Во рамки на активноста Отворен кабинет, денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од ООУ „Крсте Мисирков“ од Куманово.
Посетителите имаа можност да се сретнат и да поразговараат со претседателот Пендаровски, да присуствуваат во просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и во салите во коишто се одржуваат состаноци, свечености, настани и прес-конференции, седници на Советот за безбедност, предавање на акредитивни писма од странски амбасадори.
Од вработените во Кабинетот учениците беа информирани за историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на оваа институција, а го разгледаа и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на авторот – академик Глигор Чемерски, поставен на двата ѕида во Мозаик салата.
Отворен Кабинет како дел од проектот Лице в лице овозможува посети на Кабинетот и непосредни средби со претседателот Пендаровски. Досега институцијата ја посетиле илјадници граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.