Обраќање на претседателот Пендаровски на меѓународната научна конференција ,,Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура”

29 јуни 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на меѓународната научна конференција ,,Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура”, којашто се одржа во „Куршумли-ан“ во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Делото на Конески и на останатите основоположници на современиот македонски литературен јазик, за жал, често е мета на оркестрирани напади и ирационални негирања. Станува збор за атак врз нашиот јазичен и културен идентитет пред кој ние не можеме и не смееме да останеме неми набљудувачи. Фактите и научната верификација на меѓународно ниво одат во наш прилог не оставајќи простор за импровизации и политички интерпретации“ порача претседателот Пендаровски во обраќањето.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Почитувани учесници на  меѓународната научна конференција ,,Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура”, 

Драги пријатели,

Почестен сум што имам можност да се обратам на оваа извонредно битна меѓународна конференција која се совпаѓа со два значајни јубилеја – 40 години постоење на Институтот за литература при Универзитетот Свети Кирил и Методиј, како и 100 години од раѓањето на втемелувачот на современата македонска филологија, лингвистика, литература и култура, Блаже Конески.

Да се има грижа кон книжевното културно наследство, да се негува меморијата за континуитетот на мислењето обликувано низ книжевните форми и записи, значи да се архивира секоја социо-културна специфика на едно национално милје, но, пред се, значи да се има посебен однос кон сопствените корени.

Многу одамна е јасно дека културите, нивната повеќезначност и слоевитост се рефлектираат низ наративите на книжевните записи кои остануваат релевантни за сите времиња. Богатството на културните идентитети најдобро може да се согледа низ мноштвото книжевни артикулации во светот, а низ тие артикулации се отсликува и развојот на јазичното богатство и наследство.

Токму затоа не смееме ниту да помислиме да запреме со одговорното архивирање, но и со постојаното научно, креативно и критичко промислување на контекстите во кои е создавано книжевното културно наследство. Ако тој процес запре, бездруго ќе запре и идејата за творење како културен и општествен процес иманентен на луѓето.

Програмата на овој научен собир потврдува дека воопшто не треба да стравуваме од евентуалната загрозеност на книжевно-јазичното културно наследство – неговата заштита била и ќе биде обмислувана на највисоко научно рамниште, а, со современите алатки на дигиталното доба во кое живееме, ќе биде впишано и во софтверот и во хардверот на сегашноста, се разбира, во име на иднината.

Почитувани,

Во годината во која го чествуваме раѓањето на Блаже Конески, треба да биде присутно сознанието дека сме имале за наш современик личност која е единствена во своето слово, во својата мисла, со својот професионален, творечки и научен капацитет, но, не помалку важно, и со својот човечки интегритет. Конески претставува синергија на древното и на современото, врв од кој може да се види огромната ризница на нашето современо, но и наследено културно богатство. Чест ми е што сум покровител на низа настани со кои ќе се обидеме барем делумно да му се оддолжиме на Конески за сето она што го направи за нашата култура, книжевност и јазик. За патоказите на современоста кои ги воспостави, а кои ние имаме должност да ги надградуваме. Во ракопис, печатено или дигитализирано, наследството на Конески, но и воопшто, севкупното наше културно и книжевно наследство не смее да остане архива за која ќе се интересираат само истражувачите: тоа треба да биде приопштено на соодветен начин на секој наш граѓанин, особено на помладите генерации, обликувајќи ги и еманципирајќи го нивниот светоглед.

Почитувани,

Делото на Конески и на останатите основоположници на современиот македонски литературен јазик, за жал, често е мета на оркестрирани напади и ирационални негирања. Станува збор за атак врз нашиот јазичен и културен идентитет пред кој ние не можеме и не смееме да останеме неми набљудувачи. Фактите и научната верификација на меѓународно ниво одат во наш прилог не оставајќи простор за импровизации и политички интерпретации.

Ваквите меѓународни конференции се најдобар начин за враќање на фокусот кон книжевните историчари, теоретичари, лингвисти, филолози и кон сите оние кои разбираат и знаат, наспроти произволните толкувања. Како што веќе споменав, конференцијата нуди обемна програма, која вклучува и промоција на едно навистина посебно издание, монографијата „Етичките и аксиолошките аспекти на литературата и културата на 20 и 21 век“.

Не би сакал повеќе да ви одземам од времето, кое треба да се искористи за мотивирачки научен и полемички дијалог. Само би се заблагодарил на вашата посветеност кон книжевноста и кон културата, посакувајќи ви, успешна работа во наредните два дена.

 Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија. Почитувани, Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Северна...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Република Куба

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Република Куба

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Куба во Република Северна Македонија, Мариета Гарсија Хордан. На свечената церемонија на предавање на акредитивните...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Грузија

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Грузија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Грузија за Република Северна Македонија, Отар Бердзенишвили. Во обраќањето на свечената церемонија претседателот Пендаровски изрази очекување дека амбасадорoт со...

Обраќање на претседателот Пендаровски на 26-та Конференција на САД-Јадранската Повелба

Обраќање на претседателот Пендаровски на 26-та Конференција на САД-Јадранската Повелба

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на 26-та Конференција на началници на генералштабови на земјите членки и набљудувачи на САД-Јадранската повелба, што се одржува во Скопје. [gallery...

Средба на претседателот Пендаровски со словенечкиот министер за одбрана, Шарeц

Средба на претседателот Пендаровски со словенечкиот министер за одбрана, Шарeц

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Република Словенија, Марјан Шарец, кој престојува во официјална посета на земјава. На средбата беше потврдена заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка во областа на...