Претседателот Пендаровски: Нашата прва година од членството во НАТО потврди дека не сме сами во справување со предизвиците

27 март 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на централната свеченост по повод годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата, што се одржа во касарната Илинден во Скопје.

„Веќе една година учествуваме во сите работни комитети и тела и носиме стратешки одлуки. Како рамноправна членка имаме целосен пристап кон најрелевантните информации со кои располага Алијансата. Тој механизам за размена на информации ни помага да ја превенираме опасноста и подобро информирани да креираме политики и носиме одлуки за виталните безбедносни и надворешно-политички прашања. Во исто време, дел сме од координативните механизми на НАТО за справување и со хибридните закани и кампањите за дезинформирање на јавноста“ истакна во обраќањето претседателот Пендаровски.

Во однос на пандемијата, претседателот Пендаровски посочи дека НАТО беше и сеуште е ангажиран здравствената криза да не премине во безбедносна.„Преку солидарните механизми на НАТО уште на самиот почеток добивме неопходна медицинска опрема и материјали, но и споделено знаење и искуства“, додаде Претседателот.

Во рамки на свеченоста беше извршен приказ на способности од страна на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и беа доделени признанија за досегашната соработка со странски Воени Аташеи во земјава.

Присутните на свеченоста со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите и починатите припадници на Армијата и на жртвите од Ковид-19.

Почитувани припадници на Армијата,

Почитуван претседател на Bладата,

Почитувана министерке за одбрана,

Почитуван командант на здружените сили на НАТО во Неапол,

Почитувани присутни,

Пред точно една година станавме полноправна членка на Северноатлантската aлијанса. Патот до членството беше долг и тежок, чекавме 20 години, најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата. Но, и покрај сите одлагања, не се откажавме, затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес.

Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади, и ја материјализиравме поддршката која во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани.

И пред членството ние ги споделувавме вредностите и принципите на сојузот. Спроведувавме реформи во одбраната, се проверувавме на заедничките воени вежби, учествувавме во ризичните мировни мисии и на тој начин, активно придонесувавме за нашата и за заедничката безбедност.

Притоа, бевме свесни за една вистина. Членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици бидејќи тие се неминовни за секоја држава во светот. Меѓутоа, членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме, нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и одбрана ќе биде мултиплицирана. Нашата прва година од членството токму тоа го потврди.

Пандемијата којашто започна како здравствена криза, брзо прерасна во економска, социјална и еколошка криза. Ние и светот,  претрпевме непроценливи човечки и огромни материјални штети. Се уште е многу рано да се согледаат долгорочните последици од оваа несреќа. Но, едно е очигледно – целиот свет живее во епоха на исклучителна непредвидливост. Се менува не само бројот и интензитетот, туку и карактерот на безбедносните ризици и хибридни закани, кои се прекомплексни за менаџирање и за најмоќните држави.

И токму тука се предностите од членството во НАТО. Имено, многу од проблемите со кои како држава се соочувавме пред пандемијата и пред членството не исчезнаа, но, станаа полесни за носење.

Денес над нас, како симбол на нашата поврзаност, прелетуваат воени авиони на НАТО кои се дел од воздушното патролирање и заштита на нашето небо, кое е дел од заедничката евроатлантска територија, предмет на колективна заштита.

Веќе една година учествуваме во сите работни комитети и тела и носиме заедно стратешки одлуки. Како рамноправна членка имаме целосен пристап кон најрелевантните информации со кои располага Алијансата. Тој механизам за размена на информации ни помага да ја превенираме опасноста и подобро информирани да креираме политики и носиме одлуки за виталните безбедносни и надворешно-политички прашања. Во исто време, дел сме од координативните механизми на НАТО за справување и со хибридните закани и кампањите за дезинформирање на јавноста.

Во однос на пандемијата, НАТО беше и сеуште е ангажиран здравствената криза да не премине во безбедносна. Преку солидарните механизми на НАТО уште на самиот почеток добивме неопходна медицинска опрема и материјали, но и споделено знаење и искуства.

Ценети присутни,

Во овој период на глобална неизвесност и геополитички тензии, НАТО е важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија. Но, оваа поддршка и солидарност е двострана. На наша територија, во услови на прогласена кризна и вонредна состојба ја ангажиравме Армијата како поддршка на министерствата за здравство и за внатрешни работи, и на единиците на локалната самоуправа.

Продолжуваме со учеството во мировните мисии. Во моментов припадници на aрмијата се дел од мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан. Во ноември 2020 година, за прв пат станавме дел од мисијата „КФОР“ на Косово со што почнавме да придонесуваме директно и за  стабилноста на регионот.

Со цел да ја засилиме отпорноста на државата кон новите и старите закани, продолжуваме да вложуваме во модернизација и развој на aрмијата. Во тој дел, меѓу председателот и владата постои консензус за прецизна временска рамка кога треба да ја постигнеме целта за издвојување на 2% од БНП за одбраната и ние имаме намера да го испочитуваме дадениот збор.

Но, во исто време, за да бидеме подготвени за постковид свет, еднакво важно е да ги негуваме темелните вредности на западната aлијанса – слободата, демократијата и владеењето на правото, како основни предуслови за економски и социјален развој.

Почитувани присутни,

Иако оваа годишнина ја одбележуваме во вонредни услови, со колективни штети и многу лични трагедии, не смееме да го изгубиме од предвид вистинското значење на овој ден.

Нашата прва година од членство беше истовремено и една од најтешките години во поновата светска историја. Но, на предизвиците сега не им гледаме во очи сами, со нас се 29 држави, 29 демократии, 29 моќни армии, 29 наши пријатели, и во добри и во лоши времиња.

Драги пријатели,

Посакувам идните годишнини и јубилеи од македонското членство во НАТО да ги прославуваме во помирен и побезбеден амбиент.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, денеска се обрати на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности....

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, за време на неговото учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28, оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо. ...

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи оствари кратки средби со британскиот крал Чарлс Трети, со кралот на Јордан Абдула Втори, со претседателката на Република Словенија Наташа...

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, денеска прими делегација предводена од заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија, Јоичи Фуказава, којашто престојува во земјава по повод учеството на Министерски совет на ОБСЕ. [gallery...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности, што се одржува во рамки на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28. [gallery...