Претседателот Пендаровски се обрати на прославата по повод 15-годишнината од основањето на Универзитетот Американ Колеџ Скопје

6 октомври 2020 | Обраќања

Почитуван Провост,
Почитуван ректор,
Почитувани проректори и декани,
Почитувани колеги и драги пријатели,

Ми претставува чест што денеска можеме заедно да го прославиме овој значаен јубилеј – 15 години од основањето на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Годишнините се секогаш повод да се потсетиме низ што поминавме, но и да погледаме што не очекува во времето што е пред нас.

Од своите почетоци, Универзитетот им нуди можност на македонските и на странските студенти да студираат според меѓународно акредитирани и признаени наставни програми. Ова е особено важно ако се имаат во предвид слабостите кои веќе подолг период наназад се евидентни во нашето високо образование: ниско ниво на вложување во образовни и научно-истражувачки дејности, хиперинфлација на дипломи, застарени програми и методи и продукција на стручни профили кои се во расчекор со реалните потреби на пазарот на трудот. Сето ова само дополнително го поттикнува одливот на млади луѓе од земјава.

Уште во 2005-та, основачите на Универзитетот знаеја дека општеството се менува преку образованието и затоа понудија одржлива алтернатива. Комбинирајќи ги најдобрите европски и американски образовни стандарди, УАКС даде позитивен пример за тоа какво може да биде високото образование кај нас. Неспорно е дека во овие 15 години Американ Колеџ реализираше многу од своите цели и со тоа даде значаен придонес кон подигнување на стандардите во македонското високо образование.

Универзитетот Американ Колеџ е пример за универзитет од третата генерација што ги обединува трите основни дејности – образование, научно истражување и апликација на know-how. Според референците од својата научно-истражувачка работа Универзитетот е на првото место меѓу приватните универзитети во Република Северна Македонија. Централната банка на САД го рангираше Факултетот за деловна економија и организациски науки на прво место меѓу сите економски факултети кои работат во нашата држава. МБА програмата е меѓу 5-те најдобри програми во Источна Европа. Благодарение на научно-истражувачката работа, помеѓу останатото, УАКС се наоѓа и на високото второ место на Шангајската листа на домашни универзитети.

Универзитетот постојано успева да го стесни јазот меѓу знаењата и вештините кои студентите ги добиваат и барањата на пазарот на трудот. Во просек, кај нас, од 100 дипломирани студенти, само 13 без посебни проблеми можат да најдат добро вработување, соодветно на нивните квалификации. За разлика од тоа, дури 78% од студентите на УАКС наоѓаат работа по дипломирањето.

Овие успеси се резултат на долгогодишната напорна работа на многу посветени поединци. Тука се основачите кои имаа јасна идеја за мисијата, визијата и вредностите на Универзитетот. Тука сте и вие, професорите, асистентите и административниот кадар кои ги одржавте високите критериуми сите овие години. Се разбира, тука се и студентите кои ги прифатија и ги пренесоа вредностите на нивните работни места, во нивните сфери на влијание. Имав чест да бидам професор и ментор на многу извонредни студенти на Факултетите за политички науки и за правни науки. Тоа се успеси со кои сите ние можеме само да се гордееме.

Драги пријатели,

Во светот што брзо се менува, високообразовните институции мора да се прилагодат на глобалните трендови. Денес сме собрани во Музејот на современа уметност што како симбол на човековата креативност и истрајност се издигна од трагедијата на Скопскиот земјотрес. Ако земјотресот го промени физичкиот простор на нашиот град, пандемијата на КОВИД-19 ја промени функционалната динамика на нашите системи, вклучително и на системот на високото образование.

Сведоци сме на голема трансформација на политиката, економијата, индустриите, пазарот на трудот. До крајот на оваа деценија многу од професиите што ги знаеме ќе бидат застарени или целосно ќе исчезнат. Пандемијата само дополнително ги забрзува овие процеси. Државата и високообразовните институции треба да го препознаат овој период како можност за темелни реформи во образованието. Пред наши очи се случува револуција во онлајн наставата.

Наместо статични, универзитетите треба да прераснат во динамични јадра каде што наместо предавање за застарени матрици и модели, ќе ги учат младите да опсервираат со критички ум и да креираат нови, подобри, одржливи алтернативи. Целта на високото образование не е само да стекнете диплома, независно дали е меѓународно призната или не. Целта е да им се помогне на студентите да ги развиваат сопствените капацитети за креативно и автономно размислување. Да се стекнуваат со вештини неопходни за професиите на иднината што ќе им помогнат, прво, да се остварат како личности и, второ, не помалку битно, да придонесат за просперитетот на заедницата во која живеат. Универзитетите треба да бидат генератори на нови идеи и иницијатори на јавни дебати за најважните општествени прашања.

Знаењата и вештините од 19 и 20 век веќе не се доволни за соочување со 21-от век. Капацитетот за адаптација е многу поважен од капацитетот да ги повторувате претходно совладаните модели. Благодарение на брзата адаптација на промените што ги донесе новонастанатата ситуација, УАКС беше прв што воведе хибриден модел на настава во услови на пандемија на КОВИД-19.

Квалитетното високо образование е клучот за просперитет, стабилност и напредок. Затоа, подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет. Треба да учиме од најдобрите примери, како од странство, така и од земјава. Еден од тие примери несомнено е Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Со таа мисла, на самиот крај, дозволете ми, уште еднаш да ви го честитам овој значаен јубилеј. Посакувам, Универзитетот да продолжи да биде инспирација за високото образование не само кај нас, туку и во поширокиот регион.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, на Република Северна Македонија

Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски, утре – 29 март 2023 година, среда, ќе биде домаќин на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, во придружба на неговата сопруга, Дорис...

Средба со претставници на Шаховска Федерација на Македонија

Средба со претставници на Шаховска Федерација на Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Шаховска Федерација на Македонија. На средбата беше разговарано за тековните активности на федерацијата, учеството на меѓународни натпревари, организирањето на европски...

Средба на претседателот Пендаровски со Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија

Средба на претседателот Пендаровски со Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата беше изразено...

Делегација од Кабинетот на претседателот  положи цвеќе пред Споменикот на бранителите

Делегација од Кабинетот на претседателот положи цвеќе пред Споменикот на бранителите

Генералниот секретар при Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија Миле Бошњаковски, денеска, 26 март 2023 година, оддаде почит и положи свежо цвеќе пред Споменикот на Бранителите во паркот „Жена борец“ во Скопје, во чест на бранителите, кои...

Претседателот Пендаровски на одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на Делегацијата на ЕУ во Скопје

Претседателот Пендаровски на одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на Делегацијата на ЕУ во Скопје

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше на одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Честитајќи ја годишнината, претседателот Пендаровски изрази задоволство од досегашниот развој на односите меѓу...