Изјава на претседателот Пендаровски на прес конференцијата со српскиот претседател Вучиќ

22 ноември 2019 | Обраќања, Соопштенија

Почитуван претседателе Вучиќ,
Почитувани граѓани, претставници на медиумите,

Денеска имам чест да престојувам во моја прва официјална посета на пријателска Република Србија. Со мојот домаќин, претседателот Вучиќ имав можност, и допрва ќе имаме можност при крајот на овој ден, да разговараме за теми од заеднички интерес за нашите држави и за нашите народи.

Веднаш на почетокот, дозволете ми да изнесам дека денешнава моја посета е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, но и уште една можност заеднички да ја потенцираме важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу нас, така и пошироко во нашиот регион.

Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа.

Почитувани,

Со претседателот Вучиќ заклучивме дека односите меѓу двете земји се одлични и без спорни точки. Се заложивме различните гледишта во однос на дел од прашањата од нашата билатерална агенда да продолжиме да ги дискутираме како пријатели на конструктивен начин. Сметам дека наша должност како претседатели е да создаваме позитивна атмосфера и сите прашања да ги решаваме по пат на дијалог со максимално меѓусебно почитување и разбирање.

Со претседателот Вучиќ разговаравме и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ. Јас уште еднаш го истакнав ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправно членство во Унијата на крајот од овој процес. Европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирање на највисоките европски стандарди.

Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка.

И токму кога говорам за стабилноста на регионот, би сакал да ве информирам дека се осврнавме и на неколку аспекти од дијалогот Белград-Приштина. Претседателот Вучиќ е секогаш добро информиран соговорник, па имав можност од прва рака да ги слушнам неговите размислувања во однос на перспективите на овој дијалог. Секако, искористив прилика да ги повторам и моите ставови изразувајќи очекување дека со помош на меѓународната заедница и посебно нашите западни партнери ќе бидат создадени услови за сериозен напредок, па и за конечно затворање на ова прашање. Решението што ќе го договорат Белград и Приштина мора да придонесува кон регионалната стабилност и безбедност и по наше мислење не смее да задира во суверенитетот на другите држави во регионот.

Почитувани,

Во разговорите посебен акцент ставивме и на економската соработка, бројките ги чувте од претседателот Вучиќ. Нашата идеја е тие да бидат далеку надминати во годините кои претстојат. Притоа, на заедничко задоволство констатиравме дека економските односи веќе трета година по ред, последователно бележат интензивен и нагорен тренд. За тоа ќе разговараме и подоцна во текот на овој ден, на средбата на стопанските комори од двете земји.

И покрај позитивните трендови морам кажам дека евидентна е потребата од зајакнување на економската размена и во таа насока јас мислам дека постои простор за понатамошно подобрување на соработката. Ние мораме да се завртиме кон иднината, а тоа значи да ги насочиме комплет, целосно, нашите капацитети кон економијата, како предуслов кон инфраструктурата, со цел граѓаните од нашите две земји и од регионот да живеат подобро.

На нашите две земји и на нашиот регион во целина му е потребно натамошно многу подобро инфраструктурно поврзување. И во тој контекст упатив честитка до претседателот Вучиќ за комплетирањето на два исклучително важни автопати, како за Србија, така и за нас, и пошироко за регионот, а тоа е автопатот кон Северна Македонија и кон Бугарија, за кои очекувам значително да влијаат врз подигнување на нивото на трговските односи во регионот.

Меѓу останатото, но не и помалку важно, се разбира, разговаравме и за положбата на македонското национално малцинство во Србија и српската заедница во Северна Македонија, како и за нивниот значителен придонес во севкупните односи меѓу двете држави.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да му се заблагодарам на мојот домаќин, претседателот Вучиќ за поканата и за срдечниот пречек овде во Белград и да истакнам дека се надевам дека во текот на 2020 година ќе имам можност да го возвратам гостопримството.

Благодарам.


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, по повод 21-годишнината од загинувањето на 10-те армиски резервисти кај месноста Карпалак, денеска положија цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје и пред...

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија продолжува со имплементација на проектот „Успешни млади“, признание кое што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе...

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 август - Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите ја упати следната порака: „Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи...

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе...

Делегации од Кабинетот на претседателот положија цвеќе по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Делегации од Кабинетот на претседателот положија цвеќе по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

По повод чествувањето на државниот празник 2 Август, Илинден - Денот на Републиката, делегации од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, положија цвеќе на спомениците во Скопје, Крушево, Пелинце и Смилево. [gallery...