Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

30 септември 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е покровител на оваа значајна  манифестација, рече дека го радува фактот што филмската уметност, како и уметноста воопшто, секогаш успева да опстои, дури и во најпредизвикувачки услови, таа секогаш им пркоси на сите економски и општествени контексти кои не се сосема благопријатни за креативното изразување.

Истакнувајќи дека овогодинешниот фестивал, во изминатите седум дена понуди исклучителна програма и Битола ја претвори во простор за средби и дијалог со врвните филмски и кинематограферски имиња, претседателот Пендаровски за овој успех му честиташе на целиот тим посакувајќи овој фестивал да прерасне во вистинско меѓународно современо културно наследство.

Претседателот Пендаровски ја додели специјалната награда „Камера 300“ на кинематограферот Шејмус Мек Гарви.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани пријатели, гости, лауреати, посветеници на филмската уметност, 

Ме радува фактот што филмската уметност, како и уметноста воопшто, секогаш успева да опстои, дури и во најпредизвикувачки услови. Таа секогаш им пркоси на сите економски и општествени контексти кои не се сосема благопријатни за креативното изразување. Токму затоа, на последниот ден  од овогодинешното издание на најстариот фестивал на филмска камера во светот „Браќа Манаки“, би сакал да им честитам на организаторите за истрајноста, а на лауреатите за сите досегашни и идни успеси. 

Постојат различни тези и толкувања за она што значи движење или уметност, во општествените и политичките дискурси и динамики. Но, едно е јасно дека движењето во просторот, како што нагласуваат и древните философи, и современите теоретичари, но, пред сѐ, кинематограферите и  сите кои се посветени на филмската уметност, не е само физичка реалност, туку длабока психичка, интелектуална, емоционална, етичка и естетска категорија која го открива непознатото или она што не е едноставно да биде спознаено. Токму затоа, темата „Прекрасното непознато“, која програмските уредници на овогодинешниот фестивал ја одредиле,  е повеќе од прецизна. 

Да се вклопат движењата во нивната различност, и со тоа да ги разоткријат сите сенки на животот и на човештвото кои се вкрстуваат, преклопуваат, а неретко и разидуваат, е вештина која го прави филмот единствена гранка на уметноста. 

Екстериерните и ентериерните конфликти, ситуации, таги и радости кои знаеме да ги премолчуваме или затскриваме во секојдневието на животот, низ филмот и, пред сѐ, низ кинематограферското око ни се откриваат и конфронтираат како искушение со кое немаме друг избор освен да се соочиме. Филмот секогаш ни наложува ново гледање на проблемот – лирско или епско, некогаш во историска, некогаш во футуристичка перспектива, некогаш интимно и лично, но, секогаш тип на искуство кое бара ултимативна храброст и критичка рефлексија. 

Фасцинантно е колку, за релативно кус период, од појавувањето до денес, филмската индустрија, и покрај сите политички и економски консеквенци со кои се соочува во својот брз развој, се наметна како ултимативна уметност, која на светот, му нуди безброј опции за негово преиспитување, развој и евентуално заземање подобар правец. 

Филмот секому, и на експертите и нам, на лаиците кои понекогаш сакаме да се пронајдеме во неговите подвижни слики и наративи, ни дозволува едно движење и премин од филмската илузија во нашата животна стварност, во која честопати стоиме во место, наместо да се движиме како што се движат филмските слики. 

Почитувани, 

Данскиот режисер Ларс фон Триер, вели: „Филмот треба да биде како камче во чевелот – да предизвика нелагода, па дури и болка, и при тоа да ве освести дека нештата не се онакви какви што ги посакувате, какви што ги замислувате, какви што ги очекувате и планирате, туку се непредвидливи, често непријатни, и дека бараат од вас влог да ги решите и поправите.“ 

Светот во кој живееме деновиве, по многу основи, не е пријатно место. И оттаму, со право, се чувствува гнев, лутина, незадоволство. Но, како што вели големиот Бергман: „Добриот филм секогаш во себе ги содржи креативноста и гневот. Затоа, негувајте го својот креативен гнев и креативно конфронтирајте се со светот“. 

Овогодинешниот фестивал, во изминатите седум дена понуди исклучителна програма и Битола ја претвори во простор за средби и дијалог со врвните филмски и кинематограферски имиња. 

За овој успех сакам да му честитам на целиот тим и да посакам овој фестивал да прерасне во вистинско меѓународно современо културно наследство.

 

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет за ученици од ООУ „Круме Кепески“ и ООУ „11 Октомври“ од Скопје

Отворен Кабинет за ученици од ООУ „Круме Кепески“ и ООУ „11 Октомври“ од Скопје

Во рамки на Отворен Кабинет, ученици од ООУ „Круме Кепески“ и ООУ „11 Октомври“ од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Пендаровски. За време на престојот, се сретнаа и...

Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 30 години од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост

Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 30 години од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на настанот со кој се одбележува 30-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.  Почитуван директор на Државниот завод, Почитувани...

Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Франција

Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Франција

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на приемот, што по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, се одржа вчеравечер во Скопје. Претседателот Пендаровски оцени дека...

Отворен кабинет со ученици од Програмата за младински лидери од маргинализирани заедници

Отворен кабинет со ученици од Програмата за младински лидери од маргинализирани заедници

Во рамки на активноста Отворен кабинет денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од средните училишта: СУГС „Шаип Јусуф“, СУГС Марија Склодовска Кири и СУГС Лазар Танев коишто учествуваат во Програмата за младински лидери од маргинализирани заедници, чија...

Обраќање на претседателот Пендаровски на Отворениот форум за антикорупција

Обраќање на претседателот Пендаровски на Отворениот форум за антикорупција

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на дводневниот Отворен Форум за антикорупција организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка, а во рамки на Програмата Граѓаните против корупцијата и Програмата Регионалната мрежа за...