Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „10 години НМСМ: Деценија на заедничко дејствување, застапување и промени за младите“

29 јуни 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „10 години НМСМ: Деценија на заедничко дејствување, застапување и промени за младите“ која се организира по повод 10-годишнината од основањето на Националниот младински совет на Македонија.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Драги пријатели,

Чест ми е да ве поздравам на овој голем јубилеј – 10 години од Националниот младински совет на Македонија. Денес сме тука за да зборуваме за успесите, за можностите, но и за проблемите и дилемите. А, без дилеми, најголем предизвик со кој се соочува државата е иселувањето на младите. Уделот на младите луѓе во вкупното население е опаднато од 28% во 1970 на само 16% во 2021 година. За жал, ние веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите нации за 2030 година. Со други зборови, младите се малцинство кое од година во година станува сè помалoбројно.

Доколку не му застанеме на патот на овој тренд и тој не биде успорен со конкретни политики во рамките на сеопфатна стратегија за млади, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов можеме да ја антиципираме. Клучното прашање е што треба да направиме за младите да останат во државата.

Истата 2013 година кога е формиран Националниот младински совет на Македонија, во престижното научно „Списание за позитивна психологија“ беше објавено истражување за улогата на различните фактори кои му даваат  смисла на животот. Истражувањето покажа дека луѓето се чувствуваат среќни тогаш кога го добиваме она што ни е потребно или она што го посакуваме, но, дека животот добива посебна смисла тогаш кога правиме позитивни промени во животот на другите.

Со други зборови, среќата доаѓа од она што го добиваме, а смислата во животот од она што го даваме. И додека среќата е фокусирана на сегашноста, смислата ги опфаќа и минатото и иднината. Еден од заклучоците на експертите беше дека луѓето кои се подготвени барем на краток рок да се одречат од личните задоволства за конструктивно да учествуваат во општеството можат да направат големи промени. Односно, смислата им помага на луѓето да го даваат најдоброто од себе и да не ја изгубат мотивацијата дури и во најтешките времиња.

Во истражувањата на Вестминстерската фондација за демократија, има потврда на тезата според која младите луѓе кои се дел од младинските организации се позадоволни од своето место во општеството за разлика од нивните врсници кои не се вклучени во општествените процеси. Притоа, најголемиот дел од младите кои веруваат дека преку активизам можат да направат позитивна промена во животот на другите, се помотивирани да останат тука, во својата татковина.

За жал, важи и спротивното. Најчесто, младите луѓе кои си заминале, прво се почувствувале отуѓени во сопствената држава. Нивниот кариерен напредок бил жртва на непотизам, корупција, неправда, партизација и други системски, општествени зла. Генерации политичари од независноста се до денес, пропуштаат да ги вклучат младите во креирањето политики, со други зборови, најчесто се носат одлуки за младите, без младите. Загрижува фактот дека секој седми млад човек никогаш не бил консултиран од институциите на локално или централно ниво, уште помалку вклучен во процесот на носењето на одлуки. Анализата на Вестминстер фондацијата на политичките програми на партиите покажува дека младите најчесто се третирани како објекти или консументи на политиките, а не како активни субјекти во нивна подготовка и реализација.

Оттука, фундаменталното прашање со кое се соочуваме денес е како да ги поставиме младите во позиција да почувствуваат дека придонесуваат кон повисока цел? Како да ги охрабриме да не заминуваат во странство каде веројатно ќе имаат и повеќе можности, и подобри услови, и повисоки примања?

Верувам дека единствениот начин е ако им ја вратиме смислата за нивното останување тука, во нивната татковина. Ако им покажеме дека со нивните знаења, вештини, идеи, ентузијазам, посветеност и активизам, тие можат да имаат професионален напредок, а, во исто време и да придонесат за општото добро и јавниот интерес.

Ценети присутни,

Изминативе десет години, Националниот младински совет на Македонија успеа на многумина млади луѓе да им го овозможи токму тоа – да бидат дел од поголемата приказна. Ако внимателно ги анализираме позитивните пробиви во изминатава деценија, ќе видиме дека во речиси секој од нив биле вклучени млади луѓе кои ги препознавале и ги пополнувале празнините во системот. Со својата активност, младите успешно придонесувале и придонесуваат за благосостојба во општеството и патем, нам, политичарите ни ги одземаат сите изговори дека решавањето на одреден проблем е комплицирано, тешко или неизведливо. Тие ја потврдуваат старата вистина дека имено младите, водени од праведни идеали, се разбира, се јадрото на секоја прогресивна општествена промена. Сè додека младите имаат желба да се борат за подобро општество, има надеж за сите нас.

Можеме само да претпоставуваме уште колкумина млади ќе беа иселени од државата да не беше Националниот младински совет и колку празни столчиња ќе имаше денес во оваа сала. Благодарение на Националниот совет, младите се вклучуваат во процесите на носење одлуки и креирање политики и на централно и на локално ниво. Пример за тоа се Законот за младинско учество и младински политики, новата Стратегија за млади, Законот за младинска работа и.т.н.

Кон овие документи би ја додал и Рамката за развој „МКД2030“ како заедничка платформа за долгорочен развој на државата. Младите беа вклучени во секоја етапа од изработката на „МКД2030“ и во идентификувањето на нејзините четири приоритети кои треба да придонесат за севкупен економски и општествен развој.

Нема дилема дека Националниот младински совет на Македонија ја исполнува целта на своето постоење и поради тоа, државата е должна да ги поддржи неговите иницијативи. Затоа, како претставник на една од државните институции, на самот почеток на мандатот, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија и со Британската амбасада, во центарот на Скопје ја отворивме канцеларијата „МладиХаб“. Во изминативе четири години „МладиХаб“ стана место на кое што успешни млади луѓе ги споделуваат своите истражувања, креираат иницијативи и покажуваа солидарност кон граѓаните кои имаат потреба од тоа. Јас и мојата сопруга често присуствуваме на нивните настани и сме фасцинирани од нивниот потенцијал и секако охрабрени од нивниот ентузијазам.

Се разбира, иако се гордееме со секој нивни успех, ние не полагаме авторски права на „МладиХаб“. Напротив, како успешен модел сакаме да го споделиме со сите заинтересирани на централно и особено на локално ниво. Секоја општина е должна да има локален младински совет, младинска стратегија и соодветен буџет за млади. Веруваме дека успешните модели не треба да се кријат, туку да се споделуваат. Но, за позитивни ефекти е неопходна и стабилна финансиска поддршка за младите, пред се, од институциите на државата, но, и од странските и меѓународните донатори.

Драги пријатели,

Државата е домот што можеме да го градиме само заедно, сплотени околу визијата за хумано, праведно и просперитетно општество во кое ќе има место за секој од нас. Моето животно и професионално искуство ми вели дека успехот на државата, повеќе од се друго, зависи од тоа дали на младата генерација ќе и ја вратиме смислата во животот и дали ќе им помогнеме да се пронајдат тука, во својата татковина, каде што треба да бидат активни учесници наместо пасивни набљудувачи. Круцијално е да продолжиме да го јакнеме партнерството со младите за на наредниот јубилеј на Националниот младински совет на Македонија да не споменуваме празни столчиња, туку да бараме место повеќе за идните млади лидери на заедницата.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...