Select Page

Претседателот Пендаровски на Регионалниот форум за добро владеење и борба против корупцијата: Високата корупција е една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата

13 декември 2019 | Соопштенија, Средби

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска се обрати на Регионалниот форум за добро владеење и борба против корупцијата, кој е заеднички организиран од регионалната програма за антикорупција, финансиран од ЕУ и воден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и проектот „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција“ поддржан од Проектот на УСАИД за Граѓанско учество, спроведуван од Транспаренси Интернешнл Македонија (ТИ-М).

На Форумот кој се одржува на тема:„Исполнување на ветувањето за проширување на ЕУ: 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа“, претседателот Пендаровски повика на соработка помеѓу институциите, невладиниот сектор, приватниот сектор, затоа што тоа е еден од успешните начини во справувањето со корупцијата, а транспарентноста и отчетноста се темели на доброто управување и владеење на правото.

Во продолжение е обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Со задоволство ја прифатив поканата да се обратам на овој форум за добро владеење и борбата против корупцијата. Пред неколку дена го одбележавме Меѓународниот ден за борба против корупцијата кога се потсетивме на стожерната Конвенција на Обединетите Нации која укажува на негативните последици од коруптивното однесување врз демократијата и врз владеењето на правото. Степенот на демократија во една држава примарно се мери со способноста на државата да овозможи доследно почитување и владеење на правото. Функционалната правна држава е основен предуслов за оддржлив развој на јавниот поредок.

Неспорно е дека ние постојано вршиме прилагодување на домашното право со правото на Европската унија која е наша стратешка цел. Но, она што е моја лична дилема, а верувам и на најголемиот дел од нашите граѓани е дали државните институции суштински или само формално ги имаат усвоено и ги следат европските вредности и принципи во оваа област.

Со години зборуваме за спроведени реформи во правосудството, за натамошно градење на ефикасен и правичен систем, како гарант за почитување на човековите права и слободи. Меѓутоа, довербата на граѓаните во судскиот систем е во постојана надолна линија. Речиси нема човек во нашата држава што не минал низ судските лавиринти и што не поседува лошо искуство барајќи ја правдата. А, кога граѓанинот ќе ја загуби вербата во правдата, тогаш ја загубил најсилната врска со државата.

Говориме за неселективно и независно судство, коешто професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите. Од друга страна, речиси секојдневно имаме судски случаи кои предизвикуваат сомнежи, дали во нашата држава правото важи еднакво за сите или можеби правото е сведено на политички инструмент, а правдата сè уште се повлекува пред моќта на моќните.

Долги години се бавам со прашањата од областа на безбедноста и слободно можам да кажам дека во изминатите 10-15 години во нашата држава високата корупција прерасна во една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата. Тука морам да го издвојам т.н. случај „Рекет“ кој дискредитираше голем дел од нашите напори и надежи за справување со криминалот и високата корупција. Лично, не очекував дека носители на толку важни и одговорни функции толку ќе потфрлат во даден момент. Овој случај останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции.

Во оваа прилика сакам да нагласам дека искрената борба за правна држава подразбира да се истражуваат криминалите на претходната, но и криминалите на актуелната власт и секој кој се огрешил од законот, да добие соодветна казна. Истовремено е многу значајно да не се дозволи преку намерно застарување  на предметите да се случи т.н. „скриена амнестија“ на сторителите на дела поврзани со високата корупција.

Во овој контекст, сметам дека е добро што се овозможи да постои континуитет и што предметите од поранешното Специјално јавно обвинителство беа преземени од редовното обвинителство. Не постои земја-членка на Европската унија, која не ни укажува дека мора до крај да го истражиме тој огромен скандал во кој имаше милиони снимки кои мораат да имаат разрешница, во спротивно не може да очекуваме да не третираат како сериозна држава. Факт е дека најпросперитетните држави во светот имаат најниско ниво на корупција. Очекувам во наредниот период тоа да биде најтешката задача со која системски и сериозно ќе се зафатиме откако ќе почнеме да преговараме со Европската унија.

За ефикасна борба против високата корупција нам ни е потребен и нов Закон за јавно обвинителство кој ќе ги задоволува највисоките европски стандарди, наместо преку непринципиелни политички договарања зад сцена да ја компромитираме борбата со високата корупција.

Убеден сум дека ефективната координација и соработка меѓу институциите ќе придонесе кон намалувањето на корупцијата, а тоа значи и консолидирање на демократијата. Свесноста за постоењето и пропорциите на одреден проблем е првиот чекор кон изнаоѓањето на решение. Колку повеќе и погласно се зборува за него, толку станува поголем ризикот за оние што го одржуваат во живот. Тука, улогата на слободните и професионални медиуми има огромно значење. При тоа, современите политички модели на однесување забрануваат мешање во работата на судовите и обвинителите, но, неспорно подразбираат и слободно искажување на мислење во врска со сите одлуки и постапувања на тие органи во сите фази од нивните процедури.

Почитувани,

На крајот, дозволете ми повторно да се навратам на принципите на Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против корупцијата која укажува на тежината на проблемите и заканата што таа ја претставува за стабилноста и безбедноста, за демократските и морални вредности.

Нам ни е неопходно системско справување со корупцијата и воспоставување на нов вредносен систем, за што е предуслов јасно изразената волја на релевантните политички фактори во државата. Ќе повторам, неопходните реформи во сферата на владеењето на правото и правната држава не треба да ги правиме за да ги задоволиме  критериумите за членство во ЕУ, туку за да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во сопствената држава.

Повикувам на соработка помеѓу институциите на системот, невладиниот сектор, приватниот сектор, затоа што тоа е еден од успешните начини во справувањето со корупцијата. Транспарентноста и отчетноста се темели на доброто управување и владеење на правото.

Ви благодарам.

Обраќање на претседателот Пендаровски на состанокот на високо ниво по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените

Обраќање на претседателот Пендаровски на состанокот на високо ниво по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените

Почитувани екселенции, Дозволете ми да му се заблагодарам на Генералниот секретар за свикувањето на овој состанок на високо ниво кој има за цел да ја одбележи 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жени. Се соочуваме со невообичаени предизвици во време на...

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во „Вила Водно“ прими претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). На средбата се разговараше за состојбата со медиумските слободи во Северна Македонија,...

Претседателот Пендаровски се обрати на првиот академски час на Правниот Факултет „Јустинијан Први“

Претседателот Пендаровски се обрати на првиот академски час на Правниот Факултет „Јустинијан Први“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првиот академски час за бруцошите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски. Почитувани студенти, Почитуван Ректор на...

Сопругата на претседателот домаќин на настанот “Три генерации македонска мода – пренесување на знаење“

Сопругата на претседателот домаќин на настанот “Три генерации македонска мода – пренесување на знаење“

На иницијатива на сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, а во соработка со професори при Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, вчеравечер во Кабинетот на претседателот се одржа настанот „Три генерации...

Pin It on Pinterest