Select Page

Претседателот Пендаровски: НАТО ги следи препораките на СЗО и прави се здравствената да не премине во безбедносна криза

7 април 2020 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, учествуваше на видео конференцијата „Глобални ризици и закани: Предизвици и можности“, којашто по повод Денот на НАТО – 4-ти Април беше организирана од Aмериканското катче во Скопје во соработка со Факултетот за безбедност.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање го честиташе членството на нашата земја во НАТО Алијансата, истакнувајќи дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста, границите и територијалниот интегритет, што се предуслови за развој.

„Поздрав до сите учесници на конференцијата, пред се до организаторот. Морам да ви кажам дека сум малку изненаден бидејќи учествувам по прв пат на ваков тип на конференција, меѓутоа претпоставувам дека и за вас и за сите кои учествуваат на конференцијава ова е за прв пат да имаме еден вид академска конференција со учество и на политичари, а да биде онлајн.

Меѓутоа ситуацијата со коронавирусот не натера да размислуваме и на поинаков начин и да правиме и вакви т.н. дигитални конференции.

Да ја врзам оваа последна моја констатација со темата на конференцијата, за прв пат во својата историја и НАТО пред неколку дена, точно на 2-ри Април направи прв пат видео конференција на сите министри за надворешни работи на земјите членки и за нив беше тоа необично, меѓутоа ситуацијата налага таков тип на однесување, да продолжат да функционираат институциите меѓутоа во малку видоизменети околности.

На почетокот би сакал да го честитам, иако со мало задоцнување поради вонредните околности, Денот на НАТО – 4-ти Април, кога организацијата е формирана и сакам да си го честитаме сите членството на нашата земја во Алијансата.

Триесетта земја-членка станавме конечно, ова го чекаме од 93-та би рекол, од првата декларација во тогашниот македонски парламент донесена со апсолутен консензус од сите парламентарни групи за наше членство во Алијансата и особено 99-та кога на априлскиот Самит во тоа време во Вашингтон станавме формално кандидат за членство и влеговме во циклусот наречен годишни национални планови за членство. Јас имам посебно чувство на задоволство со оглед на моите претходни работни задолженија, најверојатно би можел да кажам околу дваесеттина години се бавам со прашањата на одбраната и безбедноста и претходно бев и национален координатор за НАТО и советник за национална безбедност на двајца претседатели и сето тоа имаше и тоа како директна релација со нашето зачленување во оваа Алијанса.

И секој пат сум мислел дека НАТО е предуслов за развој, значи ако имате гарантирана безбедност и граници и територијален интегритет јасно е дека во секоја друга област можете само да напредувате бидејќи веќе ги имате предусловите за такво нешто.

Според мене нашето зачленување во НАТО е еден од трите најважни моменти во нашата понова историја, сигурно еден од трите најважни моменти од нашата независност до денес. Значи ако првиот историски момент за нашиот народ, за сите нас, за нашата држава е 91-ва и 8-ми септември кога стекнавме независност, ако е вториот 93-тата и 8-ми април кога станавме членки на Обединети нации, ова е секако со таа да ја наречам стратешка тежина и мислам дека кога ќе правите анализи за тоа што се случувало во првите 30 години од нашата независност, овој чин, на нашето зачленување во Алијансата, едноставно не ќе можете да го избегнете.

Што сега работи НАТО со оглед на овие околности, кои знаеме дека се драстично изменети на глобално ниво, и само неколку реченици ќе ми дозволите да кажам како е поставена Алијансата во моментов за да се разбијат сите оние тези на скептиците кои постојано велат дека НАТО е организација од некои стари времиња, од времето на биполарната поделба на светот, од студената војна, и дека не се има адаптирано на новите околности, тоа не е точно, еве во однос на најновата оваа пандемија што ја имаме сега во врска со коронавирусот. Последната теза која е кажана на највисоко министерско ниво, во седиштето на НАТО е дека НАТО прави се во овој момент, оваа здравствена криза да не премине во безбедносна криза.

Значи, за таа цел сите препораки на Светската здравствена организација, една организација како што е НАТО стриктно ги спроведува, ги следи, иако се работи пред се за воено-политичка организација, сепак ги следи. Во штабот на НАТО, новиот штаб на НАТО отворен од минатата година, е драстично редуциран персоналот на луѓето кои работат таму, редуцирани се сите патувања на луѓето кои работат, а ги има илјадници, освен оние врзани директно со воените мисии, многу се засилени мерките во склад со препораките на СЗО за заштита на војниците под капата на НАТО во меѓународните мисии. На пример, откажани се групните посети на Алијансата кои беа дел од таа програма на приближување на Алијансата до обичните луѓе, значи такви работи нема, исто како што е, да речеме, во нашите институции со т.н. отворени денови кај нас во Парламентот или во Кабинетот на Претседателот, и таму нема повеќе отворени денови.

Што конкретно НАТО прави во последниве недели или денови да кажам. Имаше пред неколку дена редовен состанок на министрите за надворешни работи, меѓутоа закажан е вонреден состанок на сите министри за одбрана на земјите членки кој ќе биде овој месец, април месец, затоа што очигледно е неопходно дневно следење на она што се случува со пандемијата и од тој аспект како НАТО ќе се адаптира и како НАТО ќе се спротивстави на заедничките напори кои ги прават различни држави и различни институции во сите тие држави. Според последните заклучоци на последниот министерски совет на НАТО, НАТО дава поддршка на своите земји-членки во три насоки. Прво дава комплетна логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, која е неопходна кај земјите членки. Која има повеќе ја транспортира кај оние кои имаат помалку. За таа цел се ставени и најголемите карго авиони Ц-17 на НАТО, во овој момент три од нив, кои се постојано летање меѓу земјите членки. Последната голема пратка беше од Романија кон Италија, за одредена медицинска опрема која недостасува во таа, веројатно, најтешко погодена земја на Aлијансата, покрај Шпанија. Потоа, комплетната логистика ја обезбедува помеѓу членките во делот на потребата за медицински персонал од една во друга земја-членка.

Она што е интересно – НАТО учествува со своите иновативни технологии. Постои една силна гранка во рамките на Aлијансата која се бави со новите технологии. На пример, НАТО има поприлично искуство во 3Д принтањето.

Ова сега последно што е интересно да го знаат оние и кои ја следат оваа конференција и целокупната наша јавност – од пред неколку дена започна производството, преку 3Д принтери, на заштитни медицински маски, кои имаат посебен систем за вентилација, во Италија. Значи тоа што НАТО до сега го имаше како експертиза во тој дел, како научно достигнување, е дадено на користење на таа земја-членка, кадешто тоа е неопходно и низ една специфична локална иницијатива на јавно-приватно партнерство, значи Aлијансата со една локална фирма таму тоа веќе го изработува преку 3Д технологијата. Тоа е во овој момент голема поддршка за Италија, која има меѓу другото, недостаток и во овој сегмент. Она што нашата, македонската јавност треба да го знае, е дека НАТО изминатите неколку години, многу пред да се случи пандемијата и многу пред да станеме ние земја-членка, веќе обучи над 500 лица, значи наши, тука вработени по институциите, да работат во вакви услови и тие се сега ставени сите во тој капацитет да работат и да се снаоѓаат во вонредни ситуации, вклучувајќи и заразни болести. Една од институциите кои имаат директен бенефит од тоа што станавме земја-членка на НАТО и е дел од тој заеднички здружен информативен систем на НАТО е Центарот за управување со кризи кој е дел од програмата на НАТО наречена „Next generation incident system” кој служи за подобра размена на информации и подобра соработка меѓу институциите, меѓутоа внимавајте, зборувам за размена на информации на подрачјето на нашата земја и за подобра координација меѓу нашите, домашните, тукашните институции. НАТО тоа го мапира, ни дава технолошка поддршка од позадина во тој дел, бидејќи ние тој тип на капацитет го немаме и ние многу побрзо разбираме што се случува во рамки на нашата држава и каде е неопходна поголема помош или присуство поголемо на одреден персонал.

Тоа претходно го немавме, односно работевме, бевме оставени сами на себе, сега имаме цела Алијанса со 29 земји-членки кои тоа го работат.

Сакам, за да не должам многу бидејќи во вонредни околности не треба и премногу долго да се зборува, само да споменам уште една теза и да ја разработам на кратко, колку ми дозволува времето, која е битна во рамки на оваа пандемија и е значајна тука и нашата соработка со НАТО односно веќе сега внатре како земја-членка, тоа се тие кампањи за дезинформирање на јавноста. Сте слушале за хибридни закани, знаеме сите, кои изминативе неколку години ги имаме во различен облик и со различен интензитет и кај нас, меѓутоа сега имаме повторно еден вид на хибридна војна меѓу засегнати страни, меѓу ентитети и меѓународни организации итн. Меѓу останатите кои се eден вид на колатерална штета во оваа смисла е и нашата земја и во тој дел ние добиваме исклучително битна, не логистичка, туку информатичка поддршка од НАТО и во делот на пробивање на вистината до крајните корисници. Со тоа, ги демантираме лажните вести кои имаа за главна цел да ја поткопаат довербата на граѓаните во нашите институции што и вербата, генерално во системот на демократијата како најдобар политички систем кадешто се сместени и сите останати земји-членки на Алијансата, значи НАТО помага тука, ни помагаше и претходно, меѓутоа сега ни помага многу повеќе со размена на информации, со размена на вистински информации и тоа е еден од бенефитите директни кои ги имаме сега како полноправна земја-членка на Алијансата.

Сакам да ве поздравам уште еднаш на крајот и да си посакаме сите ние идната година денот на НАТО да го прославиме во нормални околности и да го прославиме вака гледајќи се очи в очи, што се вели директно во еден физички жив контакт, а не вака на дистанца, бидејќи сепак тие традиционални конференции барем мене, како човек од постарата генерација, ми се многу подраги.

Поздрав до сите.“

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Али Февзи, хуманитарец од Скопје. На средбата Февзи го запозна претседателот Пендаровски со неговата иницијатива за донирање на поединци и семејства во социјален ризик, што беше интензивирана по почетокот на пандемијата...

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти. На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања во двете...

Чествување по повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба

Чествување по повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба

Делегации од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба положија свежо цвеќе пред: - Споменикот Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје и - Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила....

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани сограѓани, Ви го честитам 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето...

Pin It on Pinterest