Обраќање на претседателот Пендаровски по повод стапувањето на функцијата Претседател на Република Северна Македонија

12 мај 2019 | Обраќања

Почитувани граѓанки и граѓани, почитуван претседател на Собранието,
почитувани пратеници, почитувани министри, ценети гости,
Ваши Екселенции, претставници на медиумите,

Ми претставува особена чест и задоволство што имам прилика да се обратам од ова место, од Собранието на Република Северна Македонија, до целата македонската јавност,во демократски амбиент, како што и личи на највисокиот претставнички орган на граѓаните, во држава која е на прагот да стане членка на НАТО и очекува датум за преговори за членство во Европската Унија.

Во овој контекст, тукушто завршените претседателски избори се важни, не заради изборниот резултат, туку, пред сѐ, заради два други аспекта. Прво, заради оценката на надлежните домашни институции и меѓународните мониторинг мисии дека државата организираше фер и демократски изборен процес и второ, заради евидентно повисокото ниво на политичка култура,коганаспроти жестоката изборна реторика, учесниците го признаа изборниот исход, што,кај нас, се случува за прв пат по неколку децении.

Почитувани,

Дозволете ми на почетокот да се обратам до сите граѓани, до оние кои учествуваа на изборите и до оние кои останаа во своите домови, до оние кои се организирани во политички партии и до оние кои не се. Основниот критериум според кој, јас самиот, ќе го ценам сопствениот ангажман како претседател на државата, но, далеку поважно, според кој очекувам да ме вреднуваат граѓаните е: дали ќе бидам претседател на сите граѓани или само на оние кои ме поддржаа. Според другата страна на тој ист критериум, не помалку важно е: каков ќе биде мојот однос кон политичката опозиција во нашата земја, во која, од различни причини, кои сите ги знаеме, постои длабока политичка поделеност,што, објективно, ги намалува нашите потенцијали за развој.За жал, во денешна Европа речиси и да не постои држава која е толку мала, а толку внатрешно поделена, по многу основи, од кои најголемиот дел се политички, и во најголем дел се креирани од нас, политичарите.

Сакам во мојот прв настап како претседател на државата, јавно да кажам и да се обврзам дека ќе бидам претседател на сите, и на оние кои гласале за мене, и на оние кои гласале за некој од моите противкандидати, се разбира, подеднакво и на оние кои од различни причини воопшто не излегле на гласање, затоа што и тоа е апсолутно легитимен чин.

Во политичката сфера, прва работакоја ќе ја направам, а за која често зборував во изминативе два месеци, е да подадам рака за соработка кон опозицијата. Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство, затоа што демократијата постои само кога различните малцинства во општеството се заштитени од евентуалното самоволие на мнозинствата, а за тоа само законите,најчесто, не се доволни.

Политичките разлики меѓу луѓето и партиите ќе продолжат да постојат затоа што се природни и нужни, но, енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обединети околу неколку стратешки важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус. Тука, мислам, пред сѐ, на нашите евроатлантски аспирации за кои на реторичко ниво постои целосна согласност меѓу релевантните политички субјекти, меѓутоа, модалитетите за нивна реализација во кои веруваме, се различни. Како претседател ќе се ангажирам во дипломатските напори за довршување на процесот за нашето полноправно членство во НАТО, и за време на целиот тек на преговори за членство во ЕУ, во кои ќе инсистирам да бидат вклучени најдобрите умови кои оваа земја ги има, независно дали доаѓаат од редовите на опозицијата, од невладините организациии или од редот на независните експерти.

Потоа, мислам и на меѓуетничките односи и на балансот меѓу сите етнички заедници, што секогаш претставувалостолб на нашата внатрешна стабилност и безбедност. Тука, најголемиот проблем бил и останува да биде, однесувањето на најголемите политички партии кои често својата позиција кон меѓуетничкитепрашањаи проблеми ја обликуваат во зависност од тоа дали се наоѓаат на власт или во опозиција.Во овој дел, ќе барам политичка одговорност и јавно изречените зборови на овие чувствителни теми да не се разликуваат во зависност од тоа дали сме во кампања или не, затоа што тоа кај граѓаните, независно од нивната етничка припадност,предизвикувавознемиреност, но и драстично го намалува кредибилитетот на сите нас, нивните избрани политички претставници. Во овој дел, најголемата придобивка која мораме да ја чуваме, а за која не сум сосема сигурен дека сме свесни дека ја имаме, е што после долги години имплементација на Рамковниот договор, припадниците на буквално сите етнички заедници ја нарекуваат Република Северна Македонија – нашата држава, што е многу редок феномен на Балканот.

Почитувани,

Според мене, нашата држава во наредниот период има два апсолутни приоритети од чија што реализација зависи и нејзината судбина и нејзината иднина. Тоа се, прво, постигнување на многу повисоки стапки на економски развој од досегашните, и второ, нулта толеранција за криминалот, корупцијата и непотизмот. Ова второто, ја поткопува економијата и ја намалува довербата на граѓаните во институциите, а второто, заедно со првото, ја засилува емиграцијата на младите и способните без кои нашата држава нема иднина. За успешен одговор и на двата предизвици, и власта и опозицијата и бизнис секторот мораат да работат заедно, затоа што нема просперитет аконајдобрите од генерацијата сакаат да работат исклучиво во државната администрација или си одат од тука, додека во приватниот сектор недостасуваат квалификувани работници,а платите заостануваат зад буџетските.

Одличните односи со сите пет соседи и продуктивната регионална соработка се базичен предуслов за развој на држава со специфична географска положба и дистрибуција на населението како нашата. Договорите со Бугарија и Грција се позитивен пример како со политичка храброст и со ставањето настрана на историските стереотипи е возможно да се заштитат националните интереси, а во исто време, и да се промовираат стратешките интереси на државата.

Почитувани,

Имам јасна цел да дадам конкретен придонес во поддршка на граѓанскиот сектор каде што се ангажирани голем број на квалитетни луѓе и кој со години беше непотребно маргинализиран. Понатаму,ќе дадам поддршка закреирањето на амбиент за слободна работа на медиумите кои се столб на секоја демократија и во таа смисла, верувам дека уште во кампањата демонстрирав, а, се разбира, тоа ќе го правам и понатаму, многу повисоко ниво на толерантност во трпењето критики за мојата работа, дури и критиките без аргументи, бидејќи сум уверен дека не треба да постои горна граница за медиумската критика кога станува збор за известување од работата на јавните личности.

Во однос на делот кој спаѓа во директна надлежност на претседателот, Армијата и дел од безбедносно-разузнавачкиот апарат сакам јавно да објавам дека сите промоции во тие структури ќе бидат во согласност со законите и професионалните референци на кандидатите, а за највисоките позиции и во соработка со владата, Собранието и опозицијата. Реформата на службите мора да се одвива според моделот на конституирањето на ОТА за кој што постоеше консензус меѓу власта и опозицијата. Системските реформи и неопходната кадровска обнова во овие исклучително битни сегменти на државата мораат да бидат засновани на поширок политички и експертски консензус,затоа што е крајно време, по 30 години транзиција да изградиме професионални институции чија што работа нема да зависи од промените на власта.

Драги пријатели,

Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато иреално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка.

Да сте живи и здрави и да ни е вечна нашата заедничка држава, Република Северна Македонија!

Ви благодарам!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција“ во пресрет на 28. Самит за климатски промени

Претседателот Пендаровски се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција“ во пресрет на 28. Самит за климатски промени

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција “, којашто се одржа во соработка со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан, а во пресрет на претстојниот...

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, денеска го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година. Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава. За Најдобра...

Панел – дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство

Панел – дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство

Под покровителство на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и во соработка со Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, денеска се одржа панел-дискусија на тема „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“,  по повод кампањата „16 дена активизам...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“

Претседателот Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“ којшто се одржа во рамки на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, иницијатива под покровителство на Претседателот. [gallery...

Обраќање на претседателот Пендаровски по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука

Обраќање на претседателот Пендаровски по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука -  22 ноември и 115. годишнината од одржувањето на конгресот во Битола, каде беа поставени темелите за стандардизација на албанскиот јазик. [gallery...