Обраќање на сопругата на претседателот на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“

15 октомври 2020 | Aктивности, Соопштенија

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска  вчеравечер присуствуваше и се обрати на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ во чии рамки беше отворена изложба на илустрации на  доајенот на македонското сликарство, Димитар Кондовски.

Организатор на настанот којшто се одржа во Националната галерија, објект „Мала станица“, е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“.

На отворањето на фестивалот свои обраќања имаа Софија Семенпеева Трајановска од Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Република Северна Македонија  кои говореа за трајните вредности на Кондовски, но и за значењето на фестивалот за севкупната култура на нашата земја.

За време на настанот беше организирана работилница за деца на различна возраст на која се запознаа со делата на Кондовски и создадоа свои приказни инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.

Во своето обраќање до присутните, г-а Ѓоргиевска истакна дека приказните ја обликуваат нашата фантазија, но и нашите вредносни животни јадра, а со нивното создавање и споделување секој од нас го креира својот сопствен свет,  го дообликува својот животен пат во зависност  од раскажувачката матрица на приказната.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на г-а Елизабета Ѓоргиевска.

Драги пријателки и пријатели,

почитувани гости,

Вечерва ја доживувам како празник на кој се слават двете клучни нешта кои од искона го определуваат човековото постоење: зборот и сликата.

Она што му е насушно на човека е раскажувањето, споделувањето искуства, ситуации, дејствија и животни приказни. Човекот отсекогаш сакал и умеел да го бележи, меморира, архивира, конструира, дообликува животот преку раскажувањето, затоа што раскажаното искуство, приказната е она што трае засекогаш. Постојат  различни видови живи облици кои опстојуваат и по илјадници години. Но, приказните, забележани од историјата на книжевноста опстојуваат засекогаш, а ние ги сведочиме од асиро-вавилонските записи, па сѐ до денес.

Сите, уште во најраното детство, сме искусиле дека не постои ништо повеличествено од тоа да се изгубиме во раскажувачките лавиринти кои ни ги нуди книжевноста и оттаму да црпиме знаење и мудрост за она што важело некогаш, во минатото, а што како искуство може да го поттикне нашиот живот во сегашноста. Преку раскажаните нешта, низ вековите до современоста, се потврдува и осознава овој свет со сите негови доблести и маани, а благородниот збор кој ги пренесува вистините за различните наличја на животот е најмоќната алатка во искажувањето на сите радости, таги, предизвици и битки кои ги водиме и кои нѐ очекуваат зад секој агол на животната врвица.

Приказните ја обликуваат нашата фантазија, но и нашите вредносни животни јадра. Создавајќи ги и споделувајќи ги приказните, ние стануваме учесници во градењето на еден свет кој ќе биде подобар или,  не толку добар, во зависност од тоа која приказна ќе одбереме да биде наша важна раскажувачка матрица. Ние, со нашите искуства, со нашите приказни ги градиме нашиот дом, нашиот живот, нашата заедница.

Но, како што ни покажува и вечерашната изложба на илустрации на еден од нашите најзначајни уметници, Димитар Кондовски, а и како што е содржано во мисијата на овој фестивал, зборот, кој е во с’ржта на раскажувањето, создава силни и моќни слики, кои се еднакви со еден нов јазик, што го надградува и збогатува  она што не може зборот сам по себе да го доискаже и означи. Гледајќи го магичниот, надреалниот илустративен јазик на Кондовски, може да се види дека со радост и искреност на дете, скриено во мудроста и чудесната даровитост на возрасен човек му приоѓал на книжевно-илустративниот предизвик. Тоа е голема одговорност за секој кој се обидува да влезе во  детската фантазија.  Нашиот великан Кондовски, успева со своите илустрации да ги прошири зададените граници на книжевната форма и тема, а со тоа да отвори нови простори и да го помести хоризонтот на осознавачката фантазија понудена како искуство на зборот.

Илустрациите се клучниот дел од приказната. Тие, а особено оние на Кондовски, придонесуваат за проширување на книжевниот имагинариум. А, она што е најважно, тие ѝ даваат шанса на детската фантазија да заплови во слободните зони на животот, кои, за жал, возрасните ги забораваат. Илустрациите на она што зборот го раскажува, се пресудни во обликувањето на светот на детето, но и на возрасните. Тие се водилка која го објаснува животот на начин на кој тој, всушност, ќе се запамети. Тие се она што нѐ дообликува и нас самите.

Секоја приказна започнува со акт на имагинација. Затоа, важно е да се поддржува и поттикнува раскажувањето низ зборови и низ слики. Зборовите создаваат слики, сликите поттикнуваат зборови. Во време кога зборот сѐ повеќе се обезвреднува и го губи своето значење, постои опасност и сликите да се замрзнат и да исчезнат. А животот без слики всушност е само сенка.

Чест ми е што вечерва ја имам таа привилегија да бидам дел од овој подвиг со кој се слават едновремено неодвоивото содружништво на зборот и на неговиот отсјај во сликата и во илустрацијата, а особено ми е чест што ова значајно книжевно-илустративно патување ќе го осознаеме низ сетилните фантазматски светови на Димитар Кондовски, коj ја збогатува со нова вредност книжевната ризница.

Она што ми претставува дополнителна радост е што преку исполнувањето на повеќедецениската желба на Кондовски за организирање на изложба за деца, за што им честитам на Литера, се вратив во детството и Ви благодарам што повторно ме потсетивте на Зоки Поки, Алиса во земјата на чудата, Колибата на чичо Том, Белото циганче и многу други книги коишто остануваат во мене како дел од едни прекрасни времиња, а Вам драги пријатели ви благодарам на вниманието.

Ви благодарам

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...