header

header_peperut_-_Copy3

Обраќање на г-ѓа Маја Иванова по повод 15-годишнината од основањето на СОС Детско село во Република Македонија
Среда, 30 Ноември 2016   

SOSjubilej1        


Ми претставува посебна чест и задоволство што под мое покровителство го одбележуваме 15-годишниот јубилеј од постоењето на СОС Детско Село во Република Македонија. 

На почетокот, ја користам оваа прилика да ви пренесам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со чија поддршка уште на почетокот на неговиот прв мандат одлучив да се посветам на активности поврзани со нашето најголемо и непроценливо богатство, нашите најмили и најранливи - децата.
 

 Дами и господа, 

Се вели семејството е столб на секое општество, но што со децата кои ја немаат среќата и можноста да растат во своето биолошко семејство. Што се случува кога судбината ќе си поигра со нив и се оставени сами? Децата кои немаат семејство или пак се отфрлени од своето биолошко семејство немаат огромни барања за да се чувствуваат сакани. Малите моменти на внимание и топлина се доволни детето да се почувствува сакано. 

Токму во таквите случаи се препознава вистинската и незаменлива улога на СОС Детското село во животот на тие деца. Пред сè, преку обезбедување на чувство на припадност, заштитеност кај децата згрижени во СОС Детското село, учење на вредности, но и одговорности, создавање на релации кои траат за цел живот, лекување на емоционалните рани, отфрлање на чувството на отуѓеност и оставеност, но и градење самодоверба. 

sosjubilej4Почитувани, 

Минатата недела имав прилика да го посетам СОС Детско село и се уверив дека имате толку многу работи со кои треба да се гордеете и кои сигурно ви се мотивација за натамошни поголеми подвизи и успеси, за што секако ја имате и мојата целосна поддршка. Уште еднаш ви благодарам за срдечното и топло гостопримство. На мое огромно задоволство тоа беше еден прекрасен ден поминат заедно со тимот на СОС Детско село, но и со СОС семејствата, СОС мајките и децата кои го збогатија денот со нивната симпатична претстава и досетливи стихови во нивниот рецитал.

Драги пријатели,

Вечерва би сакала да ги поздравам сите ваши активности и да ве охрабрам да продолжите со успешната работа и понатаму, проширувајќи ја и надополнувајќи ја хуманата и благородна мисија на СОС Детското село за уште многу години. 

Во оваа прилика би сакала посебно да ги поздравам СОС мајките и СОС родителите, чија улога е од највисоко и исклучително значење. Тие со својата грижа и внимание, споделувајќи ги сите радости и таги кои ги носи секојдневието, им помагаат на децата да ја почувствуваат сигурноста на топлиот дом и љубовта од ближните и им помагаат да растат и да се развиваат во стабилна семејна средина, исправајќи ги пред животните предизвици како изградени, силни, независни личности и одговорни граѓани. 
 

 Дами и господа,

Највисоко ја цениме мисијата на СОС Детското село за згрижување на деца кои се во состојба на ризик и се во опасност да бидат отфрлени од нивното биолошко семејно опкружување. Покрај згрижувањето на децата, СОС Детско село работи и на превентива од можноста детето да биде отфрлено од своето биолошко семејство. Уверена сум дека вашите ангажмани во тој контекст даваат позитивни резултати, за што, уште еднаш, ви упатувам честитки. 

Вашата организација им дава поддршка на децата во образовниот процес, ги прави подостапни здравствената заштита и основните здравствени услуги за згрижените деца, им обезбедува социјална нега и грижа, ги учи за нивните права, но и се бори истите да бидат подигнати и почитувани на уште повисоко ниво. И, најмногу од се, им ги отвора вратите на згрижените деца за еден поубав, посветол и повесел свет, каде и тие имаат своја фамилија, каде и тие имаат и браќа и сестри, каде и тие се безгрижни и ослободени од проблемите на возрасните и на секојдневието; им ги отвора вратите за една светла и стабилна иднина во која и тие ги имаат истите права и можности, како и нивните врсници.
 

 sosjubilej3Драги пријатели, 

Секој дополнителен ангажман на СОС селото е за поздравување, меѓу кои би го издвоила отворањето на Советодавен центар за родители и деца во Шуто Оризари, кој по една година од основањето прерасна во Советодавен центар за родители и деца на ниво на општина Гази Баба.

Улогата на СОС Детското село е огромна за сите згрижени деца, затоа што од таму заминуваат како независни и изградени личности со вредности, знаења и вештини за самостоен живот. Но, да не наидат на голем пресврт или пресек во својот живот, од згрижувачко семејство директно во самостојност, улогата на СОС Детското село не завршува одеднаш, туку продолжува со поддршката и понатаму, во младински заедници, а потоа по 18 година и во рамките на програмата за полунезависно живеење. 

Имајќи предвид дека Република Македонија во изминатиот период е соочена со еден од најголемите хуманитарни предизвици во денешно време, мигрантската криза, од неодамна и СОС Детско село го прошири своето работење и со децата во прифатните пунктови во пограничните појаси. Секоја чест за сите ангажмани кои ги преземате за децата кои престојуваат во привремените кампови на Табановце и Богородица. 

Но, ова не е се, има уште многу работи кои треба да се истакнат за СОС Детското село, но според мене, колку и да се обидуваме да кажеме, секогаш може нешто да се изостави затоа што нивниот делокруг на работа е широк. Но, едно сум сигурна, и затоа морам да нагласам – ве замолувам со аплауз да ги поздравиме вработените и волонтерите во СОС Детското село, и, секако, да ги поздравиме сите тие кои од почетоците на СОС Детското село учествуваа во градењето на ваквата успешна приказна за пример.
 

 Почитувани пријатели,

Би сакала да упатам голема благодарност, но и повик до сите институции, невладини организации, поединци да продолжат или да се вклучат и да ја поддржат работата на Селото. Затоа, на овој 15 годишен јубилеј од вашето постоење, испраќам срдечни честитки до сите некогашни и сегашни згрижени деца и вработени, волонтери, СОС родители, СОС мајки, СОС тетки, и до сите кои директно или индиректно ја помагаат работата на СОС Детското село.

Сите ние имаме обврска да се потрудиме правата на децата да ги направиме приоритет, а децата пак можат да ни возвратат со тоа што ќе научат да уживаат во своето право на безгрижно детство.
 

 Ви благодарам.

sosjubilej2 

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal