насловена „Напред розово 2012-Чекори против ракот на дојка“ и се одржа во организација на Здружението Борка - За секој нов ден, во соработка со Здружението Интегритет Алфа и Омега и Амбасадата на САД.

Во Република Македонија на околу 750 жени годишно им се дијагностицира рак на дојката. Денешниот марш имаше и хуманитарен карактер. Организаторите продаваа и розеви производи, а парите ќе ги наменат за поддшра и помош на болните од рак.

Обраќање на женската сесија „Управување, жените и иднината“ во рамки на 15. Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 11 Април 2012

Почитувани дами и господа, Ваши Екселенции,
Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам, денес, на женската сесија во рамките на 15. Евроазиски економски самит, организиран од  Фондацијата Мармара. Дозволете ми, да изразам благодарност и почит до организаторите, а посебно до г-ѓата Мужѓан Сувер, која со огромна упорност од година во година нè соединува на патот на кој секој нареден чекор го преземаме за подобрување на улогата на жената во глобални рамки. Воедно, ја користам приликата да упатам честитки до Фондацијата Мармара за 15-годишниот јубилеј на Евроазискиот економски самит и да посакам многу успеси во организацијата на наредните самити.

Срдечно ве поздравувам и сите вас, присутни овде. Нашето присуство, овде и сега, претставува уште еден доказ дека ниту сме се откажале, ниту сме престанале во борбата за подобро утре, за подобра иднина, туку секојдневно со нашите залагања и активности се трудиме да ги совладаме глобалните предизвици со кои се соочуваат жените.

Драги дами,
Жените со децении наназад го чекорат патот на рамноправноста и еднаквоста. Првата и вистинска цел на тој пат беше да ги добијат истите права и можности како мажите. Сепак, таа цел, сама по себе, не значеше остварување. Напротив, тоа беше само еден чекор на патот кон целосен општествен придонес, кој жената може и има обврска да го даде во социоекономските текови. Благословот кој жената го има во создавањето нов живот претставува и обврска да се грижи и за подобро живеење. На тој начин, балансот кој го создала природата е наш предизвик да создаваме и да промовираме одржливо општество во сите сфери, општество кое ќе може да се справи со сите предизвици. Вистинското прашање во таа насока веќе не е дали, туку колку можеме нашите желби и залагања да ги преточиме во реалност. А, јас сум сигурна дека можеме, дека умееме да придонесеме во развојот на нашите општества, зацврстувајќи ја неповратливоста на тој процес.

Почитувани,
Мојата земја опстојувајќи низ времето, како мост меѓу два континентa, како крстопат на многу култури, религии и цивилизации, длабоко во својата историја ги има вткаено придобивките од антиката до денес, од Истокот и Западот, од христијанството и исламот, од Европа и Азија. Во неа, условите и животот постојано се менувале и се менуваат, но она што останува се вредностите од секоја генерација од кои постојано учиме.

Сликата на македонското општество денес и улогата на жената во него претставува комбиниран израз на традиционалните вредности од една страна, и политичката волја и заложба на жените од друга страна.
Во изминатите години во Република Македонија се направени многу значајни чекори кон подобрување на општествената улога на жената. На патот кон промените, во секој сегмент од моето работење, ги поддржувам активностите и проектите кои го промовираат учеството на жените во подобрувањето на општествениот развој. На различни начини, преку мое директно покровителство, активно вклучување и иницијативи, како и ангажирање на сите видови расположливи општествени ресурси, се трудам да помогнам да се постигнат нивните благородни цели.

Со промените во законодавството за загарантирано учество на жената со 1/3 во претставничките тела, денеска сè поголем број од пратениците, министрите и вршителите на високи државни функции се жени. Со својот придонес, истрајност и залагања, жените сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти. Нивните активности суштински придонесуваат во многу политички иницијативи и законски промени во областа на социјалната заштита, здравството, образованието и културата.

Она што посебно сакам да го истакнам е учеството на жената во економските текови. Од година во година се поголем е бројот на успешни жени менаџери, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност и промовираат нови општествено одговорни концепти во водењето бизнис.

Во областа на здравството, ги поздравувам инцијативите и реформите кои се преземаат и спроведуваат во мојата држава од страна на институциите. Но, посебно сум горда на проекти кои се иницирани, водени и реализирани од женски здруженија за кои лично сум секогаш подготвена да помогнам. Во таа насока, би ја издвоила мојата соработка со Националното здружение на жените заболени од рак на дојка, со кое се обидуваме да ја промовираме потребата од редовни прегледи и навремено откривање на ракот на дојката. Но, истовремено и да им дадеме поддршка и посреќни моменти на оние кои таа борба веќе ја водат, и да ги охрабриме со примерите за успешно пребродената болест.

На полето на заштита на децата во изминатиот период, на мое големо задоволство, ги поддржувам иницијативите на граѓанскиот сектор и институциите на Република Македонија за посоодветен третман и здравствена заштита, образование и интеграција на децата со посебни потреби. Особено блиска и значајна за мене е поддршката за децата со аутизам. Под мое покровителство, веќе две години по ред, се организираат различни и многубројни активности со кои се обидуваме да ја промениме јавната свест, да покажеме дека секое дете, секоја личност ги ужива истите права и можности. И оваа година ги мобилизиравме различните општествени групи, политичарите, дипломатите, научната јавност, бизнис-заедницата и граѓаните на Република Македонија, сплотени под мотото „Аутизмот зборува, време е да слушнеме“. Tие деца се тука и важно е да ги препознаеме нивните потреби и да ги поддржиме сите активности за нивно вклучување.

Драги дами,
Денес, со вас присутни, споделив дел од активностите кои ги водам како сопруга на претседателот на Република Македонија. Се надевам дека во вашите излагања ќе ги препознаам сите оние активности и проекти, кои како жени можеби не сме доволно силни да ги реализираме, но сме секогаш успешни да ги инспирираме.

Секоја од нас од денешниот настан треба да замине со една дополнителна обврска – да ја препознае и поттикне секоја жена која е подготвена да даде поширок општествен придонес, да ја охрабри и поддржи во остварувањето на нејзините цели, и, секако, да придонесе во вреднувањето на нејзиниот успех. Само на тој начин, преку меѓусебна поддршка, ќе успееме во промените, ќе успееме да се соочиме со предизвиците, да ги надминеме разочарувањата и да ги прославиме успесите како поттик за иднината.

Ви благодарам.


Г-ѓа Иванова во поддршка на манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ во Битола
Четврток, 05 Април 2012

Учениците од основните училишта и деца од детските градинки во Битола денеска ја одржаа манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“, кампања која под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, сопруга на претседателот на Република Македонија, се спроведува во општините низ државата.

На бројните штандови, поставени пред НУ Центар за култура, беа изложени разни домашни производи, креации од овошје и зеленчук, но и детски творби и пораки за здрава храна и правилна исхрана.

„Оваа акција станува сè помасовна и во неа, освен децата, вклучени се и нивните родители, наставници и професори, односно сите субјекти што се вкчлучени во создавањето на една здрава млада личност. Треба да сме среќни што сме држава која изобилува со плодна почва, со здрава вода, со сончеви денови и затоа ако се храниме здраво ќе живееме здраво и ќе создаваме поколенија кои се иднина за нашата држава,“ истакна г-ѓа Иванова за време на денешниот престој во Битола.

Караванот „Денови на овошјето и зеленчукот“ ќе ја обиколи цела Македонија, а го организираат Здружението на граѓани „ОХО“ во партнерство со Министерството за образование и наука, Швајцарската агенција за развој и соработка, и општините домаќини на манифестациите.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, истакна дека максимално ја поддржува оваа иницијатива и ќе вложи напори за што поголема и помасовна вклученост на деца, ученици, професори од Битола, што ќе придонесе за стекнување здрави животни навики.

Општинската програма за манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ ја подготвија учениците и наставниците од ОУ „Д-р Трифун Пановски“ - Битола кои изведоа рецитал, песни и драматизации и други училишни креативни содржини.

alt


Да застанеме пред предизвикот наречен аутизам – г-ѓа Маја Иванова покровител на Светскиот ден на лицата со аутизам
Понеделник, 02 Април 2012

По втор пат во Република Македонија, а под покровителство на сопругата на Претседателот, г-ѓа Маја Иванова, во центарот на Скопје се одбележа Светскиот ден на лицата со аутизам. Целта е да се подобри квалитетот на животот на лицата со аутизам, да им се даде рана дијагностика, навремен третман, можност за едукација и соодветна здравствена заштита.

„Преку една ваква манифестација, сакаме да застанеме пред предизвикот наречен аутизам. За него велат дека е тивка болест, меѓутоа ние од овде ќе испратиме гласна порака дека ја даваме нашата безрезервна поддршка за сите оние кои што се справуваат со неа. Од овде сакам да ја упатам мојата безрезервна поддршка на родителите чии што деца боледуваат од аутизам, сакам да им кажам дека не се сами, дека секогаш имаат подадена рака, затоа што вреди да се изодат и милиони чекори преку активности и напори за да се дојде до една детска насмевка, до еден среќен блесок во очите на дете со аутизам,“ рече г-ѓа Иванова.

Таа додаде дека децата со аутизам имаат неверојатно големи таленти, за што вреди сите да се потрудиме да ги откриеме тие таленти и да им помогнеме да ги развијат во една насока во која што ќе бидат најдобри.

„Драго ми е што денеска на овој хепенинг се обединети сите - и здруженијата што се бават со оваа проблематика и надлежните институции и граѓаните, а особено ми е драго што овде се и родителите на децата кои боледуваат од оваа болест. Колку повеќе се знае за неа толку повеќе и побрзо се прифаќаат ваквите лица кои што го доживуваат светот на малку поинаков начин,“ додаде сопругата на претседателот на државата.

Манифестацијата, која ја организира здружението „Во мојот свет“ во соработка со Македонско научно здружение за аутизам, беше исполнета со богата музичка програма и осмислени активности за најмладите. Со овој настан почнува и кампањата под мотото „Еден свет за сите“, која ќе се спроведе во текот на овој месец, а со цел будење на јавната свест во Македонија за постоењето на аутизмот, како и начините на справување со него.

Во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, но според статистиката на Светската здравствена организација има 12.240 лица. Аутизмот не е емоционална болест, туку тешко развојно нарушување со генетска основа. Поновите истражувања покажуваат дека се јавува почесто од Дауновиот синдром, од ракот кај децата или глувоста. Почесто се јавува кај машките, отколку кај женските деца и тоа за четири пати.

Раното дијагностицирање на аутизмот е од клучно значење. Со современите знаења, средства и методи, аутизмот може да се детектира најрано на возраст од околу 18 месеци, со што се создава основа за интервенција кога мозокот е во фаза на формирање. Со раното откривање на аутизмот може да се обезбеди излез за аутистичните деца, како и за луѓето околу нив.


Фото-сторија во ТЕА Модерна: дамско дружење на г-ѓа Маја Иванова и г-ѓа Светлана Вујановиќ
Среда, 21 Март 2012
 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 7 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal