Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Мери Брнс

12 јули 2019 | Соопштенија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнс.

Обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски

Ваша Екселенцијо,

Најнапред, дозволете ми срдечно да Ве поздравам и, воедно, да Ви посакам искрено добредојде во нашата земја, како новоименуван амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Ви посакувам успешно водење на оваа одговорна и ценета мисија.

Ја користам оваа пригода да изразам задоволство од Вашето именување, како особено добар познавач на Регионот и на нашата земја. Вашето именување за Амбасадор на САД во Република Северна Македонија претставува уште една потврда на одличните политички односи и плодната соработка меѓу двете пријателски држави.

Почитувана г-ѓо Амбасадор,

Дипломатските односи меѓу нашите две земји успешно се развиваат повеќе од две децении. Одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи следната година треба да даде дополнителен импулс за натамошно негување и зајакнување на стратегиското партнерство и политичкиот дијалог меѓу нашите пријателски земји, како и за продлабочување на соработката во сите останати области.

Дозволете, во оваа прилика, да изразам голема благодарност за континуираната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави и ја дават на нашата држава од самиот почетокот на нејзината независност. Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели – целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации – не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени.

Нашите земји се поврзувани и со заедничките заложби и решителност за чување на мирот, зајакнување на демократијата и почитувањето на човековите права. Стоиме заедно со САД и во борбата против тероризмот. Одлучни сме да продолжиме да дејствуваме во насока на натамошно промовирање на универзалните вредности што ги споделуваме.

Екселенцијо,

Длабоко верувам дека во периодот што ни претстои, ќе продолжи безрезервната поддршка на Соединетите Американски Држави за остварување на нашите евроатлантски аспирации, како највисок надворешно-политички приоритет и трајна стратегиска определба. Очекуваме наскоро да се заврши и процесот на ратификација на Пристапниот протокол, со што Република Северна Македонија ќе се придвижи чекор напред кон полноправно членство во НАТО алијансата. Тоа ќе претставува и дополнителна потврда на заложбите на Соединетите Американски Држави за стабилна, сигурна и просперитетна Северна Македонија.

Имајќи го предвид Вашето досегашно дипломатско искуство, уверен сум дека значително ќе придонесете за уште подинамичен развој на нашите меѓусебни односи во што, ве уверувам, ќе ја уживате нашата целосна поддршка, помош и соработка.

Искрено се надевам дека во периодот на вашата претстојна дипломатска мисија натамошно ќе се продлабочува македонско-американското пријателство, со изнаоѓање нови форми за содржинско збогатување на билатералната соработка, вклучително и преку интензивирање на економските односи и зголемувањето на американските инвестиции. Отворени сме за соработка и во сите останати домени – културата, образованието, науката и технологијата.

На крајот, дозволете ми да ја искористам оваа свечена прилика, преку Вас да ги упатам моите најсрдечни поздрави до високопочитуваниот претседател на САД, Н.Е. г-дин Доналд Трамп, а Вам лично да Ви посакам многу успех во извршувањето на мисијата.

Вам и на Вашето ценето семејство Ви посакувам добро здравје и пријатен престој меѓу нас.

Обраќање на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнс

Претседателе Пендаровски, ми претставува задоволство да се запознаеме и да ви ги предадам моите акредитивни писма. Ви благодарам што сте домаќин на оваа свеченост. Чест ми е што го претставувам претседателот Трамп и американскиот народ како амбасадор на Соединетите Држави во Република Северна Македонија.

Ми претставува особено задоволство да го започнам мојот мандат во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји. Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата. Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко.

Во очекување на овие случувања, ние продолжуваме да работиме врз основа на веќе изградените цврсти темели и на традицијата на партнерство. Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности – демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото.

Нашите две земји се посилни поради нашата соработка. Нашите војници служат рамо до рамо на бојното поле, исто како што нашите лидери работат заедно на унапредување на нашите цели за безбедна и просперитетна Северна Македонија и Европа. Нашите бизнис лидери работат заедно за да создадат работни места и да ги развијат нашите економии. Нашите професори и студенти соработуваат на иновативни истражувања, а нашите уметници разменуваат идеи и инспирација.

Се радувам што ќе работам со вас и со властите и граѓаните на Северна Македонија, развивајќи посилни односи како сојузници. Се обврзувам дека ќе промовирам стабилност преку силни институции и дека ќе ги поддржувам напорите на вашите власти во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото, дека ќе го унапредувам просперитетот преку помошта и партнерството со приватниот сектор и дека ќе работам на зацврстување на безбедноста преку нашето партнерство во одбраната.

Лично, се радувам што ќе ја искусам убавината и различностите на Северна Македонија и што ќе научам повеќе за вашата динамична култура, за традициите и за историјата на вашата земја. Ќе барам можности за споделување на културата на Соединетите Држави и за градење на мостови помеѓу граѓаните на двете земји.

Задоволство ми е да ви ги предадам акредитивните писма, и лично да ве уверам дека ќе работам неуморно на унапредување на нашите цврсти односи и на претворање во реалност на нашата заедничка визија за иднината.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на претседателот Пендаровски со Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на СР Германија

Средба на претседателот Пендаровски со Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на СР Германија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата се...

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој се предвидува лицата осудени за кривичните дела од член 205 „Пренесување на заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“...

Повик за акредитирање на медиумски екипи – Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен

Повик за акредитирање на медиумски екипи – Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен

Ве известуваме дека на 28 и 29 март 2023 година во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува сојузниот претседател на Република Австрија, Н.Е. д-р Александер Ван дер Белен, во придружба на неговата сопруга, г-а Дорис Шмидауер. Заинтересираните...

Претседателот Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Претседателот Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во рамки на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“, што се одржува под негово покровителство во соработка со УНЕСКО. Воедно,...

Средба на претседателот Пендаровски со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле

Средба на претседателот Пендаровски со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз оствари средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле. На средбата се разговараше за севкупната соработка на Република Северна Македонија со УНЕСКО, во контекст на 30-годишнината од нашето членство во...