Обраќање на претседателот Пендаровски на панел-дискусија на тема „Правата на помалобројните заедници во нашата земја“

10 декември 2019 | Обраќања

Почитуван директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците,
Почитуван заменик на претседателот на Владата,
Почитувани министри во Владата,
Почитувани екселенции,
Дами и господа, драги пријатели,

Благодарам за можноста да се обратам на панел-дискусијата „Правата на помалобројните заедници во нашата земја“. Симболиката на одржувањето на овој панел токму на 10 декември ‒ Меѓународниот ден на човековите права е голема и нè обврзува дополнително, сериозно да пристапиме кон темата за која денеска дебатираме.

Неспорен факт е дека нашата земја напредуваше многу во последните две децении во однос на правата на заедниците. Тоа беше резултат на политичката волја, на законските решенија, на демократското зреење на државата, на усвојување на европските стандарди, но, и природен тек на традиционално добриот соживот, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите граѓани.

Сепак, мораме да бидеме објективни и да кажеме дека, како и во многу други области, недостасува почитување и доследна имплементација на законската регулатива. Изговорите кои најчесто ги слушаме се поврзани со недостатокот на финансиски средства, но од она што сите можеме да го видиме, навистина не станува збор за големи суми на пари, особено за така важна област. Сакам јасно да порачам дека државата мора да посвети повеќе внимание и, пред сè, ресурси за имплементација на правата на заедниците. Не смееме да правиме компромиси и импровизации кога станува збор за правото на образование на мајчин јазик, за зачувување на културата и традицијата на сите помали заедници.

Притоа, верувам дека клучна е правичната застапеност во институциите. Не би сакал да звучам како ништо да не е направено досега на ова поле, затоа што многу работи се направени, туку сакам да поттикнам доследно и до крај да се имплементира правичната застапеност во администрацијата и да важи подеднакво за сите етнички заедници.

Почитувани,

Претстојното официјализирање на нашето полноправно членство во НАТО како и процесот на пристапување кон Европската унија, треба да бидат дополнителен мотив за засилување на кохезијата во нашето општество. Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет. Тоа не треба да го правиме за политички или маркетиншки цели или поради тоа што некој друг го бара од нас, туку затоа што тоа е реална потреба на нашите граѓани за нивен личен, но, и за севкупен општествен развој. Ние сме мала земја и сите граѓани ја делат заедничката судбина. Доколку нашите соседи, нашите најблиски се несреќни, не можеме ниту ние да бидеме среќни.

Во тој контекст сум убеден дека одговорноста на припадниците на поголемите заедници е клучна за почитување на правата и потребите на припадниците на помалите заедници. Токму Агенцијата за остварување на правата на заедниците е институцијата која има цел и задача да овозможи поголема интеграција на припадниците на заедниците, како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, во сите сфери на општествениот живот, притоа внимавајќи да се зачуваат нивните етнички и културни специфики. Се надевам дека една деценија по нејзиното формирање, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, конечно, кадровски ќе се доекипира и ќе добие соодветен буџет за непречено и целосно остварување на целите заради кои и беше формирана. Кон таа цел треба да придонесе и новиот предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија и кој во моментов е во собраниска процедура. Практично со овој закон, Агенцијата ќе добие инструменти и капацитет да ги реализира своите надлежности во контекст на следење, заштита и надзор врз спроведувањето на законите кои ги уредуваат правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во државата.

Драги пријатели,

Дозволете во оваа прилика да го споделам мојот став и за иницијативата за измени и дополнувања на Законот за празници, според кои се предлага воведување на десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други“. Можеби овие заедници се квантитативно мали, но придонесот на секој нивен припадник за напредокот на нашето општество е квалитативно еднаков со придонесот на припадниците на побројните етнички заедници. Имено, предлогот предвидува и останатите граѓани, припадници на помалите заедници да имаат свој неработен ден, датум што е битен за нивната историја, традиција и култура. Овој предлог заслужува поддршка затоа што е дефинитивно во духот на градење на општество на еднакви граѓани. Поради тоа и очекувам да се најде во собраниска процедура и да биде усвоен.

На крајот дозволете ми уште еднаш да ви се заблагодарам за поканата да бидам денес со вас. Ви посакувам успешна работа!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, денеска се обрати на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности....

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, за време на неговото учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28, оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо. ...

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи оствари кратки средби со британскиот крал Чарлс Трети, со кралот на Јордан Абдула Втори, со претседателката на Република Словенија Наташа...

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, денеска прими делегација предводена од заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија, Јоичи Фуказава, којашто престојува во земјава по повод учеството на Министерски совет на ОБСЕ. [gallery...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности, што се одржува во рамки на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28. [gallery...