Денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, се одржа 8-та седница на Советот за безбедност.
На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Оперативно-Техничката Агенција ОТА, Зоран Ангеловски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
На седницата на Советот беше разговарано за политичко-безбедносната состојба во земјава по членството во НАТО.
Во продолжение е интегралното обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Почитувани,
Денеска ја одржавме 8-та седница на Советот за безбедност, инаку прва по конституирање на новата Влада.
Видовте и самите на почетокот – присутни беа постојаните членови на Советот: освен мене, претседателот на Собранието и претседателот на Владата, беа присутни министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи и членовите на СБ, професорите Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ.
На моја покана со оглед на дневниот ред, присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, директорот на Агенцијата за национална безбедност, директорот на Оперативно-Техничката Агенција ОТА и началникот на Генералштабот на Армијата.
Главна точка на дневниот ред, не и единствена, на 8-та седница на Советот беше политичко-безбедносната состојба и во земјава и во регионот. Ова истовремено беше и прва седница на Советот за безбедност на која се дискутираше на оваа тема откако станавме членка на НАТО во март оваа година.
Претставниците од надлежните служби и министерства реферираа за внатрешната безбедносна динамика и нашето опкружување. Советот заклучи дека состојбата во земјата и регионот е стабилна и дека нема индиции дека би можел да биде загрозен нашиот територијален интегритет и суверенитет. Надлежните институции во континуитет ги следат сите ситуации кои потенцијално би можеле да прераснат во посериозен безбедносен проблем, вклучувајќи тука и евентуален нов бран на бегалска, односно мигрантска криза.
Сепак, најголемата криза со која сме и денес соочени е пандемијата на КОВИД-19, се разбира не само кај нас, туку и во светот, значи на глобално ниво. Пандемијата продира во сите сектори, здравствен, економски, социјален, се разбира безбедносен. За првпат во земјава имавме во изминатиот период прогласена вонредна состојба, а претставниците и на полицијата и на Армијата имаа дополнителен и сосема поинаков ангажман и задачи и во најголем дел работеа во поддршка на цивилните структури во справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Пандемијата останува најважниот предизвик за нашето општество и во следните месеци, со влијание и врз економијата и врз здравството, но не очекуваме, според денес направените и презентирани проценки, дека ќе има развој кој би влијаел на општата безбедност во земјата.
Безбедносните служби, се разбира, ќе продолжат да ги следат и понатаму и анализираат трендовите и во земјата и во регионот – она што може да има влијание и врз нас, сите безбедносните закани и потенцијални ризици за националната безбедност и за тоа ќе продолжат да го информираат државниот врв и Советот за безбедност. Во оваа смисла е важно да се одбележи дека и нововоспоставениот Совет за координација на службите е функционален, има своја редовна динамика на средби и активности.
Втора точка на дневниот ред за која дискутиравме беше врзана со безбедносните импликации поврзани со воведување на 5Г технологијата кај нас. Сега како членка на НАТО сме обврзани стриктно да ги следиме сите безбедносни протоколи на Алијансата, и тоа како во однос на безбедносниот беграунд на лицата, на луѓето кои работат на чувствителни места во државниот апарат, така и во однос на воведувањето на дигитални технологии и корпорации како нивни носители кои имаат цели и вредности кои се некомпатибилни со целите и вредностите на западната Алијанса. Во тоа смисла беше заклучено дека во овој домен, Владата и другите надлежни институции треба доследно да ги применуваат правилата и препораките на организацијата каде што сме веќе членка, се разбира, со сите права,обврски и одговорности кои од тоа произлегуваат.
Сосема конкретно во однос на втората точка да ви пренесам дека беше заклучено министерството за надворешни работи да започне со подготовка на меморандум за разбирање, сличен според содржината, според формата со она што веќе беше потпишано од некои држави во нашето опкружување и подалеку во Европа – членки на Алијансата, со кој ќе се наведат прецизно нашите обврски во однос на сопственичката структура на компаниите, евентуалната државна поддршка која тие ја имаат – колку тие се од овој аспект компатибилни со работите кои ги спомнав предмалку, бидејќи се разбира дека мора да ги следиме препораките на организацијата каде што сакавме да влеземе толку долго и конечно тоа го успеавме на 27 март оваа година.
Ви благодарам.