Претседателот Пендаровски во Струга се обрати на меѓународната научна конференција посветена на 100-годишнината од основањето на Филозофскиот факултет – Скопје

2 септември 2020 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Струга се обрати на отворањето на меѓународната научна конференција „Науката и општеството: придонесот на хуманистичките и општествените науки“, посветена на 100 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје. Во продолжение е интегралниот говор на претседателот Пендаровски.

Почитувани академици, почитувани професори, драги колеги,
Дами и господа,

Задоволство ми е да ве поздравам на оваа научна конференција. По долг период исполнет само со виртуелни, онлајн конференции, верувам дека одвај дочекавме да се собереме, во живо да се видиме, особено кога сме собрани на волку убаво место. Им благодарам на организаторите што денеска не собраа во Струга за да одбележиме еден голем јубилеј, не само на Филозофскиот факултет, туку и на Република Северна Македонија.

Формиран во далечната 1920-та година, Филозофскиот факултет е јадрото на македонското високо образование. Околу тоа јадро подоцна беше оформен нашиот најстар државен универзитет, „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и беа поставени темелите на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Со Факултетот се поврзуваат големите имиња на македонската наука – Блаже Конески, Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ, Ѓорѓи Шоптрајанов, Љубен Лапе, Јован Трифуновски, Ѓорѓи Страделов, Павао – Вук Павловиќ и многу други. Речиси нема наставно-образовна и научно-истражувачка дејност во хуманистичките, општествените и историските науки во која Филозофскиот факултет нема дадено свој значаен придонес.

Оттука, со право може да се каже дека Филозофскиот факултет е чуварот на традицијата. Преку историјата, класичните студии, историјата на уметноста и археологијата, овој Факултет се грижи за трансферот на значаен дел од нашиот културен и историски идентитет на сегашните и идните генерации.

Преку филозофијата, педагогијата, социологијата и психологијата, факултетот учествува и во создавањето на одговорни и партиципативни академски граѓани. Во текот на овие 100 години илјадници студенти имаа можност да се запознаат со широк спектар на идеи и концепти, да учествуваат во дебати за важни општествени теми, вклучително и за соживотот во мултиетнички и мултирелигиски контекст. Во аулите на Филозофскиот факултет секоја генерација одново ги започнува фундаменталните расправи за човекот, неговото творештво и неговите замисли за животот во заедница со другите.

Преку социјалната работа и политика, дефектологијата, родовите студии и семејните студии, Факултетот придонесува кон градење на свеста за хумано и солидарно општество, за унапредување на семејството и грижата за ранливите категории.

Почитувани,

Секој што бил дел од македонското високо образование е истовремено и наследник на традицијата што започнува токму со Филозофскиот факултет во Скопје. Сите ние, директно или индиректно, сме интелектуални потомци на Филозофскиот факултет и затоа, денес, сите ние сме горди на овој јубилеј.

Освен што е чувар на традицијата, Факултетот претставува и еден вид на инкубатор на идеите кои ќе ја обликуваат иднината. Филозофскиот факултет е дел од македонскиот, а со тоа и европскиот образовен простор во кој младите ги поттикнуваме да бараат нови и креативни одговори на старите прашања. Да ги продлабочуваат знаењата, да ги прошируваат хоризонтите. Наученото треба да биде во функција на развој на способноста на студентите самостојно да стекнуваат знаења, да откриваат, и на таков начин да придонесуваат кон личната среќа, но и кон општото добро.

За да продолжи успешно да ја исполнува оваа двојна улога на чување на автентичното и отворање кон новото, постојат неколку предуслови за кои сум убеден дека луѓето од Филозофскиот факултет и знаат и активно работат на нивна имплементација.

Првиот е гарантирање на човековата слобода на мисла и изразување и академската слобода на истражување. Ова е неопходно не само за образовни и наставно-научни цели, туку и за развивање на јавен простор во кој граѓаните ќе можат слободно да поставуваат тешки прашања и да бараат искрени одговори. Ваквата потрага по вистината е специфика на секое слободно, праведно и просперитетно општеството.

Второ, континуирано унапредување во образованието. Квалитетното образование е клуч за обезбедување на достоинствен живот на граѓаните. Успехот на нашата генерација ќе се оценува врз основа на тоа дали ќе успееме да обезбедиме европска иднина за нашите млади, тука во нивната земја. А тоа ќе го постигнеме само ако изградиме напредно општество втемелено врз знаење и одржлива економија втемелена врз новите технологии. Но, за да го постигнеме тоа, знаењето и иновативноста на природните, економските и техничките науки мора да бидат дополнети со мудроста и длабочината на увидот на хуманистичките и општествени науки.

Тоа не води до третиот предуслов, а тоа е негување на интердисциплинарноста. Синтагмата на Аристотел дека целото е поголемо од составните делови се однесува и на науката. Најголемите модерни предизвици бараат сестран, интердисциплинарен пристап. Последниот пример за тоа е и актуелната пандемија на ковид-19. Овој сериозен здравствен предизвик има своја етичка, економска, социјална, социолошка и, се разбира, безбедносна димензија. Во услови на пандемија се наметнуваат прашањата за животот и смртта, за страдањето и природното зло, за ефектите врз општеството и семејството, за квалитетот на образованието, за социјализацијата на младите, за грижата за ранливите. Карактерот и опфатот на оваа пандемија нужно бара интердисциплинарен пристап, а, Филозофскиот факултет и неговите институти можат да дадат свој научен придонес кон изнаоѓање на оддржливи решенија.

Почитувани пријатели,

Уверен сум дека како носител на македонскиот образовен идентитет и нераскинлива алка во нашиот просветителски општествен амбиент, Филозофскиот факултет ќе продолжи да го дава својот придонес кон севкупниот развој на нашата држава. Во децениите што следат посакувам Филозофскиот факултет да продолжи да ја развива својата наставно-научна дејност и да остане еден од убавите примери и модели на македонското високо образование.Ви посакувам успешна конференција и уште многу години и децении опстој на нашата национална гордост – Филозофскиот факултет!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Посета на ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз – Тито“ во рамки на Отворен Кабинет

Посета на ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз – Тито“ во рамки на Отворен Кабинет

Во рамки на активноста Отворен кабинет, денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“. Посетителите имаа можност да се сретнат и да разговараат со претседателот Пендаровски за неговата работа и надлежностите, за...

Обраќање на Елизабета Ѓоргиевска на конференцијата за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“

Обраќање на Елизабета Ѓоргиевска на конференцијата за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“

  Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на првата конференција за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“, во организација на Американската стопанска комора на Северна Македонија. Еднодневната конференција...

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, денеска го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година. Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава. [gallery...

Ѓоргиевска: Наша заедничка должност е да креираме патоказ по кој без страв и чувство на помала вредност за себеси ќе чекорат нашите деца и млади

Ѓоргиевска: Наша заедничка должност е да креираме патоказ по кој без страв и чувство на помала вредност за себеси ќе чекорат нашите деца и млади

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на настан по повод 20 години од меѓународната студија „Однесувања поврзани со здравјето на децата од училишна возраст (11, 13 и 15 години) во Република Северна Македонија“ што се одржа под нејзино...

Средба на претседателот Пендаровски со Теодор Богоевски, лице со попреченост

Средба на претседателот Пендаровски со Теодор Богоевски, лице со попреченост

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Теодор Богоевски, лице со попреченост и советник за лица со попреченост на претседателот на Владата на Република Северна Македонија. На средбата се разговараше за положбата на лицата...