Обраќање на претседателот Пендаровски на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството

12 јуни 2022 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството, којшто се одржува во Охрид на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството“.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници на Самитот,
Дами и господа,

Ми претставува особено задоволство да се обратам на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството на тема „Придобивките од четвртата индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството“, кој во организација на Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржува овие денови во Охрид.

Дигиталната трансформација на нашите општества веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност. Дигитализацијата не само што ја олесни, забрза и направи широко достапна комуникацијата, туку, многу позначајно, суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи.

Со години дигитализацијата беше третирана како технолошка играчка релевантна само за оние кои непосредно се занимаваа со информатичката технологија. Директен доказ за ова тврдење е игнорирањето на дигитализацијата од страна на повеќето правни системи, прво, преку непрепознавање на нејзините предности, и, второ, преку непрепознавање на предизвиците па и опасностите што ги носи брзата или неконтролирана дигитализација.

Првите акти на Европската Унија што директно се однесуваа на дигитализацијата беа во областа на заштита на личните податоци, со оглед на тоа што многу брзо стана јасно дека информатичките системи собираат неспоредливо повеќе лични податоци отколку кој било хартиен формулар, а тие, така собрани податоци, можат да се искористат за дозволени цели, но и да бидат злоупотребени. Многу подоцна, кон самиот крај на минатиот век, Европската Унија донесе акти за електронски потпис, со што, за прв пат, дигиталните алатки од средство за комуникација почнаа да се трансформираат во средства кои овозможуваат дејствија, со цел, да се постигне определена правна последица.

Почитувани,

И покрај овие значајни поместувања, информатичките системи уште долг период главно служеа како средства за автоматска обработка на податоци и за електронска комуникација. Клучната промена ја донесе големата здравствена криза од 2020-та, низ која се’ уште поминуваме како последица на пандемијата на КОВИД-19. Сите релевантни податоци од последните две години потврдуваат дека пандемијата не беше голем предизвик само за нашите здравствени системи, туку и предизвик за државната управа и за правосудството во целина. Освен брзиот раст на електронската трговија и електронските плаќања и ограничувањето на движењето, забраната за собирање на повеќе луѓе на јавни места и долгите часови на генерална забрана за напуштање на домовите, имаа директен ефект врз функционирање на управата и правосудството. Животот на улиците, плоштадите и во трговските центри запре, но не запреа потребите на граѓаните за услугите што ги дава управата, ниту можеше да запре работата на правосудните органи.

За жал, првата прилика кога електронските документи не беа само дополнување на хартиената верзија на истите тие документи, туку започнаа да бидат признавани како валидни и само во електронска варијанта беше кога за краток временски период надлежните институции требаше да издадат и достават огромен број на решенија за изолација, потврди за прележана болест или за вакцинација, но, и кога беа примани илјадници апликации од граѓани кои ги загубија своите работни места и се пријавуваат за помош, како и стопанските субјекти за мерките за поддршка на нивната економска активност.

Многу поголем проблем беше затворањето на правосудните органи, особено кога стана јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди, а, не беше јасно колку ќе трае кризата. Во таква ситуација се постави прашањето како може да се искористи дигиталната технологија за правосудните органи да продолжат да ја извршуваат својата функција во период на пролонгирана криза со неизвесен крај. Вие најдобро знаете пред каков сложен предизвик се најдовте кога дигиталната технологија требаше за краток временски период, да ги замени судските постапки во живо и да ја овозможи правдата за сите засегнати граѓани, во ситуација, да бидеме искрени, на нецелосно разработени прописи.

Како и секоја криза, така и оваа е шанса за промени на подобро, под услов да сакаме да ги научиме лекциите од изминативе две години. Во оваа смисла сметам дека овој самит е одлична прилика да се разговара за идните чекори во насока на прифаќање на дигиталната транзиција на правосудството, но, како потреба, а не како нужно зло само во време на криза.

Темите на панелите и најавените учесници ветуваат корисни дискусии и заклучоци што подоцна треба да бидат трансформирани во соодветни јавни политики и законодавни промени. Првата и основна задача е да обезбедиме политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството. Понатаму, ќе дискутираме за придобивките и можните недостатоци од дигитализацијата, со цел, поголема ефикасност на судството, ќе разговараме и за гаранциите за еднаков пристап до правдата, како и за интероперабилноста меѓу правосудните органи и другите државни институции. За успешна дигитална транзиција од голема помош ќе бидат и искуствата на другите држави, а особено европските стандарди и практики во оваа област. Во таа насока го поздравувам потегот на организаторите да поканат голем број на учесници од регионот и од државите членки на Европската Унија.

Почитувани учесници,

Овој самит го сфаќам како почеток на еден обемен и долг процес на дигитална трансформација на целиот наш правосуден систем. Здравствената криза не’ принуди со поголемо внимание да се посветиме на оваа тема, но, иднината е во дигитализацијата и со и без здравствени или друг вид на кризи.

На тој пат, поддршката што ја добиваме од меѓународните организации како што е ОБСЕ која веќе долги години ни помага во изградба на функционална правна држава е драгоцена. Меѓутоа, спроведувањето на овој сложен процес е, првенствено, наша задача и наша одговорност. Се надевам дека политичката волја за дигитализација на правосуството ќе резултира со реален и мерлив напредок во оваа област во која што со години, од различни причини, не бележиме позначителен прогрес. Во таа смисла, од мене може да очекувате безрезервна поддршка.

Драги пријатели, ви посакувам конструктивна дискусија и многу успех во понатамошните активности во оваа сфера.
Ви благодарам!


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Државна вечера во чест на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер

Државна вечера во чест на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер

По повод официјалната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, беше приредена државна вечера, на која беа поканети претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис...

Претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамки на официјалната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер на Република Северна Македонија, денеска претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во...

Пендаровски-Штајнмајер: Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер

Пендаровски-Штајнмајер: Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер

Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет...

Започна официјалната посета: Претседателот Пендаровски го пречека германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер

Започна официјалната посета: Претседателот Пендаровски го пречека германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. [gallery...

Претседателот Пендаровски домаќин на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер

Претседателот Пендаровски домаќин на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер

Претседателот Стево Пендаровски на 29 и 30 ноември 2022 година ќе биде домаќин на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија. Претседателот Штајнмајер на...