Select Page

Инаугурација на Претседателскиот центар за политичко образование

7 ноември 2020 | Обраќања

Денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје се одржа инаугуративен настан на Претседателскиот центар за политичко образование, еден од клучните проекти во изборната програма на претседателот Стево Пендаровски, кој се реализира во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност.

На настанот, свое обраќање имаше претседателот Пендаровски, на кое претходеше официјално потпишување на меморандум за соработка помеѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и партнерските фондации и организации: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).

На инаугуративниот настан на Претседателскиот центар за политичко образование се одржа и дебата на тема: „Иднината на демократијата – младите во политиката и општеството“, на која учествуваа млади луѓе од граѓанскиот сектор.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски. 

Интегрално обраќање на претседателот Стево Пендаровски

Почитувани претставници на фондациите и на организациите, и членови на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование,
Почитувани панелисти,
Почитувани гости кои нè следите преку електронската платформа „ЗУМ“,
Драги пријатели,

Имам особена чест и големо задоволство да ви се обратам на инаугуративниот настан на Претседателскиот центар за политичко образование, пред првата дебата со наслов „Иднината на демократијата – младите во политиката и општеството“. Овој центар за политичко образование е една од иницијативите која ja најавив уште пред почетокот на мојот мандат и кој го сметам за еден од клучните проекти на мојата програма. Среќен сум што конечно започнуваме со негова реализација по многу одлагања и потешкотии предизвикани од пандемијата која, за жал, влијае врз сите наши планирани активности. 

Почитувани присутни,

Македонското општество се одликува со висока конфликтност и со поделби по повеќе основи. Легитимните политички разлики, како суштински елементи на политичкиот плурализам, наместо да бидат основа за отворен и конструктивен политички дијалог, за жал, станаа причина за длабока нетрпеливост и пречка за соработка меѓу политичките субјекти во исполнување дури и на нашите клучни државни приоритети. Во изминатите три децении од независноста минавме низ бројни политички кризи. На почетокот, причината беше недостатокот на базично политичко искуство и потребата да научиме како функционира демократијата.

Но, во изминатата деценија, по 20 години демократско искуство, ни се случи толку силна поларизација која државата ја доведе до работ на граѓански конфликт. Партизацијата на институциите, приватизацијата на јавниот интерес, дискриминацијата наместо прифаќањето на различностите, особено во тие години, беа нашата реалност која негативно влијаеше врз развојот на државата и ги уништуваше перспективите за пристоен живот на нашите граѓани. И денес, за жал, голем број истражувања покажуваат изразени тенденции кон авторитарни политички ставови кај значаен дел од младата генерација. Таквото назадување во демократскиот развој е очекувана последица од перманентната криза на политичките институции и ниското ниво на доверба на граѓаните во нив.

Да се живее во демократски политички поредок е привилегија која сè уште е недостапна за милијарди луѓе во светот. Но, демократијата не може да опстане доколку не вложуваме во изградбата на демократска свест, во едуцирање за демократските процедури и вредности, и во граѓанската толеранција и помирување. Одамна е познато дека најисплатливата долгорочна инвестиција во едно општество е инвестирањето во образованието. За да имаме стабилна демократија, за да имаме идни генерации на демократи, мораме да вложуваме во образованието кое е втемелено во демократските вредности. Токму таа потреба ме поттикна да започнам една ваква иницијатива за која искрено се надевам дека во следниот период ќе добие поширока општествена поддршка.  

Драги пријатели,

Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам најискрено на сите фондации и организации кои ја препознаа идејата и визијата на Претседателскиот центар за политичко образование и се вклучија во неговата работа како дел од Програмскиот совет. Тоа се фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, фондацијата за демократија на Вестминстер, подружница во Република Северна Македонија, фондацијата „Конрад Аденауер“, подружница – Скопје, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), канцеларија во Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), подружница – Скопје и  фондацијата  „МК2025“. 

Дозволете да го искажам моето задоволство што имаме искусни и посветени партнери со чијашто активна улога ќе можеме да ја оствариме планираната програма и да ги реализираме поставените цели. Инаку, во работата и во активностите на Претседателскиот центар можат да учествуваат сите здруженија и фондации од земјата и од странство, кои имаат основна цел да ја промовираат културата на дијалог и почитување на мултикултурната реалност и за таа цел би сакал да ги поканам да ни се приклучат сите оние што се препознаваат во овие вредности.

Во периодот што следи е планирана реализација на едукативни настани, дебати за важни општествени прашања, научни конференции, стручни дискусии, како и школа за политика, со еминентни предавачи и тренери од земјата и од странство. Верувам дека со работата на Центарот ќе придонесеме за промоција на културата на дијалог и ќе влијаеме во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашиот формален и неформален образовен систем. Водени од визијата за јакнење на демократијата, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција и солидарност, убеден сум дека заеднички ќе ја постигнеме целта.

Со таква мисла посакувам конструктивна и интересна дебата и успешна работа на Претседателскиот центар за политичко образование во годините што следат.

Ви благодарам!

Претседателот Пендаровски до волонтерите: Вие сте пример како треба да бидеме солидарни и да помагаме

Претседателот Пендаровски до волонтерите: Вие сте пример како треба да бидеме солидарни и да помагаме

Претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 5 Декември-Меѓународниот ден на волонтерството, денеска разговараше со волонтери од различни региони и организации од Република Северна Македонија. Во разговорот учествуваа волонтери од Црвениот крст, УНИЦЕФ,...

Претседателот Пендаровски до волонтерите на Црвен крст: Благодарност за вашата пожртвуваност, одговорност и посветеност

Претседателот Пендаровски до волонтерите на Црвен крст: Благодарност за вашата пожртвуваност, одговорност и посветеност

Претседателот Стево Пендаровски во пресрет на одбележувањето на 5 Декември – Меѓународниот ден на волонтерите, учествуваше на  онлајн вебинар настан организиран од Црвениот крст на Република Северна Македонија под мотото „За сите наши волонтери”. Претседателот...

Обраќање на претседателот Пендаровски на специјалната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на Ковид-19

Обраќање на претседателот Пендаровски на специјалната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на Ковид-19

Дами и господа, ваши екселенции, Пандемијата на КОВИД-19 и натаму претставува најголем ризик за човештвото. Голем број семејства изгубија свои членови, а многу заедници се сериозно погодени. Оваа здравствена криза ги зафати и другите сектори на нашите општества, а...

Претседателот Пендаровски на Самитот „Македонија 2025“: Најисплатлива инвестиција е инвестицијата во образованието

Претседателот Пендаровски на Самитот „Македонија 2025“: Најисплатлива инвестиција е инвестицијата во образованието

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на Самитот „Македонија 2025“ којшто за прв пат се одржува во хибриден формат и е посветен на состојбите во светот за време, и после глобалната здравствена и економска криза. [gallery...

Pin It on Pinterest