„Повелба на Република Северна Македонија“ за „СОС Детско Село“, „ЛОЈА“, „Полио Плус“, Биба Додева, Ленче Здравкин, Савка Тодоровска и Ристо Донев

21 јуни 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот го додели признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на три организации и на четири личности кои со нивната работа и посветеност дадоа огромен придонес за социјализација и остварување на човековите права и слободи на лицата со попречености, за помош и поддршка на обесправените и угнетените, за грижа и воспитување на децата, за подигање на свеста за ракот, за унапредување на родовата еднаквост, за подобрување на меѓуетничките односи, како и за афирмација на нашата земја на меѓународно ниво.

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на „СОС Детско Село“, на Центарот за балканска соработка „ЛОЈА“, на Движењето „Полио Плус“, на Биба Додева, на Ленче Здравкин, на Савка Тодоровска и на Ристо Донев.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски посочи дека е препознатлива улогата и значењето на граѓанските организации, како и на поединци кои преку работата во нив, но и самостојно, придонесоа за македонската демократија и македонското општество. Тој истакна дека без силен и развиен граѓански сектор не е можна успешна и демократска Македонија и изрази надеж дека денешниот настан ќе претставува дополнителна мотивација за сите активисти во невладините организации, но и за бројни поединци кои секојдневно прават добри дела. Претседателот Пендаровски им честиташе на добитниците и им се заблагодари за се што досега имаат направено и порача да останат и понатаму посветени на благородната кауза.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани добитници на признанието „Повелба на Република Северна Македонија“,

Почитувани гости,

Драги пријатели,

Освен квалитетот на трите основни столба на државата, законодавната, судската и извршната власт, репери за демократската зрелост и просперитет на едно современо и развиено општество, се слободата на медиумите и активноста на граѓанските организации. Невладините организации се своевиден индикатор за благосостојбата на заедницата, катализатор на социјалните процесизаштитник на правата и слободите на човекот и на различните заедници и групи во општеството.

Преку нивната волонтерска работа, меѓу другото, до израз доаѓаат солидарноста, хуманоста, грижата за здравјето на луѓето, поддршката за развојот на културата и уметноста, за напредокот на заедницата на локално, регионално и државно ниво и создавањето можности и механизми за напредок на граѓаните, но и на целата држава.

Уште на самите почетоци од процесот на демократизација кај нас во раните 1990-ти, освен оформувањето на трите споменати гранки на власта, беа поставени и основите за развој на граѓанскиот сектор. Овој процес често беше оптоварен со идеолошки предрасуди, недоречена законска рамка, несоодветна финансиска и институционална поддршка.

За жал, имавме и периоди кога сосема неправедно граѓанските организации беа цел на непринципиелни напади, кога постоеше атмосфера на сомничавост и погрешни стереотипи за нивната работа и нивните цели. Но, по повеќе од три децении независност крајниот ефект е дека имаме бројни невладини организации – активни, со други зборови,  солиден граѓански сектор кој делува и како коректив на државата, но и како рамноправен партнер кој нуди услуги и активности на оние наши граѓани на кои тоа им е најпотребно.

Препознавајќи ја улогата и значењето на граѓанските организации, како и на поединци кои преку работата во нив, но и самостојно, придонесоа за македонската демократија и македонското општество, денес имаме можност на мал дел од нив да им се заблагодариме доделувајќи им Повелба на Република Северна Македонија.

СОС Детско село е пример за грижа за децата во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа, како и преку реализирање на програми за социјална превенција. Со професионалната грижа за децата без родители „СОС Детско село“ постави највисоки стандарди на воспитание и образование, како дел од глобалната мрежа на „СОС Детско село“ која е активна во 135 држави и територии во светот.

Центарот за балканска соработка, „ЛОЈА“ интензивно го промовира мултикултурализмот и меѓународната соработка, етаблирајќи се во една од најактивните македонски невладини организации. Благодарение на нејзините програмски содржини голем број на млади луѓе се стекнаа со специфични вештини и знаења и учествуваа во меѓународни проекти и размена на искуства.

Движењето против хендикеп „ПОЛИО ПЛУС“ отвори нови перспективи во поддршката на лицата со посебни потреби, работејќи на нивната социјализација, на добивањето на самодоверба и пронаоѓање на соодветно место и улога во општеството.

Борбата со ракот на дојката е главниот приоритет на БОРКА чија претседателка Биба Додева со својот неуморен ангажман, упорност, посветеност и желба за подобрување на животот на заболените од рак од дојка го задолжи нашето општество.

Ленче Здравкин пак со својата несебична хуманитарна дејност покажа дека нема граници кога е во прашање човекољубието и помагањето на сите оние кои се далеку од своите најблиски и на кои им е потребна грижа и поддршка.

Кога се зборува за рамноправноста на жената и нејзината улога во општествените процеси или за организациите кои се занимаваат со оваа проблематика, не е возможно да го одминете името на Савка Тодоровска која со својата долгогодишна импозантна работа постави највисоки стандарди на активист и лидер за женски права.

Ристо Донев ни покажа дека ако се има желба, волја и истрајност не постојат физички бариери кои можат да ве спречат да постигнувате големи успеси во животот. Тој е редок пример на непоколебливост, мотивираност и навистина претставува инспирација за сите наши граѓани.

Дозволете на крајот од моето денешно обраќање, пред да преминеме на доделување на повелбите, уште еднаш да истакнам дека без силен и развиен граѓански сектор не е можна успешна и демократска Македонија. Се надевам дека денешниот настан ќе претставува дополнителна мотивација за сите активисти во невладините организации, но и за бројните поединци кои секојдневно прават добри дела.

Им честитам на добитниците, ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за се што досега имаат направено, да ги замолам да останат и понатаму посветени на оваа благородна кауза и да порачам на сите останати, на сите нас – да се угледаме на нив, за наше добро.

 

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...