Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на државниот празник 2-ри Август – Илинден во Пелинце

2 август 2020 | Обраќања

Почитувани присутни,
Драги пријатели,

2-ри август е исклучителен повод да се потсетиме и на историското и на современото значење на илинденската кауза. Таа историска епопеја не е само борба за слобода против тиранијата. Илинден, и Крушевскиот во 1903-та и АСНОМскиот во 1944-та, се уникатни по својот карактер, исто како што е единствена и нашата држава и нејзиниот пат кон независноста од 1991-та година до денес. Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден беше и остана симбол на неспорно изразената волја за своја држава, заснована врз републикански и демократски начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници во неа. Повеќе од еден век по Крушевскиот манифест и 76 години подоцна од Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија, не престануваме да се инспирираме од потфатот на тогашните револуционери. Нивната борба за човечки правдини во себе ги спојува хуманизмот, космополитизмот и солидарноста и ги поставува како темелно начело и врзивно ткиво на македонската државност. Нивната визија за меѓуетничка и меѓурелигиска кохабитација е реализирана во денешна Република Северна Македонија како заедничка татковина на нејзините граѓани, обединети околу принципите на слободата, човековите права, демократијата и солидарноста.

Овој Илинден го прославуваме во, навистина посебни услови. Целиот свет е зафатен од пандемијата на корона вирусот. Оваа несреќа, освен што донесе страдање на милиони луѓе, се заканува целосно да го промени нашиот начин на живот. Слободата на движење како цивилизациска придобивка денес е потешко остварлива дури и од времето пред почетоците на масовните патувања. Социјализацијата, како суштина на човековата заедница, сега е конфронтирана со социјалната дистанца како парадигма на „новата нормалност“. Конечно, отуѓувањето што го донесе оваа најголема криза во современата историја, сериозно ја загрозува нашата меѓусебна солидарност. Солидарност со оние кои поминаа и за жал сеуште поминуваат низ пеколот на болеста и солидарност со оние кои ги загубија работните места и останаа без приходи за достоинствен живот.

Здравствената криза која одамна премина во економска, политичка и морална криза во светот ќе биде со нас уште многу месеци и сериозно ќе го лимитира нашиот развој и аспирациите за подобар живот. Затоа ќе мора како држава што побрзо да најдеме начин како да ја обезбедиме социјалната правда и да ја поттикнеме економската активност и развој без да влеземе во вртлогот на финансиско задолжување и неконтролирано зголемување на јавниот долг.

Во изминатите месеци, и покрај пандемијата, нашата држава реализираше една од своите две најважни стратешки цели, а тоа е членството во НАТО. После долги години тешкотии и блокади низ кои бевме принудени да поминуваме, оваа година, станавме 30-та членка на најмоќната воено-политичка организација составена од демократски и просперитетни држави. Станува збор за процес со долгорочни историски консеквенци насочен кон зацврствување на нашата државност, на нашата меѓународна позиција и не помалку важно, на нашата внатрешна кохезија.

Во март оваа година, Европскиот совет, конечно, донесе одлука за почеток на преговорите со нашата држава за членство во Европската Унија, 15 години по добивањето на кандидатскиот статус. Но, оваа одлука е само почеток на еден долг процес во кој ќе треба фундаментално да се трансформираме и конечно да се оддалечиме од лошите политички практики. Новата методологија за преговорите овозможува побрза интеграција, но само за државите кои имаат волја да прават вистински, а не козметички реформи.

Почитувани,

На сите ни е јасно дека освен животниот стандард, нашиот главен проблем е тоа што не сме сите еднакви пред законот. Нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасното судство не се само пречка за побрзо интегрирање во Европската Унија, туку, многу поважно, тие се главната пречка за да живееме нормален живот во пристојно уредена држава. Нашите граѓани, со право, се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал, се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал.

Секоја злоупотреба на функцијата, секој злоупотребен денар од јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе, за затворање или преселба на бизнисите во други држави и за енормното зголемување на фрустрациите и радикализација на граѓаните.

Нови инвестиции, иновации во бизнисот, добро платени работни места, севкупен економски и социјален развој, се можни само во систем во кој е заштитена сопственоста, јавните финансии не се злоупотребуваат за лични цели, просперираат оние кои работат според правилата, а казнети се оние кои ги кршат законите. Единствен начин да изградиме праведно општество е да го применуваме правото. Секоја друга политика, особено онаа која се базира на корупција и клиентелизам, е погубна за нашиот развој и ќе ја уништи перспективата за пристоен живот на огромно мнозинство наши граѓани за сметка на едно привилегирано и корумпирано малцинство.

Во таа насока, сега кога парламентарните избори се завршени, очекувам што е можно побрзо да се конституира новото Собрание и новата влада. Следната влада ќе ја нема комоцијата да не и бидат поставувани тешки прашања во првите сто дена. Актуелните трендови со вирусот нема да дозволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми секогаш носат нестабилност и граѓанско незадоволство. Многу порано пред да ги започнеме преговорите со ЕУ, ќе мора да почнеме со практична имплементација на итните правни реформи и да ја интензивираме борбата против организираниот криминал и високата корупција.

Конечно, новата влада ќе има и една друга, комплексна задача, особено после ваква изборната кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните.

Почитувани,

Веднаш по изборот за Претседател на Републиката реков дека една од моите главни политички и морални обврски ќе биде да работам на граѓанското помирување кое денес, нам, убеден сум, ни е потребно повеќе од било кога во нашата историја како независна држава. Се надевам и очекувам таа моја заложба да биде поддржана и од новата влада и од опозицијата и дека заедно со сите граѓани, независно од нивното етничко потекло и партиско убедување, ќе работиме за остварување на оваа цел. Да нема никој дилема, во нашата земја, сечија етничка и партиска припадност мора да се почитува, без исклучок, меѓутоа, партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок.

Граѓанското помирување е основен услов за функционирање на едно демократско плурално општество, а демократијата е претпоставка за економски развој. Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи остварувањето на правата и слободите на секој граѓанин, дури тогаш ќе имаме вистински демократска држава.

За тоа прашање, и после толку години, не губат на значење зборовите на најстариот делегат на првото заседание на АСНОМ. Говорејќи за обединувањето на сите продемократски сили зад истата кауза, недалеку од овде, во 1944 година, Панко Брашнаров рече – во овој момент, земјата на нашите покојници, многубројните народни херои, кои паднаа и ги посејаа коските по цела Македонија – им станува полесна и тие во мир го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба на старите Илинденци, на Гоце Делчев и денешните Илинденци.

Почитувани присутни,

Сите ние, денешните Илинденци имаме обврска да го почитуваме овој завет на старите Илинденци. Нашата генерација, привилегирана да живее во мир и да има сопствена држава, како и секоја генерација пред нас, има своја битка која мора да ја извојува ако сака да остави нешто вредно зад себе, за оние кои доаѓаат по нас.

Нашата битка е да обезбедиме достоинствен живот за секој наш граѓанин во својата татковина, а не надвор од неа. За тоа да го постигнеме, мора да има правда и слобода за секого. Само тогаш ќе може да кажеме дека сме достојни наследници на делото на нашите предци.

Нека ни е вечен Илинден!
Да ни е вечна Републиката!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Дискусија „Влијание и вклучување на гласачи: како до успешни политички кампањи?“ во организација на ПЦПО и ИРИ

Дискусија „Влијание и вклучување на гласачи: како до успешни политички кампањи?“ во организација на ПЦПО и ИРИ

Во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија се одржа дискусија на тема „Влијание и вклучување на гласачи: како до успешни политички кампањи? - лекции од Соединетите Американски Држави“, во организација на Претседателскиот центар за политичко...

Претседателот Пендаровски се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција“ во пресрет на 28. Самит за климатски промени

Претседателот Пендаровски се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција“ во пресрет на 28. Самит за климатски промени

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција “, којашто се одржа во соработка со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан, а во пресрет на претстојниот...

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, денеска го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година. Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава. За Најдобра...

Панел – дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство

Панел – дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство

Под покровителство на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и во соработка со Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, денеска се одржа панел-дискусија на тема „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“,  по повод кампањата „16 дена активизам...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“

Претседателот Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“ којшто се одржа во рамки на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, иницијатива под покровителство на Претседателот. [gallery...