Select Page

Обраќање на претседателот Пендаровски по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија

18 август 2020 | Соопштенија

Почитувани припадници на Армијата на Република Северна Македонија,

Ценети екселенции,

Драги сограѓани,

Денешниот наш празник е повод да се навратиме на 1943 година кога на Славеј планина е формиран првиот баталјон во народнослободителната борба. Континуитетот меѓу баталјонот „Мирче Ацев“ и нашата современа армија не е само историски, туку е и вредносен. За време на Втората светска војна, македонските партизански единици беа дел од глобалната коалиција која се спротивстави на фашистичкото и нацистичко зло. Освен што беше реализирана најважната цел – слободата, партизанската војска беше на вистинската страна на историјата, со што на нашиот народ му обезбеди достојно место меѓу победниците на војната кои го создаваа новиот светски поредок.

 

 

 

Оваа година станавме 30-та членка на НАТО, организација на демократски и просперитетни држави. Членството е резултат на волјата на големото мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении. Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко оштество.

Полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили, и нивното учество во ризичните мировни мисии во светот.

Во остварувањето на нашата стратешка цел секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите членки. Меѓу нив, посебно место има поддршката од Соединетите Американски Држави. Од нашата независност до денес, САД континуирано ни помагаат да изградиме стабилна, сигурна и просперитетна армија и држава. Токму затоа, денес, ја одликував со Орден за воени заслуги Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави. Орденот е симболичен израз на благодарноста на македонските граѓани кон Соединетите Американски Држави и пријателскиот американски народ за сета поддршка во сите изминати децении.

Почитувани присутни,

Не е фраза ако се каже дека да се биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот е голема привилегија, но и уште поголема обврска и кон нашите граѓани и кон нашите сојузници. Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од Европската Унија и НАТО е поради темелните вредности на овие две заедници. Таму клучната вредност е владеењето на правото и функционалната правна држава како основен услов за економски и социјален развој. Организираниот криминал и високата корупција кои, за жал, се дел од нашето секојдневие ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и надежта за пристоен живот.

Најважната обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача. Историјата нема да ни прости ако и овој пат не бидеме на вистинската страна како што бевме и за време на Втората светска војна.

Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас, политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции. А, таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива.

Членството во НАТО ја крева на многу повисок степен и одговорноста на Армијата. Од март оваа година нашата униформа и име се нераскинлив дел од оваа глобална алијанса. Затоа, мораме да продолжиме да инвестираме во одбраната, да ја модернизираме и опремуваме Армијата и за тоа секогаш ќе ја имате мојата лична поддршка.

Мојата врвна политичка заложба како Врховен командант, а тоа го очекувам и од новата влада е во следните години да ја оствариме зацртаната цел за вложување на најмалку 2% од БНП во модернизацијата и развојот на Армијата. Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент, ќе ја актуелизираме, особено во пресрет на подготовките за буџетот за следната година. Во овој контекст, сакам да подвлечам дека е неспорен и континуитетот на наше активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите нации со што придонесуваме за глобалниот мир и безбедност.

Почитувани,

Новите безбедносни предизвици за нашата држава и за НАТО алијансата треба да ги согледаме и во услови на пандемијата предизвикана од Корона вирусот. Очигледно е дека пандемијата не предизвика само здравствена криза, туку и политичка, економска и безбедносна. Хибридните закани, кои ги споменав, се само дел од заканите што имаат за цел да ја нарушат стабилноста на државата, да ја разнишаат довербата меѓу сојузниците и да ги ослабат националните и заедничките напори за борба и победа над вирусот. Од почетокот на кризата, една од главните цели на сојузниците, а со тоа и наша цел, беше и останува да биде – здравствената, економска и социјална криза да не прерасне во безбедносна закана.

Изминативе месеци имавме прилика и во вакви услови на длабока глобална криза да ја видиме отпорноста и адаптибилноста на Алијансата. НАТО тоа го направи успешно на повеќе нивоа. Ги гради ресурсите на државите-членки за справување со ризици, вклучително и со епидемии, како и капацитетите за борба против кампањите за дезинформирање на јавноста кои се рапидно зголемени. НАТО дава целосна логистичка поддршка и за транспортот на неопходната медицинска опрема за земјите-членки и овозможува солидарна размена на медицински материјали и персонал. Како полноправна членка ние сме веќе дел од координативните механизми на НАТО за справување со пандемијата и со хибридните закани.

Почитувани,

На национално ниво, во битката против вирусот важно учество има и Армијата. Затоа, денес, со Орден за воени заслуги одликував и две единици на Армијата кои зад себе имаат забележителни резултати. Покрај нивниот ангажман во мирнодопски услови во земјата и во меѓународни мисии, овие две единици и во услови на прогласена вонредна состојба даваа голема поддршка на другите институции, особено на министерствата за здравство и за внатрешни работи и на единиците на локалната самоуправа.

Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од Командата за операции од Тетово имаше успешна мисија во прогласените кризни региони во општините Дебар и Центар Жупа. Баталјонот за воена медицинска поддршка од Логистичката база, освен што секојдневно се грижи за здравјето на припадниците на Армијата, ја стави својата болница на располагање на Клиниката за инфективни болести и ангажираше медицински персонал за поддршка на КОВИД – центарот во Градската општа болница „8-ми Септември”. Преку одликувањето на овие две единици симболично им оддаваме признание и на сите припадници на Армијата кои изминативе месеци беа ангажирани во справување со последиците од пандемијата.

Како ваш Врховен командант особено сум горд на покажаниот висок професионализам, дисциплина и посветеност во овие тешки времиња. Вашата подготвеност да помогнете таму каде што е најмногу потребно е пример за целата наша заедница. Тоа не обврзува да продолжиме со вложувањето во Армијата, во нејзината опрема и вооружување, но, пред се и нас се, во вас, во човечкиот потенцијал, затоа што армијата не ја чинат објектите, туку луѓето од кои зависи нашата безбедност и стабилност.

Почитувани припадници на Армијата,

Почитувани сограѓани,

Ова е голем ден за нашата Армија и за сите нас. За прв пат како држава членка на НАТО го празнуваме 18 Август – Денот на Армијата. За прв пат, заедно со нашата Армија, симболично празнуваат и нашите сојузници во НАТО.

Нека ни е честит Денот на Армијата!

Нека ни е вечна државата!

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Али Февзи, хуманитарец од Скопје. На средбата Февзи го запозна претседателот Пендаровски со неговата иницијатива за донирање на поединци и семејства во социјален ризик, што беше интензивирана по почетокот на пандемијата...

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти. На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања во двете...

Чествување по повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба

Чествување по повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба

Делегации од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба положија свежо цвеќе пред: - Споменикот Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје и - Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила....

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани сограѓани, Ви го честитам 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето...

Pin It on Pinterest