Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“

20 јуни 2023 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“ која се одржа во организација на Претседателскиот центар за политичко образование во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“, а со поддршка од Кралството Холандија преку проектот „Центар за борба против дезинформации на Западен Балкан“ кој го спроведува Метаморфозис.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски порача дека општествената отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите мора да биде резултат на целосна и долгорочна стратегија, но и на конкретни политики што ќе ја променат нашата сива општествена реалност. Тој повика на транспарентност во работата на органите на власта, при што посочи дека секое затскривање зад превезот на т.н. државни интереси е неоправдано. Претседателот рече дека сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да и бидат достапни на јавноста затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.

На отворањето на конференцијата се обратија и Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Северна Mакедонија, Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“ и проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за внатрешна политика, надворешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ.

На сесијата насловена „Тековни состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Република Северна Македонија“ се обратија Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање, Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“ и Билјана Георгиевска, извршна директорка на „Совет за етика во медиумите на Македонија“.

Во рамки на конференцијата се одржа и сесијата „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување“ на која се обратија Елида Зулбеари, раководител на проект во Фондацијата „Метаморфозис“, Светлана Силјаноска, соработник за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања, Влада на Република Северна Македонија, Петра Балажиќ, претставничка на „Центар за европска перспектива“, Република Словенија и Росана Алексоска, претставничка на Граѓанската асоцијација – МОСТ.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници,

Дами и господа,

Ми претставува чест и задоволство да се обратам на отворањето на конференцијата „Градење на општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, која Претседателскиот центар за политичко образование ја организира во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“.

Дозволете ми на почетокот да искажам задоволство што оваа конференција е организирана како резултат на заеднички утврдената потреба за градење на систем на отпорност кон дезинформациите меѓу една државна институција, во овој случај, Кабинетот на Претседателот и една реномирана граѓанска организација која подолго време е активна во оваа област и присутна со свои анализи и согледувања на оваа тема во медиумскиот простор.

Истовремено, сакам да се заблагодарам и на амбасадорот на Кралството Холандија и на неговата земја за поддршката на овој проект и за учеството на конференцијата. Конечно, сакам да се заблагодарам и на бројните панелисти за нивниот придонес во подигнување на општествената свест за релевантноста на темата.

Дезинформациите како средство за предизвикување или продлабочување на општествените поделби односно како средство за психолошка војна не се ниту нов, ниту непознат феномен. Присутни се во сите општества во различни временски периоди и биле користени од различни групи и внатре и надвор од општествата. Во оваа смисла особено се ранливи демократските општества бидејќи плурализмот на мислењата и ставовите, односно слободата на изразување вклучува и слобода на вербално несогласување се самата суштина на демократските општества и начинот на кој во нив се донесуваат одлуките.

Токму затоа, присутноста на дезинформациите не треба да не чуди или изненадува, туку треба да се навикнеме на нивното присуство. За разлика од тезите дека живееме во исклучително време без преседан во поглед на дезинформациите, моето мислење е дека не спорејќи го фактот дека дезинформациските и пропагандни кампањи против демократските системи се во подем во последната декада, сепак порано постоеле и други временски периоди во кои интензивно се користени дезинформациите.

Доволно е да се потсетиме на периодот на нацистичката диктатура или сталинистичката репресија за да констатираме дека и тогаш тоталитарните и автократски режими користеле пропаганда и дезинформациски кампањи чија што цел не била само предизвикување поларизација и раздор кај нив дома, туку и во другите општества, со особен фокус на демократските држави. Во оваа прилика ќе потсетам само на семиналната студија „Архивите на Митрохин“ во која по падот на „железната завеса“ можевме да прочитаме од оригиналните архивски документи на поранешната служба за државна безбедност на Советскиот сојуз како пропагандата и дезинформациските кампањи биле не само едно од оружјата, туку биле главното оружје во нивната битка со западните демократски држави.

Оваа историска паралела не е со цел да ја релативизирам опасноста од дезинформациите во нашето време, туку да укажам дека демократските општества веќе имаат значајно искуство со овие феномени и, што е најважно, двете големи битки со нацизмот и комунизмот ги добија демократските држави, а диктатурите изгубија. Добро е почесто да се потсетуваме на овој факт.

Сепак, денешното време има свои карактеристики поради кои можеме да констатираме дека се наоѓаме во поранлива состојба во споредба со некои поранешни времиња. Таа специфика е пред се неспоредливо поголемата поврзаност меѓу општествата и државите во ерата на глобализација и информациско-комуникациската дигитална револуција која ја живееме.

Еден од најзначајните аспекти на оваа револуција се појавата на интернетот и социјалните мрежи. И за разлика од првичниот, да го наречам, наивен оптимизам дека социјалните мрежи нужно ќе водат кон демократизација на општествата, набрзо ја видовме нивната, во суштина, двојна природа. Или, подобро кажано, сфативме дека социјалните мрежи самите по себе не се ниту демократски, ниту недемократски, туку се екстремно ефикасни алатки чии што ефекти зависат од тоа кој, со какви намери и за какви цели ги употребува, односно злоупотребува.

За разлика од традиционалните медиуми со позната уредувачка хиерархија, социјалните мрежи и онлајн порталите, што најчесто се меѓусебно поврзани, често служат или како платформи на кои други субјекти објавуваат или имаат затскриена уредувачка структура. По својата природа тие се лесно достапни, брзо го окупираат вниманието на читателите и создаваат лажна слика на кредибилност и точност. Имајќи предвид дека најголемиот број од нив се директно зависни од бројот на т.н. „отворања“ на интернет, јасно е дека дури и без намера за пропагандистичко дејствување, нивната техника на работење е доаѓање до што повеќе корисници најчесто преку сензационализам, а на сметка на вистината. Кога ќе земеме предвид дека помал дел од нив се финансираат преку нелегални приливи на средства од т.н. малигни центри за моќ со јасни цели, лесно е да се разбере дека имаат потенцијал да бидат реална опасност за демократијата.

Почитувани,

Македонското општество не е исклучок од овие трендови. Нашата држава, за жал, е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив. Она што претставува предност на демократските општества во нормални околности, за жал, е најголема потенцијална слабост во услови на внатрешна и надворешна поларизација.

Македонското мултикултурно општество опстојува единствено врз основа на компромиси и подготвеноста на граѓаните да бараат и прифаќаат компромиси. Нашата демократска транзиција е далеку од завршена, а за тоа најдобар доказ се бројните истражувања на јавното мислење кои покажуваат дека значаен процент од македонските граѓани се приврзаници на т.н. систем на „цврста рака“ во донесувањето на одлуки и поддржуваат авторитарни модели на владеење како наводен рецепт за прогрес на државата. Нашата борба со корупцијата е сеуште повеќе присутна во политичките декларации отколку во реалноста, а корумпираните политичари се секогаш најмалку резистентни кон малигните влијанија, или поради желбата за „лесни пари“ или поради тоа што се уценети, а најчесто и поради двете.

Нашиот најголем успех на надворешно-политички план да го решиме спорот со Грција и да станеме членка на НАТО, освен неспорните бенефити дома, носи и зголемена одговорност, бидејќи сме и ќе бидеме мета на малигно влијание од надвор. Руската агресија врз Украина создаде не само реален фронт на истокот на Европа, но и пропаганден фронт на Балканот бидејќи кога агресорот ја губи битката јасно е дека ќе настојува да отвори нов фронт за да си ја олесни положбата. Не смееме да ги игнорираме индициите дека зад проблемот со нашите евроинтеграции или зад тензиите во Косово и во Босна и Херцеговина, покрај објективните прашања и проблеми кои не се решени, има и голема количина на дезинформации и т.н. непријателско поттикнување.

Ако само ги констатираме проблемите или се жалиме на лошата судбина, тоа нема да биде решение на состојбите. Општествената отпорност кон штетните влијанија, како што е насловот на оваа конференција, мора да биде резултат на целосна и долгорочна стратегија, но и на конкретни политики што ќе ја променат нашата сива општествена реалност. Конкретно, ако зборуваме за корупцијата, особено на високите нивоа, тогаш мора да имаме правна завршница во секој поединечен случај.

Следен чекор е транспарентност во работата на органите на власта. Секое затскривање зад превезот на т.н. државни интереси е неоправдано. Сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да и бидат достапни на јавноста затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.

Конечно, за долгорочна отпорност на македонското општество клучно е образованието. Во образовниот систем мораме да вклучиме содржини што се однесуваат на медиумската писменост, а препорачувам и вклучување на политичко образование во духот на демократските вредности во редовниот образовен систем. Претседателскиот центар за политичко образование веќе започна една таква иницијатива во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Фондацијата за демократија на Вестминстер од Велика Британија и токму утре ќе биде промовирана публикацијата со јасни насоки и препораки за имплементација на политиките во овој сегмент.

Почитувани,

На крајот би сакал уште еднаш да го изразам своето задоволство од организирањето на оваа конференција. Се надевам дека сите вие ќе дадете значаен придонес кон општествената дебата на оваа тема од која ќе произлезат конкретни препораки за јавните политики во оваа сфера.

Ви посакувам интересна и плодна дебата која со задоволство ќе ја проследам

Ви благодарам!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...