Претседателот Пендаровски се обрати на отворањето на VIII меѓународна научна конференција „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“

28 јуни 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свеченото отворање на VIII меѓународна научна конференција „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“, која се одржа во рамки на отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, а по повод јубилеите 70 години од основањето на институтот и 120 години од издавањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

На отворањето на конференцијата присуствуваше и Христо Мисирков, потомок на Крсте Мисирков, а беше промовиран и Зборникот од VII мeѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани организатори,

Почитувани учесници,

Драги пријатели,

Дозволете ми најпрво да го честитам големиот јубилеј, 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Годинава покрај овој голем јубилеј, одбележуваме уште неколку значајни годишнини кои би сакал да ги споменам. Станува збор за 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, без сомнение едно од најзначајните дела за македонскиот јазик, литература и култура, како и 100 години од раѓањето на македонскиот поетски великан Ацо Шопов. Ова е и место и време да потсетиме дека годинава се навршуваат и 80 години од првиот час на македонски јазик во селото Подвис.

По повод големиот јубилеј, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во рамките на своите отворени денови организира серија навистина интересни настани. Ми претставува чест што денес сум со вас на отворањето на меѓународната научна конференција “Крсте Мисирков и македонскиот јазик — извор на научни истражувања“ и ќе ми дозволите, пред да споделам со вас дел од своите размисли, да му честитам на Институтот за македонски јазик што достојно го продолжува делото на Мисирков, активно придонесувајќи за промоција и афирмација на македонскиот јазик.

Официјализирањето и стандардизирањето на македонскиот јазик започнато уште во делата на Ѓорѓија Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Партениј Зографски и на други бројни културни дејци од 19-от век, кулминира со дејноста на Крсте Мисирков. Неговото дело „За македонцките работи” е основата врз која се поставени современиот македонски јазик, азбука и правопис. Мисирков има особено значајно место во нашата историја како знаменит научник, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.

За неговиот живот и дело се напишани многу страници и од наши и од странски автори. Факт е дека станува збор за комплексна личност која што живее во сложени и тешки времиња, исполнети со војни, политички превирања и пресврти. Во неговиот животен пат се наѕираат сите тешкотии со кои еден интелектуалец се соочува низ балканските премрежија. Личност која остварувајќи се како научник, во исто време се бори за својата егзистенција и е во потрага по личната среќа.

Кај Мисирков постојат и спротивставени ставови и гледишта различни од тогашните конвенционални стојалишта, но и промени во неговите убедувања и погледи со текот на времето. Особено е интересен неговиот однос кон Македонската револуционерна организација и отворената критика на нејзина сметка. Во секој случај, неговата личност и дело заслужуваат постојано внимание и истражување, а, токму научните собири како денешниов се еден од најсоодветните начини.

Почитувани,

Постојано истакнувам дека е важно научната јавност да не потпаѓа на притисокот на дневно-политичките настани, чувајќи ја својата автономија, достоинство, објективниот и критички пристап во проучувањето на историските и актуелни феномени. Токму научниците, писателите, уметниците се моралната и естетска вертикала која го чува интегритетот на човештвото во овие времиња на виртуелна реалност, моделирана од новите медиуми и социјалните мрежи каде што често пати формата е побитна од содржината.

Важно е да го чуваме сознанието дека нашето постоење, јазик, уметност, култура, нашиот светоглед, не постојат затоа што се верификувани од другите, туку затоа што се јадрото, самата суштина на нашите животи која ни овозможува траење низ времето и просторот. Во таа смисла, и како минато, и како сегашност и како иднина, Мисирков и „За македонцките работи“ биле и остануваат да бидат стожерот на македонскиот јазичен, национален и културен идентитет.

На крајот, дозволете да ви посакам успешни Отворени денови на Институтот и успешна конференција, исполнета со провокативни излагања кои ќе понудат нови аспекти на историските настани и нови толкувања на познатите историски вистини.

Почитувани пријатели,

Јасно е дека наспроти глобалните процеси кои од мноштвото сакаат да направат едно, сепак, на овој свет опстојуваме најмногу затоа што сме Македонци кои зборуваат на македонски јазик.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Обраќање на конференцијата „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“

Обраќање на конференцијата „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 9. Меѓународна истражувачка конференција на тема „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности - Редизајнирање на макроекономската политика“ што во организација на Народната банка на...

Меморандум за соработка за доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата, Козле, Скопје

Меморандум за соработка за доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата, Козле, Скопје

Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а по иницијатива на сопругата на Претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, Амбасадата на Народна Република Кина во земјава обезбеди финансиски средства кои ќе бидат донирани на Министерството за здравство за...

Средба со припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија

Средба со припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, денеска прими делегација на истакнати припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа Џелал Хоџиќ,...

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија. Почитувани, Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Северна...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Република Куба

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Република Куба

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Куба во Република Северна Македонија, Мариета Гарсија Хордан. На свечената церемонија на предавање на акредитивните...