Меѓународни организации

Република Македонија се залага и ја остварува политиката на отвореност кон сите, регионално поврзување и зголемена соработка меѓу земјите за постигнување и одржување на интерконектирани општества, засновани на слободата, мирот и демократијата, почитувањето на човековите слободи и права, владеењето на правото. Преку надворешната политика - на билатерален, регионален и на мултилатерален план – земјата активно ги промовира своите национални вредности и интереси, подготвена да придонесе кон справување со регионалните, но и предизвиците на глобализираниот свет. Карактеристика на новите гео-културни процеси се инклузивноста и поврзувањето, и токму затоа европската и евро-атланската интеграција се врвни стратешки цели на Република Македонија, од витален интерес за долгорочната стабилност, безбедност и благосостојба на земјата, но и на регионот.

 

NATOlogoРепублика Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и активно учествува во мировните мисии во Ирак, Авганистан и Босна и Херцеговина, потврдувајќи се себеси како една од водечките нации кои придонесуваат кон светскиот мир. Земјата спроведе успешни реформски зафати, доби три позитивни препораки за членство од Европската комисија и е подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската унија. Евро-атлантските интеграции, градењето, чувањето и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка остануваат во центарот на македонското надворешно-политичко дејствување. Формалното приклучување на Република Македонија кон европското и евро-атлантското семејство ќе отвори нов хоризонт, со нова иднина за Македонија.

 

Република Македонија и меѓународните организации

Паралелно со процесот на стекнување независност на Република Македонија во 1991 година, започна и процесот на етаблирање иEUlogo позиционирање на земјата на меѓународен план, преку воспоставување комуникација, развивање соработка и стекнување членство во меѓународните организации. Процесот на меѓународно признавање на новата самостојна и независна држава започна во 1992 година. До денес се воспоставени дипломатски односи со вкупно 167 држави. Целосни дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Европската унија беа воспоставени на 29 декември 1995 година. 

 

Република Македонија стана членка на Обединетите нации на 7 април 1993 година, а последователно и на сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ООН. Две години подоцна, во 1995 година, Република Македонија стана членка на Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Советот на Европа, како и на други релевантни регионални организации и иницијативи - Светската трговска организација (2003), ЦЕФТА (2006) и полноправна членка на Франкофонијата (2006).
 

UNlogoЗа целиот овој период, Република Македонија настојува да се промовира како одговорен субјект во меѓународните односи, прифаќајки ги основните принципи и цели содржани во Повелбата на ООН како базични постулати врз кои се темели нејзината надворешната политика. На регионален план, настојува да ги унапреди добрососедските односи, соработката и одржливиот развој на регионот на кој му припаѓа. Свесна дека нејзиното забрзано и целосно евро-атлантско интегрирање кореспондира со засилено учество во активностите, инструментите и режимите на меѓународните организации во кои членува, промовирајќи ги притоа евро-атлантските вредности во овој контекст, Република Македонија постојано настојува да го унапреди својот профил на мултилатерален план. Настојува да даде активен продонес во исполнувањето на Милениумските развојни цели на ООН, во борбата против меѓународниот тероризам и справувањето со другите видоизменети закани и предизвици по меѓународниот мир и безбедност на почетокот на 21-от век. Се залага за ефективен мултилатерализам, за јакнење на ООН преку нејзино реформирање, како и развивање соработка со регионалните организации.

 

Приоритетните прашања на Република Македонија во системот на ООН остануваат човековите права, разоружувањето и непролиферацијата, борба против тероризмот, климатските промени и одржлив развој, имплементација на милениумските развојни цели, како и реформата на системот на ООН со цел неговото приспособување за справување со актуелните глобални предизвици.

 

Во рамките на 16 годишната активна соработка на Република Македонија со Советот на Европа, претставниците на владините институции редовно и активноCouncilEuropelogo учествуваат во работата на Управните, Ад хок комитетите и Комитетите на експерти на Советот на Европа, чии состаноци се во функција на спроведување на меѓувладината програма на активности и хармонизирање на европските политики во сите сфери, освен одбраната. Од мај до ноември 2010 година Република Македонија за првпат претседаваше со Комитетот на министри на СЕ. Во рамките на своето шестмесечно претседавање, Република Македонија даде максимален придонес во насока на промоција на вредностите и стандардите на Организацијата, како и за подобрување на нејзината политичка релевантност на меѓународната сцена. Приоритетите на македонското претседавање со Организацијата се однесуваа на засилувањето на заштитата на човековите права, јакнењето на интеграцијата со почитувањето на различноста и промоцијата на младинската соработка.

 

OSCE_logoРепублика Македонија, исто така, има се поактивна улога во рамките на ОБСЕ, со што се вбројува во групата земји кои прераснуваат од консументи на помош од оваа организација во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност. Во 2009 година за првпат македонски дипломат беше избран за Шеф на Канцеларија на ОБСЕ во Ашгабат, Туркменистан. Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија е најстарата теренска мисија на Организацијата. Истата започна со работа во септември 1992 година со мандат (утврден во Меморандум за соработка меѓу РМ и КЕБС/ОБСЕ) со главна цел за спречување на прелевање на конфликти од регионот. Активностите на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија се одвиваат во тесна соработка со македонските власти. По 2002 година, константно се одвива процесот на намалување на персоналот согласно постигнатите резултати. Во моментов, активностите на Мисијата се насочени кон областите и реформите приоритетни за Република Македонија, а се поврзани со остварувањето на стратешките надворешно-политички цели на земјата.
 

Република Македонија е исто така вклучена во бројни регионални иницијативи. Уште од 1993 година е вклучена во Централо-европската иницијатива (ЦЕИ). Во 2003 година земјата беше иницијатор на самитот посветен на Дијалог меѓу цивилизациите, кој се реализира во партнерство со Советот на Европа и УНЕСКО. Десет години потоа, во 2013 година, Македонија повторно ќе биде домаќин на овој регионален самит. Република Македонија зема активното учество и во Процесот на соработка во Југо-источна Европа (ПСЈИЕ), со кој ќе претседава во 2012-2013. Земјата исто така цврсто се залага за што поскоро членство во Јадранко-јонската иницијатива и Дунавската стратегија, со што ги потврдува своите основни начела дека иднината на регионот ќе е извесна и успешна само преку зголемена регионална доеврба и соработка.

 

Република Македонија - Човекови права

Заштитата и промоцијата на човековите права останува еден од важните елементи на македонската надворешна политика. Република Македонија е членка на основнитеHR_council конвенции за човекови права во рамките на ООН, редовно доставува извештаи за нивна имплементација и остварува тесна соработка со комитетите воспоставени со овие конвенции. Македонија континуирано ги зајакнува активностите и партиципацијата во телата на меѓународните организации кои работат во оваа сфера. Земјата силно го поддржа формирањето на Советот за човекови права во 2006 година, како најсоодветен форум за натамошна промоција на човековите права и основни слободи преку универзално партнерство и дијалог. Од овие причини, Република Македонија поднесе кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2013-2016 година.
 

Во напорите за промовирање на универзалните човекови права, Република Македонија несомнено придонесе и со организацијата на двете светски конференции за меѓу-религиски и меѓу-цивилизациски дијалог, кои се одржаа во Охрид во 2007 и 2010 година. Следната конференција од овој тип ќе се одржи во 2013 година. 

(http://www.worldconferenceohrid.kultura.gov.mk/)

 

Преглед на меѓународни договори, членства и партнерства:

Мултилатерални договори

Членство во меѓународни организации

Членство во регионални организации