Обраќање на претседателот Пендаровски на заклетвата и на промоцијата на питомци на Воената академија

15 ноември 2019 | Обраќања

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на воената свеченост по повод промоција во офицерски чин на 19.класа и заклетва на 23. класа питомци на Воената академија.

Истакнувајќи дека огромната доверба на македонските граѓани во Армијата е резултат на професионалното, посветено и квалитетно извршување на поставените задачи, претседателот Пендаровски во своето обраќање подвлече дека тоа истовремено им задава обврска на политичарите и на носителите на одлуки во континуитет да го подобруваат животниот и професионалниот стандард на припадниците на Армијата.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

„Почитувани припадници на Армијата и на Министерството за одбрана,
Почитувани питомци, драги гости од регионот, претставници на медиумите,

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на денешната свеченост по повод дадената заклетва на 23-та класа на питомци и слушатели од курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери, како и промоцијата на 19-та класа на питомци во чин потпоручник во нашата Армија.

Пред нас, на ова плато се две генерации питомци на Армијата. Едната, која положи заклетва и започнува со военото школување и другата, која ја заврши Академијата и ја започнува офицерската кариера во Армијата на Република Северна Македонија. Со стекнатите вештини и способности во командувањето тие се иднината на Армијата.

Почитувани питомци и идни студенти,

Одбирајќи ја службата во Армијата и одбраната, вие одбирате благородна професија. За време на вашите студии на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ не само што ќе имате можност да учите за современите концепти за одбраната, туку ќе ги потврдите вашите високи морални, етички и човечки вредности неопходни за секој лидер со интегритет и чест.

Вашата генерација ќе помине низ исклучителна програма која е целосно компатибилна со критериумите на НАТО за обука и образование на кадри. За квалитетот на студиите зборува и фактот дека во моментов меѓу вас има и питомци од Босна и Херцеговина, од Косово и од Црна Гора. Вложувајќи во квалитетно воено образование, ние инвестираме во солиден армиски кадар и НАТО Армија подготвена секогаш да одговори на задачите и обврските и да се справи со сите современи безбедносни предизвици.

Почитувани питомци и потпоручници,

Дозволете ми да ви честитам вам, на вашите професори, на вашите родители, на вашите најблиски кои денес сигурно се гордеат со вас. Да се има офицерски чин е голема чест, но уште поголема одговорност кон Армијата и татковината. Оваа ваша одговорност ќе треба да ја носите со достоинство како што и прилега на една армија на земја-членка на НАТО. Како ваш Врховен командант, од вас очекувам да внесете нова енергија и нови знаења во структурите на Армијата и сето она што научивте изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со цел да придонесете во зацврстување на борбената готовност и моралот на Армијата.

Во Армијата на Република Северна Македонија нема и не смее да има место за стереотипи и предрасуди од било кој тип. Така, мој аѓутант е полковник Билјана Блажеска. Сосема заслужено, 13 од 42-та потпоручници што денес ги промовираме се жени. Би сакал посебно да и честитам на потпоручник Бојана Јованова, која е прворангирана. Со среќа нека Ви е службата во Армијата.

Почитувани граѓани,

Уште од самиот почеток на македонската независност ние цврсто верувавме во нашата евроатлантска иднина. Но, за да се реализира посакуваната стратешка цел не е доволна само верба. Неопходна е и храброст да се направи првиот чекор и да се изоди целиот пат. Како граѓани, сите заедно успеавме да ги надминеме сите идеолошки, политички и етнички разлики и да преземеме генерациска одговорност, со цел, да ја осигуриме сопствената иднина.

На 15 ноември 1995 година, пред точно 24 години, нашата држава стана членка на Партнерство за мир, НАТО програма што требаше да не подготви за полноправно членство во Алијансата. Преку макотрпни реформи ја трансформиравме нашата Армија во современа, технички-опремена и борбено далеку поподготвена структура. Денес, 24 години подоцна, ние сме на прагот, на чекор на достигнување на најголемата стратешка цел зад која стои огромен број од нашите граѓани. Само уште две ратификации на протоколот за членство не делат од моментот кога ќе станеме 30-та земја-членка на најуспешниот воено-политички сојуз во историјата на човештвото – НАТО.

Како идна членка на НАТО ние ја преземаме обврската да придонесуваме во овој колективен систем на безбедноста, да бидеме дел од меѓународна организација каде што нашата војска ќе биде рамо до рамо со сојузничките армии, заедно придонесувајќи за глобалната безбедност. Се разбира, реформите во одбраната и безбедноста се постојан процес и ние ќе продолжиме со нив и по членството во НАТО.

Со членството ние и формално ќе станеме сојузници со три од нашите пет директни соседи. Тоа ќе придонесе за поголема безбедност и стабилност на целиот наш регион.

Почитувани сегашни и идни припадници на Армијата,

Македонските граѓани имаат огромна доверба во својата Армија што е стекната со професионално, посветено и квалитетно извршување на поставените задачи. Како што вие одговорно, посветено и професионално го исполнувате вашиот дел од обврските, така и ние политичарите и носителите на одлуки мора да ја исполниме нашата обврска кон вас. Бидете уверени дека како Врховен командант ќе инсистирам на континуирано подобрување на вашиот животен и професионален стандард.

На самиот крај, сакам уште еднаш да ви ја честитам заклетвата и промоцијата во потпоручници“.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Делегациja од Кабинетот на Претседателот оддадe почит на осумтемина армиски резервисти загинати кај Љуботенски бачила

Делегациja од Кабинетот на Претседателот оддадe почит на осумтемина армиски резервисти загинати кај Љуботенски бачила

Делегациja од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во состав полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот и Валентин Диневски, посебен советник за безбедност, по повод 21-годишнината од загинувањето на осум армиски резервисти кај...

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, по повод 21-годишнината од загинувањето на 10-те армиски резервисти кај месноста Карпалак, денеска положија цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје и пред...

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија продолжува со имплементација на проектот „Успешни млади“, признание кое што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе...

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 август - Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите ја упати следната порака: „Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи...

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе...