Изјава на претседателот Пендаровски на прес-конференцијата со австрискиот претседател Александер Ван дер Белен

11 октомври 2019 | Соопштенија

Почитувани претставници на медиумите,

Денеска ја имам честа да престојувам во официјална посета на Република Австрија, земја членка на Европската унија и држава со која споделуваме партнерски и пријателски односи. Почитуван Претседателе Ван дер Белен, искрено благодарам за поканата и за укажаното гостопримство.

Северна Македонија и Австрија се пријателски земји, а реализацијата на оваа посета во пресрет на одбележувањето на 25 години од воспоставување на дипломатските односи е потврда за цврстото пријателство меѓу нашите две држави и нашите два народа.

На средбата се заблагодарив на претседателот за постојаната и силна поддршка која Австрија ја дава за европската интеграција на мојата земја. Австрија е наш силен поддржувач и сметам дека е држава која е целосно посветена на остварувањето на долгорочните стратешки интереси на Европа.

Австрија е една од првите европски држави кои ги чувствуваат позитивните процеси на Балканот, но и повремените проблеми и негативните тенденции. Од своја страна, Виена за нас на Балканот, традиционално претставува порта кон Европа. Во овој контекст, силна и симболична порака е реализацијата на оваа посета, која и претходи и на една важна одлука што Европскиот совет треба да ја донесе следната недела, и која сите со нетрпение ја очекуваме – датум за отпочнување преговори за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската унија.

Со австрискиот претседател се согласивме дека тоа e праведно и заслужено признание за досегашната улога на Северна Македонија, како во креирање на добрососедската политика во Југоисточна Европа, така и во европските интегративни процеси во кои несебично даваме и ќе продолжиме да даваме свој придонес за надградбата на нашиот заеднички дом, Европа.

Претседателот Ван дер Белен ме увери дека Австрија ја поддржува евроинтеграцијата на државите од западниот Балкан и без заддршка опстојува на позицијата дека почетокот на преговорите за членство во Европската Унија не треба, дополнително, да биде оддолжуван. Се надевам дека и другите европски лидери ќе ја поддржат оваа политика, што впрочем е и поддршка на самата европска идеја за обединувањето.

Во спротивно, сметам дека отсуството на јасна европска перспектива би привлекла други влијанија во нашиот регион.

Почитувани,

Австрија е историски присутна во нашата земја и во регионот, и политички и економски. Пред сè, како значаен трговски партнер и прв странски инвеститор во нашата држава со вкупни инвестиции од над 600 милиони евра. Токму присуството на 45 австриски компании на пазарот на Северна Македонија и честите бизнис-контакти, како и активностите на Македонско-австриската бизнис-асоцијација, дополнително придонесуваат за зближување на нашите држави и народи.

На средбата со австрискиот претседател разменивме мислења и за актуелните состојби и предизвици со кои се соочува и Европа и регионот, бидејќи живееме во предизвикувачки времиња на меѓународната сцена. Се согласивме дека наш заеднички геостратегиски интерес е југоистокот на Европа да биде демократски и развиен, кој ќе зрачи со стабилност кон Европа и ќе биде мост за економски развој и размена со растечките пазари на Азија.

Со претседателот разговаравме и за неговата иницијатива за климата. Во оваа прилика сакам да дадам целосна поддршка за оваа исклучително важна иницијатива. Нашиот економски и техничко-технолошки развој мора да стане климатски неутрален. За остварување на таа задача немаме многу време на располагање, а од нашиот успех ќе зависи иднината на нашата планета, а со тоа и квалитетот на животот на генерациите коишто доаѓаат.

Сакам да го искористам актуелниот политички момент и да кажам неколку збора за ова што се случува деновиве и ќе се случува нареднава недела во Брисел, во Европската унија.

Сакам да ги потсетам нашите европски пријатели дека Северна Македонија ги исполни буквално сите предуслови за почеток на преговорите. Стабилноста на целиот регион е поврзана директно со евроинтегративните процеси, а Западен Балкан е дел од Европа исто толку важен за проектот на обединета Европа, како и за земјите основачи. Граѓаните на Северна Македонија оваа недела го очекуваат датумот за почеток на преговорите за полноправно членство. За мојата земја не постои друга подобра алтернатива. Мандатот како претседател го добив од граѓаните во мојата земја со недвосмислена политичка подршка за членство во Европската унија и во НАТО и потенцирам дека и надвор и дома моето политичко дејствување има само една цел, а тоа е членството во Европската унија и во НАТО и заокружување на реформите за да ја обезбедиме иднината на државата и благосостојбата на сите нејзини граѓани.

На крајот, уште еднаш, се заблагодарувам за срдечното гостопримство и за корисните и плодни разговори што ги имавме со нашите домаќини овде во Виена, во пријателска Австрија.

Ви благодарам.


На новинарско прашање во однос на ставот на Франција во врска со проширувањето на Европската унија, претседателот Пендаровски одговори:

Ние со внимание ги следиме сите информации кои доаѓаат од средбите во Брисел, во седиштето на Европската унија, во однос на ова прашање. Спомнав и во мојот говор дека станува збор за една од најзначајните одлуки која граѓаните и мојата земја ја чекаат од нашата независност, од 1991 година. Меѓутоа, впечатокот мој и на сите луѓе кои работат со мене не е дека Франција блокира, и мислам дека воопшто не станува збор за француско вето за почеток на пристапните преговори. Франција со право бара подобрување на методологијата во преговорите со која што придобивките и напредокот при преговарањето, по сите различни поглавја, 35 како што се предвидени, да биде неповратен. Значи кога ќе се оствари напредок да има јасни критериуми дека тоа е напредок и дека нема да има назадување неколку години откога ќе ги поминете преговорите и откако ќе станете членка на Европската унија. Значи накусо, мислиме дека станува збор, во принцип, за корисно размислување на тема како пристапните преговори да бидат попродуктивни и да не биде само формално штиклирање, формално завршување на преговарачките поглавја, туку навистина да имаме супстанцијален квалитативен напредок во сите битни области за функционирањето на една демократија. Ние како Северна Македонија немаме ниту една причина да се плашиме од евентуално подобрување на критериумите за преговарање, бидејќи сме сигурни, не само во изминатиот период, туку и во наредниот, дека имаме спремни тимови за преговарање. Впрочем ние сме 14 години земја кандидат, од 2005 година, и верувајте прилично добро сме подготвени за преговорите, така што и да има измена во методологијата, ние нема да имаме проблем тоа да го следиме, напротив, со сите ресурси кои ги имаме на располагање, човечки и технички, ќе влеземе во таквите преговори и верувам дека релативно брзо ќе ги поминуваме преговарачките поглавја. Значи го поддржуваме пристапот да се заострат критериумите при преговарањето, за преговарачките успеси да не бидат формални туку суштински. И повторувам, тврдам, уверен сум, гарантирам во име на мојата земја дека ние нема да имаме проблем и при таков иновативен начин на преговарање.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со претседателот на Република Кореја, Јун Сук-Јеол

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со претседателот на Република Кореја, Јун Сук-Јеол

Претседателот Стево Пендаровски вчера во Њујорк оствари билатерална средба со претседателот на Република Кореја, Јун Сук-Јеол. На средбата, која е прва средба на ниво на претседатели на држави, беше изразен интерес и подготвеност за истражување на правците за...

Претседателот Пендаровски во посета на Њу Џерси

Претседателот Пендаровски во посета на Њу Џерси

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера го посети Њу Џерси. Во придружба на сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, претседателот Пендаровски го...

Претседателот Пендаровски ќе се обрати на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации

Претседателот Пендаровски ќе се обрати на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации

Претседателот Стево Пендаровски, денеска – 22 септември 2023 година, петок, ќе се обрати на Генералната дебата на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на...

Обраќање на претседателот Пендаровски на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност

Обраќање на претседателот Пендаровски на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност

Претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на...

Претседателот Пендаровски во Њујорк на работна средба со потпретседателот на Европската Комисија Жозеп Борел и лидерите од регионот

Претседателот Пендаровски во Њујорк на работна средба со потпретседателот на Европската Комисија Жозеп Борел и лидерите од регионот

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, вчера попладне присуствуваше на средба којашто за лидерите на земјите од Западен Балкан ја организираше потпретседателот на Европската Комисија и висок...