Обраќање на претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност

30 мај 2020 | Обраќања

Денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, се одржа 7-та седница на Советот за безбедност, посветена на вонредната состојба воведена заради заштита и справување со епидемијата со корона-вирусот.

Во продолжение е интегралното обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Почитувани,

Денеска ja одржавме 7-та седница на Советот за безбедност на која дискутиравме за мерките и активностите во изминативе 14 денови додека траеше вонредната состојба.

Присутни на седницата беа претседателот на Собранието и на владата, министрите за одбрана, внатрешни и надворешни, и членовите на советот – професорите Гоцевски, Љатифи и Марковиќ. Присутен на моја покана беше и министерот за здравство, Венко Филипче.

Членовите на Советот дискутираа за активностите на владата и на другите надлежни органи во периодот од 17 мај до денес. Освен реферирањето на премиерот и надлежните министри, министерот Филипче информираше за најновиот развој на пандемијата кај нас и за стручните проценки и предвидувања за наредниот период.

Јавноста е веќе информирана дека бројот на новозаболени и за жал, на починати наши сограѓани започна да расте во последниве денови. Точно е дека во најголемиот број од општините, ситуацијата е стабилна, но, за неколку општини постои сериозна загриженост.

Со оглед на последните трендови, премиерот Спасовски на седницата го образложи барањето на владата за прогласување на дополнителни 14 дена вонредна состојба.

Почитувани,

Имајќи го во предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица, во текот на денешниот ден ќе донесам одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба која ќе започне да тече од утре.

Тука сакам посебно да нагласам дека одлуката за новите 14 денови е поврзана исклучиво со намерата да и се овозможи на владата и на останатите надлежни институции поефикасно да се справуваат, пред се со здравствените, но и со економско социјалните ефекти од пандемијата и нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори што е предмет на договарање во поинаков политички формат и по сосема други комуникациски канали, различни од Советот за безбедност.

Почитувани,

Во оваа прилика ќе ми дозволите да упатам три пораки – една до граѓаните, една до владата и една до лидерите на политичките партии.

Прво до граѓаните, сакам да им се заблагодарам на огромното мнозинство наши граѓани за тоа што веќе трет месец крајно дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките за заштита на своето здравје и здравјето на своите најблиски. Истовремено сакам да упатам апел до нив, до сите нас, да не се опуштаме и со тоа да ги доведеме во прашање сите позитивни резултати кои ги имавме до сега во борбата против пандемијата. Ние оваа битка сигурно ќе ја добиеме, но, мораме да останеме совесни и одговорни до самиот нејзин крај.

До владата – негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани. Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќања на кризата на самите почетоци и крајно неправедно, заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако за сето време ги почитувале и законите и препораките.

До политичките лидери кои учествуваат на т.н. лидерски средби – државата нема парламент, постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија

Претседателот Пендаровски во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, вчера попладне во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски му го врачи одликувањето на генералниот...

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со Јури Ким и Џим O’Брајан од американскиот Стејт Департмент

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со Јури Ким и Џим O’Брајан од американскиот Стејт Департмент

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O'Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции...

Обраќање на претседателот Пендаровски на Генералната дебата на 78. Генерално собрание на Обединетите нации

Обраќање на претседателот Пендаровски на Генералната дебата на 78. Генерално собрание на Обединетите нации

Почитуван Претседател на Генералното собрание, Почитувани шефови на држави и на влади, Почитуван Генерален секретар, Дами и господа, Ми причинува особена чест и големо задоволство, во име на граѓаните на Република Северна Македонија, да се обратам од говорницата на...

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со претседателот на Република Кореја, Јун Сук-Јеол

Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со претседателот на Република Кореја, Јун Сук-Јеол

Претседателот Стево Пендаровски вчера во Њујорк оствари билатерална средба со претседателот на Република Кореја, Јун Сук-Јеол. На средбата, која е прва средба на ниво на претседатели на држави, беше изразен интерес и подготвеност за истражување на правците за...

Претседателот Пендаровски во посета на Њу Џерси

Претседателот Пендаровски во посета на Њу Џерси

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера го посети Њу Џерси. Во придружба на сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, претседателот Пендаровски го...