header

header_peperut_-_Copy3

Обраќање по повод божикниот концерт „10 години Божик - слава“ на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“
Четврток, 07 Јануари 2016   

mi-boziken1Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г.г. Стефан,
Почитуван претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,
Почитувани првосвештеници,
Почитувани присутни,
Почитувани верници,

Деновиве кога нашите градови, улици и домови се украсени со празнични светилки, а нашите трпези се збогатени со свеќници, добро е да се потсетиме зошто имаме толку светлина за Божиќ, и зошто Божиќ го славиме како празник на светлината.

Денеска се потсетуваме на првиот Божиќ. Се потсетуваме на време во кое луѓето го очекувале доаѓањето на Спасителот кој ќе ги избави од сите нивни неволји, и ќе им даде слобода, мир и напредок.

Во време кога сите луѓе го очекувале, Спасителот се појави неочекувано. На свет дојде Оној преку кого светот настана. И наместо во сила, раскош и слава, Тој се појави како детенце, родено во јасли за добиток, во сиромашно и раселено семејство. Скромно семејство изложено на безмилосно прогонство.

Драги верници,

На првиот Божиќ, кога ангелите се појавија на небото и ја пееја најубавата Божиќна песна, објавувајќи го и славејќи го Христовото раѓање, „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја", се роди надежта за човекот. Надеж дека Бог не не заборави, туку дека дојде за да не избави, и да ни даде милост и нов живот.

Синот Божји се отелотвори и стана човек не за да Му служат, туку за Тој самиот да служи, и со својот живот, смрт и воскресение да ни даде надеж, да ни ја обнови верата, и да го засади во нас семето на љубовта.

Не повикува бидеме солидарни кон немоќните, да ги нахраниме гладните, да им помогнеме на бездомните, да им служиме на болните.

Почитувани пријатели,

На Божиќ, Господ Бог нè учи да се прегрнеме, да си простиме, да се љубиме, да внесеме мир во нашите срца и хармонија во нашиот живот.

Како што Бог ги проштева гревовите на луѓето, така и ние да си простиме еден на друг и да ги надвладееме суетите и искушенијата од секојдневниот живот.

Да го сочуваме семејниот мир и разумот во нас, во духот на христијанството и вековните традиции на нашиот народ.

Да се посветиме на нашата иднина, на нашите деца, да пронајдеме сила и доволно љубов да станеме доброчинители, да го препознаеме заедништвото и да поттикнуваме меѓусебна поддршка.
Да ја зајакнеме верата во Бога, да си подадеме рака и да го отвориме своето срце со искреност и доверба еден кон друг.

Да ја вратиме надежта во нашите животи, надежта за подобро утро, сидрото на цврстите и решителни одлуки, сонцето на новиот ден во кој заедно работиме и создаваме за нас и идните поколенија.

Почитувани сограѓани,

Црквата отсекогаш била втор дом на нашиот народ. Низ вековните премрежја на нашето опстојување, црквата го чувала нашиот идентитет, нашето писмо, нашите традиции, нашите одбележја како Македонци. Црквата го буди спокојството, го негува заедништвото, го слави животот, ја обновува верата во нашите срца кон Христа.

Светата маченичка Злата Мегленска пред повеќе од 200 години после многу искушенија не се откажа од верата кон Господа и остана симбол на женската пожртвуваност и решителност.

Затоа, вечерва на хорот Св. Злата Мегленска, кој веќе 10 години со песни го слави Името Божје, им посакувам со посветеност, пожртвуваност и решителност да продолжат со нивната работа и да ја промовираат Република Македонија и нашето христијанско наследство секаде низ светот.

Како покровител на овој Божиќен концерт ве поканувам низ звуците на хорот да ја почувствуваме Божиќната радост и да ја пренесеме во нашите домови.

„Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја".

Нека ни е честит Божиќ! Христос се роди!

За многу години!

mi-boziken3

mi-boziken2

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal