Обраќање на претседателот Пендаровски на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

16 август 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, којашто се одржува во Охрид од 15 август до 1 септември 2021 година со учество на 50 учесници од 16 земји.

54.Летна школа е продолжение на работата на Првата зимска школа, двете во знакот на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

Во продолжение е интегралниот текст на обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, 

Почитувани организатори, 

Почитувани гости,

Дозволете најпрво да ви посакам срдечно добредојде во Охрид. Особено се радувам што за разлика од минатогодишната Летна школа, како и од 1.Зимска школа на почетокот на оваа година кога поради пандемијата бевме онлајн, сега имаме и привилегија и задоволство и вие и јас да бидеме присутни во Охрид. Тоа е одлична можност, покрај изучувањето на македонскиот јазик и продлабочување на знаењета за македонската литература и култура, да се запознаете и со богатото културно и историско наследство на Охрид, се разбира, и да уживате во убавините на Охридското Езеро.

Годинава одбележуваме сто години од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески и токму затоа, оваа 2021 година е посветена на неговото велико дело. Како покровител на овој голем јубилеј – „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, им благодарам на организаторите на Меѓународниот семинар што и Зимската школа, којашто беше, впрочем, и првата активност во рамките на содржините на јубилејот, и претстојнава 54.Летна школа, ги посветуваат на творештвото на Блаже Конески.

Покрај лекторските вежби, предавањата, како стожерна програмска содржина, ќе бидат посветени на теми од животот и од творештвото на Блаже Конески. Предвидени се обраќања на еминентни предавачи, кои извонредно го познаваат неговото дело и кои ќе опфатат различни аспекти од неговото творештво. Сигурен сум дека запознавањето со делото на Конески ќе биде додадена вредност за педесеттемина учесници коишто ни доаѓаат од 16 земји од три континенти. Тоа е бројка за почит и сведочи за несмалениот интерес за изучување на македонскиот јазик и на македонската литература и за подлабоко запознавање со македонската култура. Со тие факти, со право, треба да се гордееме, но тие истовремено и не обврзуваат да продолжиме да ги развиваме и да ги унапредуваме врските со сите посветени вљубеници во македонскиот јазик и промотори на македонската литература и култура.

Во таа насока, сакам и од ова место да истакнам дека во следниот период очекувам многу поинтензивен ангажман на државните институции, но, и на академските установи во зајакнувањето на постојните и отворањето на нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети. Искуството не учи дека изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура во рамките на лекторатите и славистичките катедри на странски универзитети во изминатите децении придонесе да стекнеме докажани пријатели кои несебично ни помагаа за време на првите исклучително тешки години од нашата независност, а тоа го прават и денес. Во годината кога ја одбележуваме и 30-годишнината од нашата независност, треба да се потсетиме дека културната дипломатија е најдобрата стратегија во напорите на помалубројните народи за нивно етаблирање во меѓународната заедница. На сите слависти-македонисти од странските универзитети и научни институти кои во изминатите децении беа наш глас и наши најдобри амбасадори на сите континенти им благодарам од срце за нивната посветена работа.

Драги пријатели,

Како човештво се соочуваме со тешки искушенија. Освен гео-политички судири и борби за ресурси, за територија и за моќ, во континуитет, се соочуваме со климатски промени што се особено видливи ова лето, со енормно високи температури кои погодуваат на ширењето пожари низ нашата земја, но и во други земји во Европа. Тука е и пандемијата на Ковид-19 која не стивнува, држејќи не сеуште во страв и неизвесност. Сите овие кризи ни покажуваат колку сме кревки и бараат преиспитување на нашите вредности, верувања и приоритети. Се надевам дека овие потешкотии ќе не насочат повеќе кон духовноста, помалку кон материјалното, повеќе кон солидарноста наспроти омразата и себичноста.

Јазикот, уметноста и културата се оние сегменти кои му даваат значење и смисла на човечкиот живот и овозможуваат траење низ времето и помнење за иднината. Затоа, вашиот труд, вашата волја и желба, љубовта кон лингвистиката и страста за уметноста и за културата имаат непроценлива вредност, пркосејќи и на минливоста на времето. Посакувам и понатаму да продолжите да ѝ служите на науката чувајќи го сопствениот интегритет и дигнитет.

Продолжете и понатаму посветено да придонесувате и за македонскиот јазик, литература и култура. Да ги употребам завршните стихови на Блаже Конески од неговата песна Одисеј — „Бидете заради тоа благословени, и блазе си ви“!

Дозволете на крајот уште еднаш да ви посакам пријатен престој и успешна работа на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Ученици од ООУ„7 Марси“ од Липково и од ООУ „Љубен Лапе" од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет, денеска се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа, за претседателските надлежности и активности. [gallery...

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на завршната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите“. Конференцијата е во...

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на...

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен, во рамки на официјалната посета на австрискиот претседател на Република Северна Македонија, денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу...

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамки на официјалната посета на сојузниот претседател на Република Австрија на Република Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св....