Во рамки на „Отворен Кабинет“, Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска го посетија ученици од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје, кои учествуваа на неодамнешната олимпијадата World Scolar Cup, на Универзитетот во Лондон и на Лондонската школа за економија (LSE).
Учениците пред претседателот Пендаровски ги споделија своите импресии од натпреварите, сочинети од повеќе дисциплини, во кои освоија 44 медали. Покрај индивидуалните и групни златни и сребрени медали, 6-те ученици како тим, се пласираа на 26. место во конкуренција од 300 тимови и 1200 учесници.
Упатувајќи честитки за постигнатите забележителни резултати, претседателот Пендаровски им посака натамошни лични успеси, а својот ум, креативност и посветеност да ги насочат кон развојот на пошироката заедница.
Претходно, учениците имаа можност да ги посетат просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите за свечености, состаноци, настани и прес-конференции.
Во Мозаик салата го разгледаа и впечатливиот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на авторот – академик Глигор Чемерски.
Во рамки на „Отворен Кабинет“ досега Кабинетот го посетија граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава.