Обраќање на претседателот Пендаровски на панел-дискусијата на тема „Деполаризација на јавниот дискурс: македонскиот „невидлив“ критериум за членство во ЕУ“

27 јуни 2019 | Средби

Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Ми претставува особена чест и задоволство што имам можност со моето излагање да бидам дел од денешнава панел дискусија што ја организира Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Благодарам за поканата и, посебно, за изборот на темата.

Несомнено се работи за чувствителна тема што ги диктира општествените процеси, и задира длабоко во секојдневието како на јавните личности, така и на обичните граѓани. Без обид непотребно да рециклирам теми од неодамна завршените избори, сакам само да потсетам дека, не случајно во мојата изборна платформа, се обврзав дека ќе дадам личен придонес за прекинување на политиката на поделби, омраза и конфликти, поврзувајќи ги граѓаните независно од нивното етничко, верско, социјално или друго потекло. Верувам дека изборниот резултат, покрај мноштвото други фактори на влијание, се разбира, беше таков и затоа што дел од граѓаните ја разбраа и ја поддржаа таа моја заложба, веројатно и самите чуствувајќи дека, во меѓувреме, за жал, отидовме предалеку со поделбите и омразата, што според сите анализи не ја мобилизира општествената енергија неопходна за промени. Напротив!

Во овој контекст, за да ги придвижиме процесите во позитивна насока уверен сум дека моравме, прво, да донесеме неколку тешки, но, битни одлуки кои ја стабилизираа земјата, или барем одат во таа насока, и кои ни отворија можности за развој и просперитет. При тоа, иако декларативно имавме или имаме обединување околу стратешките цели – тука освен ЕУ и НАТО го вбројувам и Рамковниот договор, за жал, наидовме на многу опструкции кои беа далеку од конструктивни критики и забелешки и кои ни одземаа многу време и енергија, како држава. Сега кога сме на прагот на формалното членство во НАТО и пред почеток на преговорите со Европската Унија, повторно сме соочени со ново, дополнително поларизирање на односите, недоверба и малодушност. Тука не ги вбројувам, се разбира, конструктивните критики и нудењето идеи и решенија за подобрување на политиките кои придонесуваат за реализација на стратешките цели.

Сигурен сум дека оддалечувањето од целта, односно, понатамошното одолговлекување на процесот на евроатлантските интеграции само ќе го продлабочи јазот како на интраетнички, така и на интеретнички план и дополнително ќе ги засили политиките на поделби, омраза, конфликти и предрасуди. Секако дека ниту евроатланската интеграција нема преку ноќ да ја реши поларизацијата во општеството, поделбите на ваши и наши, свои и туѓи, патриоти и предавници, но, влезот во тие големи системи поставени врз вредности и принципи, ќе им ја олесни работата на сите граѓани, но, пред се, на носителите на јавни функции, за суштинско подобрување на институциите и креирање на клима на предвидливост и доверба која сега, реално – отсуствува.

Процесот на помирување не е лесен и едноставен, и сигурно ќе трае со години, можеби и децении. Постои многу анимозитет, омраза и гнев што се провлекува низ нашето општество подолг временски период, заканувајќи се да ни ја одземе енергијата како заедница и како држава. Мојот прилог во тие процеси, како претседател, мислам дека ќе биде повидлив, ако наместо во изработката на тн. големи стратешки документи и проекти се фокусирам, пред се, на тн. мали потези, почнувајќи од кадровската политика, па се до дневните одлуки во рамките на моите уставни и законски надлежности. Во таа насока, се трудев со првите мои потези поврзани со кадровските решенија за моите најблиски соработници, но, и со јавната реторика при чинот на инаугурација да покажам дека треба да го оставиме зад нас времето на делби, реваншизам, омраза, зла крв, при што, за мене беше и останува да биде многу поважно да водам сметка за професионалните и човечките квалитети, вештините и знаењето, искуството и креативноста на луѓето, отколку за нивната формална партиска припадност или суштинска политичка лојалност.

За мене, а сигурен сум и за сите кои раководат во државата, но, и во бизнис заедницата, невладиниот сектор, медиумите, партиската, етничката, религиозната, идеолошката или која и да било друга припадност, треба да бидат небитни, иако, денес, за жал, во многу од овие инстанци, се – најбитни. Иако низ годините на јавно делување, на своја кожа сум истрпел многу навреди, закани, омраза, лични дисквалификации, тоа никогаш не ме поколебало да продолжам да работам на поттикнувањена соработката и дијалогот и на вклучување на сите политички чинители во битните политички процеси, а еден од нив, секако е и процесот на помирување. Тука сакам да споменам еден податок, не, за да се истакнам, туку затоа што час поскоро тоа треба да стане рутина за сите носители на јавни функции, имено, јас секојдневно контактирами разговарам со политичари, со дипломати и со експерти, претставници на граѓанскиот сектор, членови на бизнис заедницата, претставници на медиумите, обични граѓани, сосема небитно од нивното политичко убедување и етничка припадност.

Почитувани,

Еден од условите за намалување на поларизацијата во општеството е и преку намалување на поларизацијата помеѓу институциите. Оттука за мене кохабитацијата, без разлика која политичка партија или коалиција е на власт, е нешто што нема алтернатива. За жал, знаеме дека до сега продуктивна кохабитација меѓу претседателот и владата сме имале многу ретко и тоа само кога и двете страни доаѓале од иста политичка провиниенција. Како функционери платени од народни пари, ние не можеме да си дозволиме луксуз на меѓусебна нетрпеливост и анимозитет поради што ќе трпат граѓаните, а функционалноста на државата ќе биде доведена во прашање.

Сведоци сме колку малку ни е потребно за сплотеност околу заедничките цели и вредности. Видете ги само последните примери – што се случуваше по успехот на Тамара на Евровизија, по освојувањето на европската титула на РК Вардар, по златниот медал на кадетското првенство во борење на Бесир Алили. Имаме извонредни уметници, големи научници, спортски величини кои треба заеднички да ги респектираме. Наспроти заморот од долгата и мачна транзиција и перцепциите кои се предизвикани воглавно од тоа, имаме традиција и култура, имаме прекрасна земја и прекрасни луѓе. Зарем треба во нашите животи да се опкружиме со гнев и омраза и наместо достоинство и почит кон другиот да негуваме гнев и завист? Искрено, дали воопшто вреди животот без пријателство и без заедничкото споделување на радоста и тагата, треба ли да постои и нешто друго, освен инстантниот успех преку ноќ, присутноста на социјалните мрежи заради присустност и постојаното трчање по профит?

Ние повозрасните паметиме дека овој народ, овие граѓани, сите ние, некогаш бевме познати како гостопримливи и солидарни, како достоинствени и чесни, како умерени и трпеливи, како правдољубиви луѓе и тоа, уверен сум немаше врска со политичката идеологија во тоа време. Да не ги изгубиме овие човечки вредности врз кои треба да градиме доверба и разбирање, да го градиме нашето општество кое ќе се темели на правото и правдата, општество во кое непотизмот и корупцијата нема да бидат начин на живеење, општество во кое законите ќе важат подеднакво за сите и ќе бидат доследно спроведувани, општество во кое ќе се ценат знаењето и моралните квалитети, образот на човекот. Верувам дека процесот на помирување мораме да го започнеме од себе и во себе, да тргнеме од нашето непосредно окружување, од нашите профили на социјалните мрежи, од нашите коментари, ставови, забелешки, од нашето однесување кон пријателите, колегите, кон соседите, во нашите семејства.

Ви посакувам, си посакувам и себеси, оваа дискусија да даде поттик кон помирувањето и кон деполаризација на јавниот дискурс, иако мислам дека и полу-јавниот дискурс не треба да биде заобиколен. Составот на учесниците кои претставуваат различни политички опции, дивергентни светогледи и професионални интереси нека биде доказ дека можеме да се сплотиме уште при првиот чекор при нашето соочување со оваа тема. Тоа е единствениот пат кон праведно општество на еднакви и слободни поединци кои ќе трагаат по среќата.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Делегациja од Кабинетот на Претседателот оддадe почит на осумтемина армиски резервисти загинати кај Љуботенски бачила

Делегациja од Кабинетот на Претседателот оддадe почит на осумтемина армиски резервисти загинати кај Љуботенски бачила

Делегациja од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во состав полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот и Валентин Диневски, посебен советник за безбедност, по повод 21-годишнината од загинувањето на осум армиски резервисти кај...

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот оддадоа почит на 10-те армиски резервисти загинати кај Карпалак

Претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, по повод 21-годишнината од загинувањето на 10-те армиски резервисти кај месноста Карпалак, денеска положија цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје и пред...

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија продолжува со имплементација на проектот „Успешни млади“, признание кое што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе...

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 август - Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите ја упати следната порака: „Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи...

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе...