header

header_peperut_-_Copy3

Потребен е партнерски однос за успешно менаџирање на борбата против ракот - обраќање по повод Светскиот ден на борбата против ракот
Четврток, 04 Февруари 2016   

borka1-04022016Почитувани присутни,
Ваши Екселенции,
Дами и господа,
Почитувани претставници на медиумите,

Поканата да бидам денес со сите вас ја прифатив недвоумејќи се, најмногу поради тоа што дојде од Здружението „Борка - за секој нов ден", мој долгогодишен соработник, партнер и верен пријател. Кога зборувам за ова здружение секако мислам на претседателот г-ѓа Биба Додева, на волонтерите и на поддржувачите на здружението, моите драги пријателки – борките и нашите розови активности.

Но денес, драги присутни, заедно со уште неколку здруженија кои работат во областа на борбата против ракот од секој вид, го одбележуваме Светскиот ден на борбата против ракот.

Овој ден нè поттикнува да пројавиме интерес за трендовите во дијагностицирањето и лекувањето на глобално ниво, за резултатите од најновите истражувања. Нè потсетува да размислуваме за ситуацијата на национално ниво, преку државните институции до активноста на граѓанскиот сектор, преку ангажираноста на пациентските организации до нашиот личен однос, посебно во контекст на препораките за превенција.

Драги пријатели,

Секој од нас со леснотија би можел да зборува за позитивните аспекти на човековото живеење, да ја воспева љубовта, надежта, успесите, пријатните мигови и радосните нешта. Меѓутоа, огромен предизвик за секој од нас е кога човек може да се издигне и пронајде сила за да ги охрабри болните кои ги пребродуваат најтешките моменти во својот живот и да им пружи неопходна поддршка неопходната помош, а најголема инспирација се оние кои ја победиле подмолната болест и кои не потклекнале пред неа.

Ракот е една од болестите која е со најголема смртност кај човечката популација. Ракот е болест која од година во година предизвикува поразителни статистички податоци. Ракот е најголем здравствен проблем со кој се соочуваат и развиените и земјите во развој. Без разлика дали станува збор за карцином, сарком, лимфом, леукемија, секое малигно заболување претставува непријател од највисок ризик, кој апсолутно треба да се третира како најголема закана.

Проекциите на статистичките податоци за смртноста од малигни заболувања на глобално ниво за наредните 20-30 до 40 години се поразителни. Едноставно, вознемирувачки. Проценката на смртноста од ракот е огромна бројка - милиони човечки животи.
Како и во секоја земја, така и во Република Македонија, постојат многу страни во битката против ракот. Сметам дека постигнувањето на партнерски однос меѓу сите страни е предиспозиција за успешно менаџирање на борбата против канцерот. Преку постигнување на принцип на еднакво партнерство меѓу државните органи, здравствените институции и здруженијата на пациенти неизбежни се позитивните промени и позитивни резултати. Сите страни рамноправно да учествуваат во донесувањето на заеднички одлуки за подобар здравствен систем во земјата. Заеднички да се постигне здравствен систем кој овозможува еднаков пристап, висококвалитетна здравствена заштита, задоволување на потребите на пациентите и подобрување на квалитетот на животот на секој граѓанин кој се соочува со дијагностициран канцер.

Мораме да бидеме проактивни, мораме да преземеме конкретни мерки и акции. Голем исчекор во таа насока е поставување на малигните болести на ниво на приоритет во здравствениот систем на Република Македонија, а уште повеќе, прогласувањето на 2016 година за година на борба против ракот во Република Македонија. Да имаме исполнета агенда и да водиме бројни активности за заедничка борба против ова заболување.

Денес, би сакала да го поздравам и промовирањето на Aлијансата на пациентски организации, која се оформи во октомври минатата година, а, денес, на Светскиот ден за борба против ракот, се претставува пред јавноста. Петте организации кои се дел од оваа Алијанса имаат значајна обврска за оваа година, да бидат едни од главните носители на активностите во годината на ракот во Република Македонија. Ги поздравувам уште еднаш здруженијата „Борка", „Животна искра", „Живот со предизвици", „Пеперутка" и „Хепар центар". Ја искажувам мојата поддршка и ги повикувам сите други организации кои работат во истата област, да се приклучат кон оваа иницијатива и да го зајакнат уште повеќе заедничкиот глас на пациентите со малигни заболувања во нашата држава.

Драги пријатели,
На крајот, би сакала да ги пренесам пораките за 2016 година, како година на борбата против ракот во Република Македонија. Пораките се многу јасни, конкретни, инспирираат и поттикнуваат:
- Јас можам да побарам поддршка.
- Јас можам да бидам јас.
- Јас можам јавно да говорам.
- Јас можам да изберам здрав начин на живеење.
- Ние можеме да инспирираме активности.
- Ние можеме да го спречиме ракот.

ЈАС МОЖАМ. НИЕ МОЖЕМЕ. ПРИКЛУЧЕТЕ НИ СЕ СИТЕ!

Ви благодарам.

borka2-04022016

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal