Select Page

Претседателот Пендаровски: Потребно е повторно прогласување на вонредна состојба

16 април 2020 | Соопштенија

Денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, се одржа 5-та седница на Советот за безбедност, посветена на вонредната состојба воведена заради заштита и справување со епидемијата со коронавирусот.  Во својата изјава по седницата на Советот, претседателот Пендаровски истакна дека согласно направените проценки за периодот кој следи, потребно e повторно прогласување на вонредна состојба. Одлуката, рече претседателот, ќе ја донесе согласно неговите уставни надлежности и ќе трае во следните 30 дена.

Во продолжение е изјавата на претседателот Пендаровски по завршувањето на 5-та седница на Советот за безбедност.

Почитувани,

Денеска ja одржавме 5-та седница на Советот за безбедност, посветена на вонредната состојба воведена заради заштита и справување со епидемијата со коронавирусот.

Поканети и присутни на седницата беа претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министрите за внатрешни и за надворешни работи, Наќе Чулев и Никола Димитров и професорите Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ. Останатите членови, како и министрите Венко Филипче и Бујар Османи кои беа поканети, поради новонастанатата ситуација поврзана со градоначалникот на Куманово, не присуствуваа на седницата.

По реферирањето на надлежните министри и дискусијата по единствената точка на дневниот ред, беше заклучено дека сите расположливи ресурси на државата се насочени кон справување со пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Имаме позитивен развој на настаните во Дебар и Центар Жупа, каде се укинува, односно завршува кризната состојба. Но, за жал, ситуацијата во Куманово се усложнува, поради што таму се распоредени дополнителни човечки ресурси и заштитен материјал.

Мојот став е дека за ситуацијата во Куманово ќе треба посебен фокус и внимание и можеби многу брзо ќе треба таму да го примениме успешниот модел од Дебар и Центар Жупа, со оглед дека се работи за општина со над 100.000 жители и со самото тоа претставува огромен потенцијал за ширење на вирусот.

Последниве денови трендовите се негативни и во Прилеп, а главниот град поради големината на својата популација останува предмет на постојан засилен мониторинг и анализи.

На советот се согласивме дека надлежните служби работат посветено и вложуваат максимални напори. Здравствениот кадар, полицијата, армијата се мобилизирани деноноќно во сите критични региони, имаат одлична соработка на терен, а ефективно се спроведуваат и насоките и препораките од Светската здравствена организација. За нивната пожртвуваност и деноноќен ангажман, на сите нив, во име на граѓаните, им се заблагодарувам.

Советот за безбедност дискутираше и за Одлуката за прогласување на вонредна состојба, која ја донесов на 18 март оваа година. Во изминатиот период на дневна основа добивав информации од Централниот кризен штаб и Владата во текот на вчерашниот ден ми достави и Извештај за мерките и активностите во изминатите 30 денови и предлог за воведување на вонредна состојба во следните 30 дена.

Согласно направените проценки за периодот кој следи, јасно е дека е потребно повторно прогласување на вонредна состојба. Одлуката ќе ја донесам согласно моите уставни надлежности и ќе трае во следните 30 дена.

Тука сакам јавно да дадам коментар за некои правни дилеми кои се појавија во стручната и во генералната јавност последните денови. Јасно е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација: Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредната ситуација. Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, што значи дека тие се сеуште со валиден мандат, а Собранието, сепак, не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето на ваква одлука, само затоа што имаме ситуација без преседан кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето, отколку да се криеме зад правни толкувања.

Затоа, сакам да го разјаснам и следново: постојната вонредна состојба завршува денеска поради истекот на рокот од 30 дена за кој беше утврдена и нема да биде формално правно продолжена бидејќи за тоа нема уставен основ. Затоа, јас, денеска, врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуацијата кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење на вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата. Но, ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање, затоа што на средината на мај ќе ги имаме истите правни дилеми пред себе.

Тука ќе ми дозволите да додадам уште неколку збора за работи за кои немам директна надлежност, меѓутоа, сакам да ги пренесам реакциите на многу наши граѓани до мене, во однос на мерката за ограничување на движењето. Со над 80 часови практично целосна забрана за движење на целата територија како што се предвидува за празникот, ние во моментов спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки во оваа смисла во Европа.

Не само мене, верувам дека и на огромниот број граѓани им е совршено јасно која е логиката и која е оправданоста за воведувањето на оваа мерка, но, реков и минатиот пат, да повторам, најдрастичните мерки треба да се применуваат по исклучок и во некој разумен временски период. Се повеќе од тоа ќе биде контрапродуктивно и можеби ќе ги реши проблемите во здравството, но, ќе предизвика проблеми во некои други области.

Истото го мислам и за целосното затворање на стопанските субјекти и во таа насока сакам да ја охрабрам владата по празникот да го дефинира планот за фазно постепено враќање на економската активност во нормала затоа што е јасно дека не само ние, туку и целиот свет ќе мора да научи да живее со вирусот подолг временски период, а во меѓувреме ќе мора да изнајдеме модалитети животот со сите неопходни рестрикции и превентивни мерки да продолжи да функционира.

Почитувани,

Дозволете ми, на верниците од православна вероисповед да им го честитам големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, кој традиционално го одбележуваме со редовна служба во црквите и средби со најблиските. Оваа година црквата ќе мора да се сообрази со правилата кои важат за сите останати. Заради пандемијата, многу права на сите нас ни се или одземени во одреден временски период или редуцирани, како што е, на пример, правото на слободно движење или правото на образование кои се уставно загарантирани, но, во овој период сите ние имаме повисока цел – да ги сочуваме животите и здравјето на нашите луѓе, се разбира, вклучително и на верниците.

Во нашата заедничка држава, ниту една религиозна заедница не е над другите, ниту еден верник не е поважен од некој атеист и обратно. Еве за една недела од сега почнуваат Рамазанските пости кои исто така оваа година за прв пат ќе бидат во услови на вонредна состојба со сите правила и ограничувања кои таа ги наметнува врз сите нас.

Една работа мора да ни биде јасна – само заеднички и со максимален респект едни кон други можеме да ја надминеме оваа криза.

Да завршам, на денешната седница заклучивме дека Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе заседава кога за тоа ќе се јави потреба.

Ви благодарам.

 

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Али Февзи, хуманитарец од Скопје. На средбата Февзи го запозна претседателот Пендаровски со неговата иницијатива за донирање на поединци и семејства во социјален ризик, што беше интензивирана по почетокот на пандемијата...

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти. На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања во двете...

Чествување по повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба

Чествување по повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба

Делегации од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба положија свежо цвеќе пред: - Споменикот Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје и - Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила....

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани сограѓани, Ви го честитам 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето...

Pin It on Pinterest