Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати.
Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во Северна Македонија, сопругата на претседателот истакна дека целта е да се адресираат причините за сè уште високата нееднаквост на работното место, јазот во платите меѓу жените и мажите и дискриминацијата што сè уште постои во некои работни средини.
„Но, да бидеме и малку позитивни, тука сме и да се охрабриме со успешните примери за родова рамнотежа при вработувањето. Меѓу нас се претставници на компании коишто ќе посведочат за позитивните ефекти и искуства од економското јакнење на жените, не само во традиционалните индустрии, туку и во новиот, дигитален сектор “, нагласи г-а Ѓоргиевска.
Конференцијата е организирана од страна на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).
На конференцијата учествуваа говорници од домашни и меѓународни компании, развојни организации и институции кои дискутираа за новите трендови во женското претприемништво, програмите за економско јакнење на жените, како и промоција на можностите за вмрежување и размена на искуства и практики.
Конференцијата има за цел да ја зајакне економската сигурност на жените преку предизвикување професионална дискусија на компаниите и јавноста за причините за сè уште високата нееднаквост на работното место и истата го поддржува еднаквиот статус на жените на работа и во општеството преку споделување на добри практики и претставување на компаниски рол-модели.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.
Почитувана министерке Тренчевска,
Почитувани организатори, претставници на меѓународните организации,
Дами и господа, пријатели,
Веќе со децении наназад, уште со стапувањето на сила на Декларацијата за човекови права, а и подоцна, во многу документи, повелби, дебати, уредено е, и повеќе од јасно е, дека родовата еднаквост, покрај тоа што е основно човеково право, е од суштинско значење за градење општества во кои рамноправно се поттикнува целокупниот човечки потенцијал, а со тоа и одржливиот развој.
Сите прашања за човековиот развој и човековите права имаат родови димензии. Затоа е од исклучителна важност, во секоја прилика, секој во професионалниот, политичкиот и интимниот контекст во кој што делуваме, гласно и со јасен фокус да говори за приоритетните области кои се фундаментални за еднаквоста на жените и кои можат да го отклучат напредокот на општествата и различните култури.
Дискриминацијата врз основа на пол е забранета според договорите за човекови права, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кои според нивниот заеднички член 3 ги обезбедуваат правата на еднаквост меѓу мажите и жените.
Токму затоа, од уште поголемо значење е и борбата за еднаквоста на работното место и низ која треба да се обезбеди професионалниот простор за рамноправност на жената. Бидејќи, сведочиме дека сѐ уште постои дискриминација и неизбалансираност во однос на правото за еднакви плати – а токму тоа значи дека ни претстојат сѐ уште застапувачки процеси и ангажмани за целосно воспоставување на родовата еднаквост, онака како што е законски уредена со Декларацијата за човекови права. Оттаму, уште поголемо е значењето на овој собир, што се организира по повод 18 Септември – Меѓународниот ден за еднакви плати.
„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“ Ова е првата реченица во првиот член на Универзалната декларација за човековите права, што беше усвоена пред 75 години. Во артикулирањето и аргументирањето на приоритетите и содржината на овој клучен документ за еманципацијата на човештвото, учествувале повеќе брилијантни, импресивни жени, од Елеонор Рузвелт во својство на претседавач со комитетот, преку делегатките кои се обединиле против стереотипите и се избориле за формулации што ќе ја одразуваат еднаквоста меѓу мажите и жените. Но, со цел императивот за „еднаквоста“ да не остане само флоскуларен запис на хартија, туку да биде применлив во сите општествени и меѓучовечки односи, тие инсистирале на тоа дека од еднаквото човечко достоинство произлегува и еднаквото достоинство на човековата работа. А мерка за таа еднаквост во работата е платата. Токму затоа во член 23 од Универзалната декларација стои дека „секој, без каква било дискриминација, има право на еднаква плата за еднаква работа“. И гледаме дека сè уште не сме ја постигнале таа цел, сè уште треба да работиме.
Отстапувањето од овој принцип води до прекршувањето на запишаното во целата Декларација. Имено, ако жените не добиваат еднаква плата за еднаква работа, тоа би значело дека тие немаат еднакво човечко достоинство како мажите, што е, всушност, негација и поништување на основниот постулат на човековите права. Оттука, прашањето за „еднаква плата за еднаква работа“ нема само економска, туку и морална и етичка димензија, бидејќи задира длабоко во човековото достоинство и неотуѓивите човекови права.
Драги присутни,
Фактите зборуваат дека и 75 години по усвојувањето на Декларацијата, родовиот јаз во платите сè уште постои, вклучително и кај нас исто така. И покрај тоа што жените стекнуваат квалитетно образование, сè уште жените се соочуваат со родово базирана дискриминација не само при вработувањето, туку и при кариерното унапредување и уште повеќе кон праведното вреднување на нивниот труд. Иронијата е што ефектите не ги чувствуваат само жените, туку и целата македонска економија. Нееднаквоста ги маргинализира и ги демотивира жените, а со тоа ја лишува економијата од нивниот креативен потенцијал.
Затоа сме денеска тука, за да се застапиме за зајакнување на економската сигурност на жените. Наша цел е да ги адресираме причините за сè уште високата нееднаквост на работното место, јазот во платите меѓу жените и мажите и дискриминацијата што сè уште постои во некои работни средини. Но, да бидеме и малку позитивни, тука сме и да се охрабриме со успешните примери за родова рамнотежа при вработувањето. Меѓу нас се претставници на компании коишто ќе посведочат за позитивните ефекти и искуства од економското јакнење на жените, не само во традиционалните индустрии, туку и во новиот, дигитален сектор.
Уверена сум дека оваа конференција ќе им помогне на креаторите на политики и носителите на одлуки да ги препознаат и коригираат системските слабости, а на бизнис-заедницата да постигне родова рамнотежа. Очекувам од тука да заминеме со практични идеи за поддршка на женското претприемништво. Борејќи се против нееднаквоста, ние се бориме за поправедно македонско општество на еднакви можности за напредок. Со тоа, ќе придонесеме и кон постигнувањето на глобалните цели за одржлив развој.
На крај, би сакала да се заблагодарам за поканата да присуствувам денес и за вниманието и да ви посакам успешна конференција.