Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска оствари видео разговор со сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска.
Соговорничките разговараа за претстојниот Трет самит на првите дами и господа посветен на менталното здравје ширум светот и коешто е најмногу распространето кај младите и децата како најранлива категорија.
Во таа насока, г-а Ѓоргиевска ја поздрави иницијативата и заложбите на г-а Зеленска за дискутирање и изнаоѓање на решенија за подобрување на менталното здравје истакнувајќи дека е потребно заедничко делување на институциите, стручните лица и поединечно за справување со оваа горлива тема, што е особено важно во време на конфликт.
Г-а Зеленска се заблагодари на г-а Ѓоргиевска за нејзината севкупна поддршка, особено за нејзиниот придонес со учеството на Вториот самит на првите дами и господа на којшто говореше за значењето на образованието како влог во иднината.