Интервју на претседателот Пендаровски за руски Коммерсант

21 декември 2020 | Интервјуа

Во своето прво интервју за руските медиуми, претседателот Стево Пендаровски разговараше со дописникот на Коммерсант на Балканот, Генадиј Сисоев.

Во интервјуто, претседателот разговараше за релациите на Република  Северна Македонија со Русија, за европските перпсективи на државата по бугарското вето, за придобивките од членството во НАТО, очекувањата од новата американска администрација во однос на нашата земја и во однос на целиот регион на Западен Балкан.

Прашање: По победата на претседателските избори минатата година, вие изјавивте дека сега патот на Северна Македонија во ЕУ и НАТО е загарантиран. Сепак, неодамна ЕУ повторно одби да започне преговори со Вашата земја за членство? Интеграцијата во ЕУ е одложена?

Претседателот Пендаровски: Очигледно, да. Поради позицијата на Бугарија, која се однесува на идентитетот на Mакедонците и го оспорува македонскиот јазик (Софија не го признава постоењето на Македонците како нација пред 1944 година и го смета македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот – забелешка на весникот). Таа позиција не ја поддржува ниедна друга земја-членка на ЕУ, но во Европската Унија се применува правилото на консензус. Во првите неколку месеци од следната година ќе видиме дали нешто ќе се промени во приодот на Бугарија. Од наша страна можностите за маневaр се исцрпени, ние поднесовме голем број конструктивни предлози. За тоа дека ние сме Mакедонци кои говорат на македонски јазик, не може да се преговара.

Прашање: Вие и во Собранието деновиве изјавивте дека Mакедонците никогаш нема да се откажат од својот идентитет и својот јазик…

Претседателот Пендаровски: Да. И тука нема никакви разлики меѓу власта и опозицијата. Никој нема да каже: вреди да се размисли дали сме ние Mакедонци или не. Разликите се само во методите за постигнување на целта. Нашите црвени линии се повлечени: ние сме Mакедонци и нашиот јазик е македонски. Тука не е потребен никаков референдум.

Прашање: Зошто Бугарија реши да ве блокира токму сега?

Претседателот Пендаровски: Ние сме кандидати за членство во ЕУ од 2005 година, поради спорот со Грција околу името на нашата земја не можевме да започнеме преговори за членство. Спорот со Грција го решивме. Сега Бугарија размислува горе-долу вака: ако сега ги примиме во ЕУ, повеќе нема да има можност да се отворат спорните прашања. Некои бугарски политичари дури изјавуваат: требаше да се блокира членството на Македонија во НАТО уште во 2018 година. Претпоставувам дека тогаш не им беше дозволено да го направат тоа поради гео-стратешките интереси на западните сили, кои сакаа во целост да го формираат јужното крило на Алијансата. Во ЕУ приодот е поинаков.

Прашање: А тоа не е поврзано со претстојните избори во Бугарија на пролет?

Претседателот Пендаровски:  Неодамна јас го спомнав тоа. И тука следеше реакција на нашите пријатели од Софија дека, нели, тоа не е така, никој не ги отвора тие прашања поради рејтинг. Деновиве ја следев динамиката на рејтинзите на водечките бугарски партии. Во последните два месеци тие двојно се зголемија. Можеби нешто друго влијаело на рејтинзите, но овој период партиите во Бугарија многу често говорат за македонското прашање.

Прашање: Во март Северна Македонија официјално стана 30-та земја-членка на НАТО. Вие лично активно за тоа се залагавте. Ви се исполнија ли очекувањата? И што и донесе членството на Вашата земја во Алијансата?

Претседателот Пендаровски: По распадот на Југославија, ние се соочивме со проблеми за безбедноста и територијалниот интегритет. НАТО за нас беше синоним, гарант и на едното и на другото. Претходно, меѓународните инвеститори не прашуваа: дали Македонија има иднина? Кој би вложувал во држава ако безбедноста е загрозена? Сега, кога станавме членка на оваа воено-политичка структура, нашиот имиџ е сосема поинаков.  Ако зборуваме за конкретни нешта, со членството во НАТО ние започнавме активна размена на информации, кои се од заеднички интерес. Во последните пет-шест години околу 140 наши граѓани војувале во Сирија и во другите земји од Блискиот Исток. Некои загинале или исчезнале, но многу се вратиле. Тоа се луѓе од војна, и потенцијално може да извршат терористички акти и кај нас, и во регионот. Ние сме мала земја, и многу е значајно да се добиваат потребните разузнавачки информации од Германија, Франција, од другите водечки земји. Пред неколку месеци, благодарение на добиена информација, ние уапсивме тројца такви луѓе кои подготвуваа терористички акт.

Прашање: Поради членството во НАТО вие моравте да го промените името на земјата. Се согласувате ли со оние кои сметаат дека тоа е премногу висока цена?

Претседателот Пендаровски: Не се согласувам. Околу промената на името има два аспекти. Првиот е емоционален, поврзан со привикнувањето на новото име. И мене тоа не ми беше лесно. Но има и стратешки аспект. Во Договорот со Грција има одредба според која ние сме Mакедонци и зборуваме на македонски јазик. Таа одредба е дел од нашата лична карта во ООН, и тоа е многу значајно за нас. Што се однесува до историјата и географијата, нашата земја зазема 36–37% од географската Македонија. Географски, ние и сме Северна Македонија.

Прашање: Дали вашето членство во НАТО доведе до влошување на односите со Русија, која никогаш не го криела своето неприфаќање на проширувањето на Алијансата?

Претседателот Пендаровски: Јас не би зборувал за влошување на односите. Тука повеќе станува збор за намалување на динамиката на политичките контакти. Тоа треба да се корегира, вклучително и од наша страна. Минатата година, во рамките на Самитот во Париз, јас иницирав средба со шефот на руското МНР, Сергеј Лавров, која беше многу конструктивна. Минатата година, после петгодишен прекин, повторно почна со работа билатералната меѓувладина комисија за трговска и економска соработка. Ниту една земја од поранешниот социјалистички блок, која стана членка на НАТО, не избегна осуда од страна на Русија. Нашиот народ ги дефинираше своите стратешки цели. Русија сама ги дефинира своите цели. Тоа треба да се прифати како завршено и да се остави на страна. Тоа не треба да биде пречка за соработка во трговијата, економијата, енергетиката. Намерите на Северна Македонија се да се подобрат билатералните односи со Москва. Меѓу земјите, кои пристапија кон НАТО, има и земји кои имаат одлични односи со Русија, како Словенија на пример.

Прашање: Да, но за разлика од Словенија, Северна Македонија, како и Црна Гора која стана членка пред три години, пристапија кон НАТО за време на период на силна конфронтација меѓу Русија и Западот. Можеби тоа е причината?

Претседателот Пендаровски: Јас поаѓам од тоа дека при постоење на волја од двете страни, се може да се реши. Јас гарантирам дека од моја страна и од страна на Владата на Зоран Заев, таква политичка волја постои. Не се сомневам дека има и во Москва. Затоа гарантирам дека нема да постојат проблеми, без разлика на тоа што ние пристапивме кон НАТО сега, а некои земји пред 15-20 години.

Прашање: Слушнав дека Вие планиравте да дојдете во Москва за време на одбележувањето на 75-тата годишнина од победата над фашизмот, но планот не се остварил.

Претседателот Пендаровски: Да, јас официјално ја потврдив посетата со рускиот амбасадор во Скопје. Но пандемијата беше пречка. Тоа ќе беше одличен повод за средба на сите претставници од земјите на тогашната антифашистичка коалиција и можност да се испрати јасна порака кон историскиот ревизионизам, кој за жал, добива на сила. Јас ќе отпатував во Москва, бидејќи антифашизмот е поставен во темелите на македонската држава. И да оддадам почит на милионите руски граѓани кои загинаа од злото на фашизмот.

Прашање: Вие сте еден од првите светски лидери кои му ја честитаа победата на Џо Бајден, очекувате ли дека новата администрација на САД поактивно ќе се вклучи во балканските прашања?

Претседателот Пендаровски: Сметам дека степенот на вклученост на администрацијата на Бајден во балканските проблеми ќе се зголеми, сепак формалното лидерство во регионот го има ЕУ.

Прашање: По разрешницата на спорот меѓу Македонија и Грција, на Балканот ќе останат други сериозни проблеми. Ќе престане ли регионот да биде зона на нестабилност и конфликти?

Претседателот Пендаровски: Нерешените проблеми во регионот остануваат. Босна и Херцеговина се соочуваат со сериозни предизвици, меѓународниот статус на Косово не е дефиниран, сепак, не верувам во нови конфликти и војни на Балканот. Има и други проблеми. Со развојот на демократијата, на пример. Или масовната емиграција поради слабата економија. Но без поддршката на меѓународните фактори, ниеден крупен проблем во регионот не може да се реши.

Прашање: Но меѓународните „играчи“ имаат различни гледишта за регионот. Уште пред пет години тогашниот државен секретар на САД, Џон Кери, говореше дека балканските земји се наоѓаат на огнената линија меѓу Русија и Западот. Актуелна е оваа позиција и денес?

Претседателот Пендаровски: Сметам дека и тогаш не биле нештата сосема такви. Станува збор за конфронтација на големите сили. Кога големите се караат, малите најдобро е да се тргнат на страна. На крајот на краиштата, не е важно кој ќе ни помогне. Важно е да се реши проблемот. Ако имате идеја која вреди, предлагајте, јас немам ништо против. Дури и ако е тоа неформален предлог.

Прашање: Навраќајќи се на почетокот на нашиот разговор, дали верувате дека ЕУ навистина сака да ги види балканските земји во своите редови?

Претседателот Пендаровски: Кај европјаните нема формирано мислење дека Балканот не вреди да се вклучи во ЕУ. Но, постои мислење дека не може да се случи никакво проширување, додека не се продлабочат односите внатре во ЕУ. Ние на Балканот сметаме дека и едното и другото може да се случува паралелно. Но во Европа не се согласуваат сите со тоа. Таму се зборува дека ЕУ и така е доволно голема, дека има потешкотии со усогласувањто на позициите, и секогаш се повикуваат на примерот на Романија и Бугарија: ги примивме, а тие не беа подготвени, не треба таквото искуство да се повтори.

Прашање:  Ќе стане ли Балканот дел од ЕУ?

Претседателот Пендаровски: Ќе бидеме професионални оптимисити. Сметам дека Балканот ќе биде дел од ЕУ, но за тоа се потребни години. Би сакале тоа да се случи за четири-пет години. Но тоа не зависи само од нас.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Делегациja од Кабинетот на Претседателот оддадe почит на осумтемина армиски резервисти загинати кај Љуботенски бачила

Делегациja од Кабинетот на Претседателот оддадe почит на осумтемина армиски резервисти загинати кај Љуботенски бачила

Делегациja од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во состав полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот и Валентин Диневски, посебен советник за безбедност, по повод 21-годишнината од загинувањето на осум армиски резервисти кај...

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, по повод 21-годишнината од загинувањето на 10-те армиски резервисти кај месноста Карпалак, денеска положија цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје и пред...

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија продолжува со имплементација на проектот „Успешни млади“, признание кое што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе...

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 август - Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите ја упати следната порака: „Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи...

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе...