Интервју на претседателот Пендаровски за Фактор

20 јуни 2023 | Интервјуа

Не е ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист околу најавените можни уставни измени на земјава. Вели дека не може да има штета за нашиот идентитет доколку во Уставот внесеме уште шест етнички заедници кои живеат тука. Во интервју за Фактор, претседателот Стево Пендаровски зборува и за однесувањето и ставот на опозицијата околу ова прашање. Разговаравме и околу можни предвремени парламентарни избори, за тоа како тој го оценува сопствениот учинок за време на досегашното траење на неговиот претседателски мандат, но и дали ќе се кандидира уште еднаш за местото шеф на државата…

Господине Пендаровски, наближува летото, кога, според сите проекции, треба да стартува процедурата за уставни измени. Идниот месец е таргетираниот период за почеток на измена на конститутивниот акт на државата, со кој треба Бугарите да се внесат во Уставот. Погледнато од денеска, повеќе сте оптимист или повеќе сте песимист дека тоа ќе се реализира?

Претседателот Пендаровски: Од првиот ден кога преговарачката рамка беше усвоена во нашиот Парламент, јас не сум ниту оптимист ниту песимист, туку реалист кој многу добро знае што содржи рамката и кои се позициите на двата спротивставени политички блока во однос на неа. Ако во нашиот Устав веќе 22 години имаме внесено седум народи и делови од народи, каква штета може да има за македонскиот народ и идентитет ако внесеме уште шест етнички заедници кои живеат тука. За жал, опозицијата реши да се грижи повеќе за својот рејтинг отколку за стратешките интереси на државата и само тоа е причината зошто е неизвесно дали ќе дојде до промената на Уставот.

Опозицијата, барем досега, јавно не отстапи од позицијата дека нема да прифати уставни измени, како што велат, под бугарски диктат. Таква позиција држат и некои довчерашни владини партнери, а се шпекулира дека и во владејачкото мнозинство има пратеници кои нема да го притиснат копчето „за“. Како до бројката 80?

Претседателот Пендаровски: Опозицијата направи промена од 180 степени во однос на сопствените тврдења во изминатите месеци и на лидерската средба од нивна страна не беше спомнат бугарскиот диктат, ниту дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни промени. На лидерската средба тие прифатија да влезат во Владата и да предводат пет ресори и изразија противење само за учество во Владата на најголемата партија на Албанците во Македонија. Ако продолжат да се држат до овој нов пристап, без споменување на небулозните тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тогаш бројката од 80 пратеници не е недостижна.

Деновиве се навршија 80 години од ваташкиот масакр. Неодамна преку Вашите официјални профили на социјалните мрежи објавивте слика на која им оддавате почит пред споменикот на ваташките младинци, убиени, како што напишавте, од бугарскиот фашистички окупатор. Дали добивте и какви беа реакциите од Софија?

Пендаровски: Ни официјално, ни неофицијално не добив никакви реакции од Софија, едноставно затоа што во врска со ваташкиот масакр не може да има каков било приговор. Историските факти за  свирепото убиство на 12-те младинци се неспорни и одамна верификувани од историската наука. Во овој контекст, сакам посебно да го истакнам фактот што не доби поголемо внимание во македонската јавност, а тоа е присуството на 16 јуни во Ваташа на делегација на Клубот за бугарско-македонско пријателство, кога неколку истакнати бугарски интелектуалци се поклонија пред паметникот на убиените.

Што ако процесот на измена на Уставот пропадне, дали тоа значи дека веднаш треба да се распишат предвремени избори?

Претседателот Пендаровски: Процесот на измена на Уставот нема ниту правна, ниту политичка корелација со евентуалните предвремени избори. Слична ситуација имавме и по завршувањето на последните локални избори кога опозицијата настапи со идентично барање, меѓутоа и тогаш и сега, освен аргументи, немаше мнозинство за распуштање на Парламентот, а тоа е единствениот начин да предизвикате предвремени избори.

Идната година е тајмингот за одржување и на парламентарни, и на претседателски избори. Ја трошите последната година од мандатот. Иако е неблагодарно, сепак би Ве прашала, како си ја оценувате сопствената досегашна работа на функцијата?

Претседателот Пендаровски: Во изминативе четири години имавме ситуации кои без сомнение излегуваа надвор од она што го нарекуваме рутинска или вообичаена политичка агенда и кои ја ставија на сериозен тест целата држава: пандемијата со Ковид-19, кога неколкупати прогласував вонредна состојба затоа што Парламентот беше распуштен, а Владата во технички мандат; потоа војната во Украина, кадешто се вклучивме со активно помагање, како членка на НАТО, и се разбира, европската преговарачка рамка, која ја усвоивме во тензична атмосфера, но, со која ги заштитивме македонските национални интереси, идентитет и јазик и која ни овозможи после 17 години конечно да ги започнеме преговорите со ЕУ.

Сепак, за мојата работа во изминатите години, во вакви услови, конечниот збор треба да го кажат македонските граѓани. Јас можам само да кажам дека во рамките на моите надлежности најчесно и најискрено се вложив со сето свое знаење и умеење за да донесеме одлуки кои ќе бидат во интерес на сите наши граѓани.

Што остана нереализирано од Вашата изборна програма?

Претседателот Пендаровски: Како што гледате, изминативе четири години бев активен и со многу работи кои воопшто не можев да ги предвидам во 2019 година, но, од она што го планирав, помеѓу останатото, посебно сум горд што успеав да реализирам, два, според мене, важни проекти. Првиот е„Лице во лице со претседателот“, во рамките на кој ги поминав буквално сите општини во Македонија, каде им давав поддршка на младите и талентирани луѓе за реализација нанивните идеи, но, и се трудев да помогнам на оние наши граѓани кои имаат некаква попреченост или се во социјален ризик.

Вториот проект е „Отворен ден во Кабинетот“, преку кој им овозможивме на неколку илјади наши граѓани од сите возрасни категории да ги посетат нашите работни простории и да се запознаат со работата на претседателот и неговите соработници. Ова ми е особено важно, затоа што преку овој проект се обидов да ја доближам до граѓаните институцијата Претседател на држава, да бидам достапен до секој граѓанин и практично да покажам дека претседателот не треба да ужива во привилегии, туку да биде слуга на народот.

Иако е рано, во јавноста веќе може да се забележат амбиции од одредени јавни личности, кои претендираат да го заземат местото шеф на државата. Дали Стево Пендаровски е подготвен да донесе одлука дека ќе се кандидира за уште еден мандат?

Претседателот Пендаровски: Уште и при првата моја кандидатура во 2014-та објаснував дека за вршењето на која било јавна функција е најмалку важно дали имате амбиции. Далеку поважно и на крајот пресудно е дали имате поддршка меѓу граѓаните, дали тие веруваат во дадениот збор дека тоа што го ветувате навистина и ќе го реализирате.

Да одговорам на вашето прашање, мислам дека е сѐ уште рано за носење на таа одлука, со оглед на фактот што преостанува уште безмалку цела една година од мандатот, која сакам да ја искористам максимално за работа во интерес на граѓаните.

Очекувате ли поддршка од владејачката коалиција, поконкретно СДСМ, за уште еден мандат, и дали, доколку не ја добиете, сепак ќе се кандидирате?

Претседателот Пендаровски: И во 2014-та и во 2019-та зад мојата кандидатура застанаа пратеници од владејачкото мнозинство, но и десетици илјади граѓани, кои не припаѓаат на ниту една политичка партија. Секој кој има амбиции да биде кандидат за претседател, освен поддршка од политичките партии, ќе мора да обезбеди и поширока граѓанска поддршка. Во спротивно, и да биде избран, не би можел да претендира да се нарекува претседател на сите граѓани, ниту од граѓаните ќе биде прифатен како нивен претседател, вклучително и на оние кои не гласале за него.

И покрај големите реакции во јавноста, Вие брзо ги потпишавте указите на законите за „Бехтел и Енка“. Зошто се одлучивте на таков чекор, дали сметате дека Македонија како држава нема да биде оштетена?

Претседателот Пендаровски: Во однос на „брзината“ на потпишување на указите на законите за „Бехтел и Енка“ важно е да кажам дека финалната верзија на законите не се разликуваше од верзијата на предлог-законите кога тие влегоа во парламентарна процедура, а содржината на предлог-законите беше јавно достапна на собраниската интернет страница од самиот почеток. Но, клучен факт за потпишување на указите беше тоа што текстот на Законот за изменување на Законот за работни односи не ја содржи одредбата која минатата година Уставниот суд ја прогласи за неуставна, а која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.

И да појаснам, указите кои претседателот ги потпишува се однесуваат на законите кои се изгласани во Собранието, така што, во конкретниов случај, тие укази не се однесуваат на договорот меѓу владата и конзорциумот Бехтел-Енка, не се однесуваат на тоа кој сѐ ќе биде дел од Надзорниот одбор којшто ќе ја надгледува изградбата на автопатиштата, ниту пак се однесуваат на кој било друг аспект од договорните односи меѓу државата и тие две приватни фирми.

Ако ги погледнете сите актуелни случувања во Судскиот совет и хронолошки сите судски одлуки за, според јавноста, најжешките предмети, дали, од денешна перспектива, повеќе сте за ветинг во судството, или сметате дека и без него може(ше) да се средат тековите во правосудниот систем, кој е витален за државата?

Претседателот Пендаровски: На парламентарните избори во 2016-та година, како носител на листата во првата изборна единица се залагав за ветинг на судиите и обвинителите. Меѓутоа, во меѓувреме беше формирано СЈО кое од самиот почеток почна да покажува завидни резултати, а по формирањето на првата влада на Заев во 2017-та, во  Брисел имаше сериозни резерви во однос на еден таков зафат, имајќи ги предвид негативните ефекти од тој процес во соседна Албанија.

Меѓутоа, денес гледајќи ги „ефектите“ од работата на актуелниот правосуден систем, јасно е дека некаков тип на кадровско прочистување во правосудството ќе биде нужно во блиска иднина. Се разбира, концептот треба добро да се осмисли и да се спроведе со експертска поддршка од ЕУ, затоа што се сомневам дека само со употреба на домашните ресурси можеме суштински да ја промениме состојбата во таа област.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...