header

header_peperut_-_Copy3

Одбележување на 2-ри Април – Меѓународен ден на лицата со аутизам
Сабота, 02 Април 2016   

autizam_02042016Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова присуствуваше на одбележувањето на 2-ри Април – Меѓународен ден на лицата со аутизам, што под нејзино покровителство се одржа во Едукативниот центар во Зоолошката градина во Скопје.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со аутизам е во организација на Здружението за третман на лицата со аутизам, АДХД и Апсергеров синдром – "Во Мојот Свет".

За поефикасно справување со аутизмот, изјави г-ѓа Иванова, потребно е фокусирање на раната дијагностика и превенција, повеќе дневни центри низ Македонија за децата со аутизам и пред се, отворање дијагностички центар за аутизам и оформување регистар на лица со ова нарушување во Македонија.

- Сакам да потенцирам дека почнаа многу работи да се организираат на полето на аутизмот, но никогаш не е доволно. Мора да продолжиме и понатаму со нашите активности затоа што статистичките податоци говорат дека бројот на случаи со аутизмот расте секојдневно, не само во Македонија туку и на глобално ниво и ова е глобален проблем. И Затоа денеска, пред се, сакам да порачам дека вниманието треба да го посветиме на раната дијагностика и раната превенција, на отворање повеќе дневни центри низ Македонија каде ќе може децата да се собираат и да имаат посебни активности, стручна подготовка и обуки на стручен медицински персонал кој ќе работи со лицата со аутизам. Пред се, многу битно, оформување на еден регистар колку луѓе имаме во Македонија со аутизам и она што е најзначајно, е отворање на дијагностички центар за аутизам кој што се надевам дека во најскоро време ќе биде отворен, изјави г-ѓа Иванова на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со аутизам.

Таа нагласи дека Република Македонија од 2010 година се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на лицата со аутизам.

- Оттогаш па наваму, на овој ден го креваме нашиот глас за да ја подигнеме јавната свест во општеството дека аутизмот постои, како треба да се третира аутизмот во општеството и како треба да се третираат лицата со аутизам. Аутизмот не е болест, не е ни најмалку заразна болест, туку претставува едно душевно нарушување. Не случајно децата со оваа болест ги нарекуваат „тивки мудреци", затоа што тие живеат во еден посебен свет со едни свои таленти и навики, нагласи г-ѓа Иванова.

Најави дека Кабинетот на Претседателот на Република Македонија годинава ќе се вклучи во меѓународната кампања "Да осветлиме во сино" за поддршка на лицата со аутизам и вечерва ќе биде осветлен во сино.

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal