Select Page

Антидот: Половина година сте претседател на државата. Бевте советник на двајца претседатели, но која е главната разликата сега кога седнавте на нивното место. Дали како советник сте можеле да ги претпоставите сите одговорности на шефот на државата?

Пендаровски: Прво би истакнал дека беше голема чест да се работи за двајцата претседатели, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, непроценливо искуство имајќи предвид значењето на историскиот период. На таа позиција можев одблиску се запознаам со значењето на претседателството како функција во интерес на граѓаните и како политичка одговорност и лидерство. Иако во македонската јавност, вклучувајќи ја и политичката функција  претседател во одредени периоди од нашата независност била доживувана протоколарно, уставните должности на претседателот биле и ќе останат од суштинско значење за нашиот политички систем. Во овие седум месеци се вклучив во процеси, не водејќи се само од уставните надлежности, туку како претседател на сите, чувствувам одговорност, затоа што мандатот го добив директно од граѓаните од сите етнички заедници, да дадам придонес работите да се движат во вистинската насока.

Антидот: Не сте дел од официјална политичка структура, но бевте вклучени во првите редови во тканаречениот прогресивен фронт и за време на протестите и за време на изборите во 2016 година. Дали сега како претседател уште се чувствувате како дел од тој прогресивен фронт, без оглед што постојано нагласувате дека вашата главна цел е да бидете и да се однесувате како претседател на сите граѓани?

Пендаровски: Сите слободоумни и демократски ориентирани граѓани бевме сплотени околу една идеја и цел, враќање на слободата и правдата. Од. „заробена држава“  и упад во Парламентот на 27 април 2017 година, во кој за влакно избегнавме и човечки жртви, за само две и пол  години обезбедивме државата да е на прагот на НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Во однос на некогаш главните забелешки и слабости, како што се слободата на медиуми, економските слободи, политичката контрола врз  правосудството и администрацијата,  несомнено е  дека има позитивен исчекор, но не можеме и не смееме да ги одмолчиме и  некои негативни појави на кои сме сведоци денес, кои се повторуваат, бидејќи истите нема никој друг да ни ги реши во наше име. Визијата на прогресивниот фронт и паролата „Нема правда, нема мир“ и денеска е моја определба и водилка во работата за време на целиот мој мандат.

Антидот: Македонија постојано влегува во некаков цикличен круг на кризи. Тоа и не е невообичаено за една млада демократија. Кој е најголемиот предизвик за Македонија сега – корупцијата, функционирањето на правната држава, неизвесноста за датумот за преговори со ЕУ, иселувањето…

Пендаровски: Имаме повеќе предизвици и се согласувам дека додека го чекаме датумот за отпочнување на преговори за членство се случуваат процеси на кои како општество мора да одговориме. Случајот „Рекет“ е болен, но во вистински момент лекција за сите институции. Дополнително сакам да истакнам дека демографските трендови веќе години наназад ни укажуваат дека едноставно ќе снемаме човечки ресурси, алармантна е ситуацијата со иселување на младите. Овие теми мора да се натпартиски. Јас и во моето годишно обраќање во Парламентот истакнав дека за жал ние за три децении имаме многу политичари и бизнисмени кои се збогатени преку ноќ, но немало постапки за потекло на имот, правосилни пресуди и затворски казни. Корупцијата е како рак, таа ги нагризува здравите темели на општеството и во таква ситуација не можеме да очекуваме дека нашите млади ќе се гледаат себеси долгорочно во државата. Додадете ги ниските плати, недостатокот за истражување и развој и неизвесна ЕУ перспектива и ете го рецептот да продолжи иселувањето. Доколку се справуваме со корупцијата ќе имаме можности за поголем развој на бизнисот, подобри услуги од јавниот сектор за граѓаните, стабилност на среден и долг рок.

Антидот: Аферата „Рекет“, во која е обвинета и поранешната специјална обвинителка, како да ја урна и онаа мала доверба во судскиот систем. Може ли Македонија сама да го застане на нозе судскиот систем по она што го правеше владата на ВМРО-ДПМНЕ 11 години и сегашниот случај „Рекет“ – или за тоа ќе треба помош од странство, пред се во луѓе судии и стручњаци?

Пендаровски: Спрегата меѓу политиката и правосудниот систем не е непозната за нашата држава. Специјалното јавно обвинителство беше формирано токму поради нефункционалноста на правосудниот систем и затоа имаше големи надежи и очекувања од нивното формирање, за да се расчисти со огромните криминали. Затоа и разочараноста е голема, и јас сум меѓу оние што се разочарани и затоа ни е потребна судска разврска на случаите и на СЈО, и за аферата „Рекет“ со цел да се врати довербата во судството. Потребно ни е и расчистување во редовите кај  обвинителите и кај судиите. Јас верувам дека има капацитети во правосудниот систем, има и таму професионалци, кои, ослободени од сите стеги, можат да ја вратат довербата во судството. Иако треба да знаеме дека сме во незавидна ситуација, бидејќи тие промени мора да се случат не само брзо туку и квалитетно, а прашање е дали диманиката на политичките настани ќе ни го дозволи тој период тука мислам на превремените избори во април.

Антидот: Доколку до мај 2020 година нема датум за преговори какви последици ќе има тоа за Македонија. Каква е вашата оценка: дали македонското општество разбира дека ЕУ навистина сака да ја реформира процедурата за прием на нови членки или мисли дека ЕУ не ја сака Македонија во клубот. Барем не во некоја догледна иднина.

Пендаровски: Недобивањето датум  за почеток на преговорите со ЕУ беше шок за целото општество. Ние како држава тој датум го одработивме и тука не мислам само на реформските процеси кои ќе траат во континуитет, ние датумот го заслуживме заради покажување демократски капацитети и вредности односно решавање на децениски проблеми со соседите со кои се одблокира нашиот евро-атлантски пат. ЕУ е наша долгорочна стратешка цел на која работевме со години, но, одлуката за проширувањето е одложена за идната пролет. Во неколку наврати порачав, дека немаме ништо против евентуалната нова методологија, ниту против реверзибилноста на процесот, а почетокот на преговорите ќе биде поттик и уште поголема обврска да продолжиме со реформската агенда.

Не сакам да звучам песимистички, но постои опасност секое друго сценарио да ги демотивира граѓаните и да ги забави позитивните процеси. Северна Македонија останува на тој пат и не гледа друга алтернатива, освен членство во ЕУ. И уште нешто, многу значајно за нас, сепак  слабостите и случувањата во самата Унија, не треба да ни биде никакво алиби и не ја намалуваат нашата одговорност за начинот на кој ќе се одвива европската интеграција на нашата земја. Исчекувањето на новата методологија за пристапните преговори и конечното доделување на датум за почеток на преговорите на пролет следната 2020 година, не смеат да бидат изговор за брзината и квалитетот на домашните реформи .

Антидот: Има два нон-пејпери за реформа на пристапувањето на Западен Балкан – францускиот и оној на девет земји-членки. Што мислите, дали доколку предлозите од двата документи не се преклопат или не се калибрираат меѓусебно тоа може да доведе до нови одолговлекувања и до уште поголемо разочарување, дури и апатија во регионот?

Пендаровски: Свесни сме дека во Унијата како заедница на суверени држави има различни ставови по различни прашања и нормално е да има внатрешна дебата. Искрено се надевам дека ние што е можно поскоро ќе видиме усвојување на методологијата за водење на процесот на проширување затоа што сметаме дека тоа ќе резултира со побрзо носење на одлука за датум за отпочнување на претпристапните преговори за Северна Македонија. Факт е дека ние во моментов се уште силна поддршка за европската интеграција, повеќе од две третини од населението е за членството во ЕУ и таа поддршка е долгорочна, но ако продолжи неизвесноста можно е да имаме пад на поддршката, што може да влијае и на испораката на реформската агенда за ЕУ. Процесите во ЕУ добиваат институнационализација и ќе видиме во првото тромесечје од 2020 какви пораки ќе стигнат од Брисел, дури потоа би можеле поконкретен одговор на вашето прашање да имаме.

Антидот: Заеднички став на сите политички структури во Македонија е дека единствената иднина за државата се ЕУ и НАТО. Идната година ќе се навршат 16 години од членството на Словенија во ЕУ. Шансите некоја земја од Западен Балкан да влезе во ЕУ во 2025 година се речиси минимални. Ова е драматично заостанување од генерација или две. Дали тоа изгледа неправедно кон другите држави од поранешната СФРЈ? Што мислите, дали сите земји од Западен Балкан се во истата каша по фрнацуското вето, без оглед што Србија и Црна Гора веќе преговараат.

Пендаровски: Од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија неколку години преговараат, Северна Македонија и Албанија, со години чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а Босна и Херцеговина и Косово, воопшто и не се споменуваат.

Имаме разбирање за внатрешните проблеми и процеси во Унијата, но земјите-членки на Унијата мора да сфатат дека Западниот Балкан не треба да биде оставен настрана затоа што ние сме дел од Европа и природно припаѓаме на ЕУ и се стремиме да ги споделуваме вредностите на европското семејство. Проширувањето се покажа како ефикасна алатка за трансформација, демократизација и просперитет на државите од нашето соседство и таканаречениот „источен блок“ така што со интеграцијата на Западниот Балкан се заокружува процесот на проширување, затоа што стабилноста и просперитетот на нашиот регион директно влијае на просперитетот на ЕУ како иден дел од Унијата.

Во оваа насока јас дури би посочил дека еден од елементите на нон-пејперот односно предложената реверзибилност на процесот сметам дека е добра за сите земји кои преговараат за членство. Бидејќи напредокот низ отварање на поглавјата во тој случај добива сериозна суштина односно подобар квалитет на живот на граѓаните во земјите, а не е само цел која треба административно да се постигне, значи целлта станува достигнување на вредност, а не на документи.

Антидот: Македонија е на чекор од членството во НАТО. Веќе е најавено дека македонската армија ќе купува американско оружје и транспортери. Колку е голем тој потфат за да се промени вооружувањето и логистиката на една армија.

Пендаровски: Секако дека станува збор за голем потфат. Компатибилноста на опремата и вооружувањето со војските на земјите-членки на НАТО придонесува за нашата интероперативност со НАТО членките. Јас во неколку наврати сум кажал и ќе повторам дека една од главните мои заложби и како човек, но и како Врховен командант на Армијата е да се залагам и да работам во насока на континуирано зголемување на буџетот за одбрана. Со тоа ќе се подобрат стандардите, условите за работа на припадниците на Армијата, а ќе се подобри и подготвеноста на Армијата. Нашата Армија и досега учествувала и ќе учествува во странските мировни мисии низ целиот свет. Можеме слободно да се пофалиме дека нашата Армија и сега е рамо до рамо со вооружените сили на развиените европски, па и светски земји. Но јас стојам на ставот дека секогаш може подобро. За само неколку месеци Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО – најмоќниот сојуз којшто гарантира безбедност и стабилност. Во таа насока ние мора како држава да работиме напорно и да вложуваме во одбраната 2% од БДП согласно критериумот на НАТО за одбранбен буџет.

Антидот: Србија купува софистицирано руско оружје и авиони. Дали тоа го сметате како некаква регионална трка во вооружување или некаква закана за регионалната безбедност и рамнотежа; или единствено како грижа на земјата за својата сигурност?

Пендаровски: Не, не сметам дека станува збор за некаква регионална трка во вооружување или некаква закана за регионалната безбедност и рамнотежа, како што велите Вие. Но јас навистина не сакам во 21 век да зборуваме за нови војни, за дестабилизација на регионот или нешто слично. За вака мал регион, како што е Балканот, навистина доста беше од војни и конфликти. Сметам дека вистинскиот и единствен правилен пат по којшто треба да чекориме е патот кон продлабочување и зацврстување на добрососедските односи, да градиме мостови на соработка. Еве земете го нашиот пример со спорот за името кој повеќе од  2 децении ги уништуваше релациите меѓу нашата земја и соседна Грција. Никој, па дури ни јас, не се надеваше дека некогаш ќе се реши овој проблем. Но сегашната Влада за само една година од формирањето најде мудро и храбро решение и во јуни 2018-тата беше потпишан Преспанскиот договор. И сега, не само што немаме отворено прашање или проблем со Грција, туку добивме и нов пријател. Ист е примерот и со договорот за пријателство и добрососедство којшто го потпишавме со Бугарија. Отворените прашања треба секогаш да се решаваат низ искрен дијалог.

Антидот: Кога беа отворени случаите на СЈО во Грција пребегна начаникот во тајната полиција Горан Грујевски. Неодамна во Турција замина и поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Зоран Иванов. Агенцијата е под директна надлежност на претседателот на државата и вие го затекнавте Иванов како директор. Дали сте загрижени дека некакви чувствителни разузнавачки информации може да бидат пренесени во тие земји?

Пендаровски: Секако дека сум размислувал во оваа насока. Не може за себе да велите дека сте одговорен човек и политичар, а да не сте загрижени што од земјата избегале луѓе коишто биле на толку високи функции во институции каде секојдневно се слеваат сензитивни и доверливи информации. Првиот е обвинет дека учествувал, односно помогнал во процесот на нелегално прислушкување на илјадници наши граѓани, политичари. Истрагата треба да покаже кој ја сноси одговорноста и за двата случаи затоа што не се работи за едноставни случаи. И во моето обраќање во Парламентот реков дека еден факт гласно зборува дека нашиот правосуден систем не е отпорен на надворешни влијанија. Речиси три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или бизнисмен не одговарал за своите постапки. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, без релација со некоја власт одговараат прекршочно или кривично.

Антидот: Неверојатно е како митовите од минатото постојано оживуваат на Балканот. Македонско-бугарските односи влегоа во нов вител на криза поради негирањето на македонскиот јазик од страна на бугарската академија. Има ли за тоа некакво рационално објаснување?

Пендаровски: На оваа тема често ме прашуваат и домашните и странските новинари и иако не би сакал да коментирам со цел да не се сфати како политички притисок. Ќе го повторам она што го кажав и во годишното обраќање во Парламентот, ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзи поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, исто така сме подготвени, за заеднички напори насочени кон деидеологизација на историјата, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе  биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси. Со договорот за добрососедсто и пријателство со Бугарија отворивме ново поглавје во нашите односи, но потребно е уште работа за унапредување на довербата меѓу двете општества.

Антидот: Во една парадоксална ситуација Грција со Преспанскиот договор ја потврдува посебноста на македонскиот јазик, а другиот сосед, Бугарија, се обидува неа да ја поткопа. Сега се испоставува дека оваа одредба за македонскиот јазик во Преспанскиот договор е еден од неговите најголеми дострели. Дали односите меѓу Македонија и Грција тргнаа на патот на едно добро пријателство?

Пендаровски: За жал изгубивме повеќе од 25 години со Република Грција, период во кој можевме заедно навистина да постигнеме многу кога се во прашање соседските односи и меѓусебната соработка. Сега, откако помина година и пол од потпишувањето на Договорот со Грција, навистина верувам дека Северна Македонија гледа и има искрен пријател во Грција. Со потпишувањето на Преспанскиот договор се обновија посетите на високо ниво, во двата правци. Грција е еден од нашите гласни поддржувачи во ЕУ. Наскоро ќе бидеме заедно во НАТО, а нашето небо ќе се набљудува од Грција. Сметам дека сме на добар пат затоа што билатералните прашања се решаваат, а соработката се зајакнува. Во Скопје неодамна го сретнав грчкиот министер за надворешни работи Дендиас, на која директно беа повторени заложбите на новиот грчки кабинет на Кирјакос Мицотакис за отпочнување на преговорите со ЕУ. Атина е пријател и сојузник наш во оваа битка за добивање датум тоа е недвосмислено. Се надевам дека скоро ќе остварам среда со мојот грчки колега, претседателот Павлопулос.

Интервјуто го подготви: Љупчо Поповски