Обраќање на сопругата на претседателот на настанот „Има помош за живот без насилство“

17 јули 2023 | Aктивности, Соопштенија

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска се обрати на настанот „Има помош за живот без насилство“ што се одржа по повод одбележувањето на Светскиот ден на населението.

На настанот се обратија и Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Џулија Смит, заменичка амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија и Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Северна Македонија.

Настанот е во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Северна Македонија во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Британската амбасада во Скопје и истиот се одржа со цел да се споделат резултатите од заедничките активности во областа на заштитата и превенцијата од родово базираното и семејното насилство постигнати во рамки на проектот  „Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија“.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска.

Дами и господа,

почитувани гости и

колеги-поборници за свет ослободен од насилство,

Очигледната потреба од здружување на силите во борбата против родово-базираното насилство, укажува на комплексноста и перзистентноста на проблемот. Проблем закоравен во аномалиите на многу општества, понекогаш и премолчен, а сепак, сèприсутен. Се разбира, ние нема да молчиме, напротив, како и досега, гласно и заеднички ќе продолжиме да ги предизвикуваме бариерите и неретко стереотипите, кои му помагаат на насилството да егзистира во секоја општествена пора, без разлика на културните, социјалните или економските фактори.

Затоа, мора да продолжиме да бараме решенија за безбедна и праведна иднина за секој поединец, во која лузните од насилството ќе бледнеат оставајќи ги во минатото. За жал, во сегашноста сè уште голем број жени и девојки се директно изложени на различни форми на насилство. Според последните податоци кај нас, 45% од жените изјавиле дека доживеале насилство во некоја форма; најчесто физички, ментално, емоционално, честопати премолчено и поттиснато, со чувство на беспомошност.

Овој поразителен факт, колку и да звучи застрашувачки, е всушност предизвик за нашата истрајност до целта – родова еднаквост и општество без концепт на насилство. Цврсто сум убедена дека ИМА ПОМОШ ЗА ЖИВОТ БЕЗ НАСИЛСТВО, како што кажува и темата околу која се собравме денес во обединет фронт, вооружени со решителност и верба дека промените не се само нужни, туку и можни. Емпатијата, солидарноста, се само дел од арсеналот во борбата против родово-базираното насилство. Нашата цел не е само да обезбедиме привремен одмор од насилството, туку да изградиме иднина каде насилството е незамислив концепт. Тоа бара напори на институциите, граѓанското општество, приватниот сектор и поединци како секој од нас овде. Наша обврска е да создадеме услови во кои жртвите се заштитени, а сторителите повикани на одговорност. Превенцијата мора да стане основен дел од  колективната свест.

Токму тоа, промовирање и подигање на свеста е во сржта на проектот за родова еднаквост „Превенција и заштита од родово-базирано насилство во Северна Македонија“, за чии цели и постигнувања ќе чуеме наскоро од следните говорници. Истовремено, им ја изразувам мојата благодарност за нивните напори и придонесот кон визијата за општество нетолерантно кон насилство, неправди и нееднаквост.

Одбележувајќи го Светскиот ден на населението, денеска се потсетуваме на трансформативната моќ на родовата еднаквост. Годинешната тема на овој значаен ден за сите членки на ОН, не само што ја потврдува универзалната димензија на проблемот, истовремено и повикува на славење на силата и потенцијалот на жените и девојките за придонес во секое општество.

„Ослободувањето на моќта на родовата еднаквост: подигањето на гласовите на жените и девојките за да ги отклучат бесконечните можности на нашиот свет“, е вистински повик за колективна акција во справување со последиците со кои се соочуваме како глобална заедница. Повик за засилен ангажман во креирањето на правичен и достоинствен свет за секого, свет лишен од насилство, од страв, од дискриминација.

Затоа, да продолжиме сите, со своите лични и професионални капацитети да придонесуваме во битката со системските бариери и штетните стереотипи, за да го затвориме темното поглавје на насилството таму каде што припаѓа – во занданите на минатото.

Ви благодарам.

 

 

 

 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Обраќање на конференцијата „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“

Обраќање на конференцијата „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 9. Меѓународна истражувачка конференција на тема „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности - Редизајнирање на макроекономската политика“ што во организација на Народната банка на...

Меморандум за соработка за доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата, Козле, Скопје

Меморандум за соработка за доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата, Козле, Скопје

Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а по иницијатива на сопругата на Претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, Амбасадата на Народна Република Кина во земјава обезбеди финансиски средства кои ќе бидат донирани на Министерството за здравство за...

Средба со припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија

Средба со припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, денеска прими делегација на истакнати припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа Џелал Хоџиќ,...

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија. Почитувани, Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Северна...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Република Куба

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Република Куба

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Куба во Република Северна Македонија, Мариета Гарсија Хордан. На свечената церемонија на предавање на акредитивните...