Приоритети на Претседателот

8 приоритети за 8 месеци

Функцијата Претседател на државата не е само највисоката функција согласно нашиот Устав. Да се биде Претседател значи да обединува, а не да дели, да поттикнува заедништвото и меѓусебното разбирање.

Да се биде Претседател значи да се има храброст и одважност да се донесуваат тешки одлуки, да се биде гордост на граѓаните.

Претседателот ги поврзува сите граѓани кои живеат во нашата земја, работи за граѓаните, му служи на својот народ, стручно, чесно и правично, ги поврзува граѓаните независно од нивното етничко, верско, социјално или друго потекло.

Клучни заложби на Претседателот на Република Северна Македонија:

Да биде претседател на сите граѓани

w

Да го поддржи политичкиот дијалог

p

Да биде достапен и во постојана комуникација со граѓаните.

Осум најважни проекти за првите осум месеци од мандатот на претседателот Стево Пендаровски:

1. Форум за натпартиски политички дијалог

Претседателот за поттикнување на политичкиот дијалог, националното помирување и надминувањето на општествените конфликти, ќе организира редовни средби со политичките партии и ќе поттикнува постигнување натпартиски компромиси за стратешки важните прашања. Според потребите, ќе биде вклучена и академската и стручната јавност, бизнис-заедницата, синдикатите и граѓанските организации. Годишната конференција ќе биде можност за претставување на научните достигнувања и резултатите од истражувањата на научниците, истражувачите и иноваторите во нашата држава.

2. Лице во лице со претседателот

Претседател-близок со граѓаните. Проектот ќе овозможи директни контакти на претседателот со граѓаните, претседателот ќе ги посети и директно, без посредници ќе разговара со нив, ќе одговара на нивните прашања, ќе ги сослуша нивните проблеми и ќе иницира нивно решавање.

3. Претседателски Центар за политичко образование

Во рамките на Кабинетот на претседателот, ќе  се формир центар за континуирано политичко образование. Овој центар нема да биде школа за политички елити, туку ќе ги поврзува  младите од различно потекло со еминентни предавачи и тренери од државата и странство. Центарот ќе поттикнува интерес кај младите за политиката и ќе ги мотивира тие да се вклучат, да ја разберат и да ја практикуваат на најдобар можен начин.

4. Фонд за стипендирање студенти и истражувачи

Фондот за стипендирање  ќе им овозможи образование на младите талентирани студенти и истражувачи. Тие ќе можат да стекнуваат знаење на универзитетите во државата, но  шанса ќе добијат и наши студенти кои треба да одат на реномирани универзитети во странство, Со ова ќе се  прошират можностите  што повеќе млади да може да имаат бенефит од овој фонд. Фондот ќе поддржува и иновативни истражувачки проекти на млади истражувачи коишто работат на универзитетите и научните установи во земјата.

5. Годишна конференција за научен и технолошки напредок

Претседателот мора да  игра активна улога во поддршка на образованието и науката. Годишната конференција ќе биде можност за претставување на научните достигнувања и резултатите од истражувањата на научниците, истражувачите и иноваторите во нашата држава. Таа ќе биде поддржана од претседателот, а организирана во соработка со универзитетите и научните установи во земјата.

6. Волонтираме за солидарно општество

Претседателот треба да ги поврзува граѓаните и институциите и да придонесува за подобра комуникација. Кабинетот на претседателот ќе организира волонтерски настани секоја година  на којашто граѓаните ќе имаат можност да волонтираат за општокорисна цел. Целите и настаните ќе бидат дефинирани на годишно ниво во соработка со државните институции, општините и граѓанските организации. Основна цел е да се промовира волонтерството како концепт за служење на заедницата и помагање на ранливите групи граѓани.

7. Жени во политиката

Претседателот ќе назначи посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката. Заедно со неа, Кабинетот ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката и за поддршка на  заложбите за задожително учество од најмалку 50 % жени на изборните листи на парламентарните и локалните избори.

8. Претседател на сите граѓани

 Во кабинетот на претседателот ќе има претставници од сите етнички заедници избрани според нивната компетентност и професионалност. Кабинетот на претседателот ќе го отсликува мултикултурниот карактер на нашето општество.

Претседателот е глас на разумот, силен заштитник на граѓаните и има суштинска улога во обезбедување национален консензус и стратегија околу клучните прашања од интерес на граѓаните.

Претседател
Република Северна Македонија

Улица „Ацо Караманов“ 33А,
Скопје, Република Северна Македонија