Претседателот Пендаровски на прес-конференција со полскиот претседател Дуда: Полска е силен поддржувач на нашата европска интеграција

19 ноември 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Дуда, се одржа пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Полска, по што двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.

Почитуван Претседателe Дуда,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

 Ми претставува голема чест што денеска сум домаќин на мојот колега, претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда. Оваа официјална посета која се реализира по година и пол од успешната посета што ја имав во Варшава, несомнено претставува потврда за пријателството меѓу двете држави и цврстите македонско-полски односи. 

Денеска, со претседателот Дуда имавме продуктивна средба и содржаен разговор посветен на повеќе теми од заемен интерес. Разговаравме, пред сè, за билатералните односи, за состојбите во регионот на Западен Балкан, европските интеграции, како и актуелните предизвици со кои се соочуваме како земји сојузнички во НАТО Алијансата.

До претседателот и до полската влада упатив посебна благодарност за несебичната донација од над 200.000 вакцини „Фајзер“, која ќе се реализира во текот на денешниот ден.

Би сакал да ја искористам приликата и да констатирам дека во изминатите неколку години нашите односи се развиваат по нагорна линија во повеќе области и тоа искрено ме радува. Развиваме плодна секторска соработка врз основа на меѓусебната почит и разбирање. Оттука, на средбата со мојот полски колега, ја искажав нашата подготвеност за натамошно зголемување на соработката во сферите од заеднички интерес, пред сè, во економијата, инвестициите, туризмот, науката, културата и образованието, како и зголемување на соработката во областа на безбедноста и одбраната. 

Мојата посета на Варшава се реализираше непосредно пред почетокот на пандемијата, која предизвика огромни последици за економиите на двете држави. Затоа, од посебно значење е што и во моменти кога сè уште сме ангажирани во продолжената битка со ковид-19, зборуваме за начините на кои може да закрепнат нашите економии во постковид периодот. Во овој контекст, денеска во Скопје организираме македонско-полски бизнис-форум на кој компаниите и институциите од двете држави преку директни средби ќе разгледуваат начини за уште поинтензивна соработка во времето што е пред нас. 

За нас е одлична вест тоа што и покрај пандемијата, Полска ја препознава Северна Македонија како можна дестинација за инвестирање и отворање на директни врски помеѓу македонските и полските бизниси. Во таа насока, во рамките на бизнис-форумот ќе биде потпишан меморандум за разбирање меѓу Агенцијата за привлекување инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и Полската агенција за инвестиции и извоз.

Со претседателот Дуда, покрај разговорите за политичките и економските теми, ги споменавме и македонско-полските образовни, јазични и културни врски. Продолжува соработката на македонските и полските слависти во двете земји, помеѓу останатото, и во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

 Почитувани,

Една од клучните теми на нашата средба беа европските интеграции, односно отпочнувањето на нашите преговори за членство. Полска отсекогаш била наш силен и гласен поддржувач и во таа насока со претседателот Дуда имавме продуктивна дискусија. Полска покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме и прави напори да помогне во надминувањето на препреките со кои се соочуваме и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува.

Во овој контекст потенцирав дека веродостоен тест за кредибилитетот на процесот на проширувањето е претстојниот Совет за општи работи на Европската Унија во декември и можноста да направиме исчекор на патот кон ЕУ. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и за просперитетот на целиот регион и е дополнителен поттик за реформските процеси. Затоа, во разговорите се осврнавме и на прашања кои се однесуваат на актуелната ситуација во регионот на Западен Балкан, и во таа прилика ги споделив со претседателот Дуда нашите гледишта во врска со регионалните предизвици и отворени прашања.

Покрај ова, како сојузници во НАТО, разменивме мислења и информации за актуелната состојба на полско-белоруската граница, при што на претседателот Дуда му ја изразив нашата целосна солидарност и поддршка за надминување на оваа ситуација. Потврдив дека за нас, како држава, се целосно неприфатливи постапките на раководството на Белорусија со кои се оркестрира оваа хуманитарна криза. Продолжуваме да ја разгледуваме ситуацијата во рамките на НАТО и повикуваме на итно запирање на сите активности насочени кон натамошна дестабилизација на ситyацијата на границата на нашите сојузници Полска, Литванија и Латвија.

На крајот, дозволете ми, уште еднаш да му се заблагодарам на претседателот Дуда за поддршката и посетата на Скопје и да му посакам пријатен престој меѓу нас.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, денеска се обрати на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности....

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, за време на неговото учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28, оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо. ...

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи оствари кратки средби со британскиот крал Чарлс Трети, со кралот на Јордан Абдула Втори, со претседателката на Република Словенија Наташа...

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, денеска прими делегација предводена од заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија, Јоичи Фуказава, којашто престојува во земјава по повод учеството на Министерски совет на ОБСЕ. [gallery...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности, што се одржува во рамки на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28. [gallery...