Претседателот Пендаровски на церемонија на испраќање на првиот контингент на Армијата во мисијата предводена од НАТО – КФОР, на Косово

17 октомври 2020 | Обраќања

Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска во Касарна „Илинден“ – Скопје, присуствуваше и се обрати на церемонијата на испраќање на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата предводена од НАТО – КФОР, на Косово.

Во продолжение е  обраќањето на претседателот Пендаровски на церемонијата.

Почитувани војници и старешини на Армијата на Република Северна Македонија,
Почитуван Претседател на Владата,
Почитувана Министерке за одбрана,
Почитуван Началник на Генералштаб,
Уважени гости,
Драги пријатели,

Дозволете ми прво да им се обратам на членовите на мисијата заради кои сме денес и собрани на оваа свеченост.

Почитувани војници и старешини,

Се радувам што ја имам честа да ве поздравам на церемонијата на вашето испраќање како припадници на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата предводена од НАТО – КФОР, на Косово.

Вие сте дел од нашата прва ротација во оваа наша прва мисија во која учествуваме по добивањето на статусот полноправна членка во Северноатлантската алијанса и тоа нè прави сите нас особено горди. Ова наше учество во мисија предводена од НАТО е јасен показател за нашата намера да бидеме активен и ангажиран член на Алијансата и за нашата намера да придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

Уште пред 20 години кога станавме земја-кандидат знаевме дека членството во најмоќната воена алијанса претставува огромна предност за нашата сигурност и безбедност, меѓутоа носи и обврски и одговорност.

Уште пред да станеме членка на НАТО, нашата армија во сите претходни мисии во кои учествуваше покажа дека може да одговори и на најкомплексните барања и да ги изврши сите поставени задачи.

Не постои ниту една моја средба во сите овие години со високи претставници на НАТО, и цивили и генерали, на кои тие не зборуваа со посебен респект за квалитетот на македонските контингенти и во Авганистан, каде што го чувавме седиштето на мисијата во Кабул и за нашето учество во борбени мисии од кои многу наши војници се вратија со највисоки странски одликувања за покажаната храброст.

Иако сме членкa на НАТО од март годинава, нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа, пред сè вам, почитувани војници и старешини, затоа што во континуитет покажувате врвна професионалност и целосна посветеност на оваа благородна професија.

Затоа, денеска немам ниту најмал сомнеж дека и во претстојната мисија, вие, припадниците на Армијата, ќе ги задржите највисоките стандарди и достојно ќе ја претставувате својата татковина.

Мисијата КФОР започна пред 21 година како одговор на огромната воена и хуманитарна криза, и таа мисија донесе мир и безбедност за граѓаните на Косово, но и стабилизација на целиот наш регион. Нашето идно присуство на Косово со 44 војници што ќе биде наше најбројно учество во моментов споредено со останатите контингенти кои ги имаме во Авганистан, Либан и во Босна и Херцеговина доволно зборува за значењето кое ние ѝ го придаваме на оваа мисија.

Почитувани присутни, 

Република Северна Македонија стана пример како со јасна политичка волја и стратешка визија за иднината на државата и народот, може да се исчекори напред и од држава на која ѝ беше потребна надворешна асистенција и помош, да се трансформира во држава која е фактор на стабилност во регионот и почитуван сојузник во најсилната политичко-воена алијанса во историјата на светот.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека тоа е заслуга на сите досегашни политички гарнитури кои немаа дилема за насоката по која треба да се движи земјата и постојано вложуваа во опремување и модернизација на армијата.

Тоа е заслуга и на војниците и старешините кои во континуитет вложуваа во своето усовршување, но пред сè е резултат на волјата на нашите граѓани кои во огромен број ја поддржуваа стратешката цел да станеме дел од овој воено-политички сојуз.

Иако времето е кусо, придобивките од членството во НАТО се веќе видливи во покажаната солидарност за време на пандемијата, како и во заедничкото спротивставување на хибридните закани кои стануваат се повидливи. Се разбира, никој нема илузии дека членството во НАТО ќе ги реши сите наши проблеми, но, без сомнение, станува збор за клучна претпоставка за понатамошен развој и просперитет на земјата.

Драги војници,

Вие во наредниот период ќе ги преставувате честа, професионалноста  и моралот на сите припадници на нашата армија. Убеден сум дека сите задачи ќе ги извршувате одговорно и успешно и дека нема да нè засрамите како држава и како народ.

Вашата мисија има и додадена вредност, затоа што одите во земја која е наш сосед и пријател и со која не врзуваат длабоки историски, културни и економски врски. Верувам дека присуството  на македонскиот контингент на Косово уште повеќе ќе ги продлабочи тие односи.

Дозволете на самиот крај, на сите да ви посакам добро здравје и успешно извршување на работните обврски и задачи.

И да ви порачам уште една работа: догодина, ќе дојдам да ве посетам таму каде што ќе бидете распоредени.

Среќно и догледање!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на...

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен, во рамки на официјалната посета на австрискиот претседател на Република Северна Македонија, денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу...

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамки на официјалната посета на сојузниот претседател на Република Австрија на Република Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св....

Прес-конференција на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен: Австрија е докажан пријател на регионот

Прес-конференција на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен: Австрија е докажан пријател на регионот

Во рамки на официјалната посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен на Република Северна Македонија, претседателите Пендаровски и Ван дер Белен одржаа заедничка прес-конференција. Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на...

Церемонија со највисоки државни и воени почести – претседателот Пендаровски го пречека сојузниот претседател на Австрија, Александер Ван дер Белен

Церемонија со највисоки државни и воени почести – претседателот Пендаровски го пречека сојузниот претседател на Австрија, Александер Ван дер Белен

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, кој во придружба на неговата сопруга, Дорис Шмидауер, престојува во официјална посета на...