Обраќање на претседателот Пендаровски на 18. Меѓународна младинска конференција

10 ноември 2020 | Обраќања

Претседателот  Стево Пендаровски денеска се обрати на 18. Меѓународна младинска конференција, на тема: европските вредности за иднината на земјите од Југоисточна Европа, којашто поради пандемијата се одржува виртуелно.

 Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници на 18. Меѓународна младинска конференција,

Задоволство ми е по трет пат да учествувам на оваа конференција. За жал, овој пат, поради пандемијата, принудени сме да се сретнеме само виртуелно, но, се надевам дека наредната конференција повторно ќе не собере во прекрасното Крушево.

Оваа година организаторите не поттикнаа да разговараме на една многу важна тема: европските вредности за иднината на земјите од Југоисточна Европа. Вредностите ги одредуваат нашите одлуки и со тоа ја одредуваат насоката во која нашите држави ќе се движат. Политичарите постојано зборуваат за европски вредности и тоа стана неодминлив дел од политичкиот жаргон. Но, тука се наметнува прашањето што подразбираме под европски вредности?

Создавањето на Европа обединета во мир е еден од најзначајните политички проекти на нашето време. Нашиот континент мина низ тешки периоди во кои доминираа национализми, тоталитарни идеологии, две светски војни и милиони жртви. И после сето тоа уништување и страдање, лидерите на западноевропските земји го избраа патот на градење заедничка Европа врз демократски принципи во која ќе владее правото и ќе се заштитуваат и промовираат човековите права и слободи.

Оваа идеја нѐ инспирираше да ги реформираме и трансформираме државите од нашиот регион, за да можеме да им овозможиме на нашите граѓани просперитетен живот. Но, ако за миг погледнеме на ситуацијата во речиси секоја од нашите држави, ќе видиме загрижувачки тенденции.

Знам дека многу млади од Северна Македонија не се задоволни со резултатите постигнати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, непотизмот или со ефектите од економските и образовните политики. Младинското незадоволство е секогаш лоша вест бидејќи покажува дека политичарите не успеале да изградат инклузивно општество, растечка економија и култура на дијалог. Истовремено, се додека младите се незадоволни, но се подготвени да направат нешто во врска со тоа, има надеж за сите нас. Би требало да бидеме многу позагрижени доколку вие, младите станете рамнодушни, што би значело дека ги прифаќате недостатоците на системот или ќе барате подобар живот во странство. За жал, секојдневно, многу млади ја одбираат или едната или другата алтернатива.

Пандемијата дополнително ја комплицира и онака сложената состојба. Се предвидува и релативно високо ниво на структурна невработеност, особено меѓу младите, а, на глобално ниво, околу 180 милиони млади се вработени во секторите што се најпогодени од пандемијата, при што еден од шест млади луѓе во светот е невработен.

Драги пријатели,

Во вакви тешки, но и во нормални услови, политичарите мора да најдат начин не само внимателно да ги слушаат младите, туку и да ги вклучат младите во креирањето на политиките и носењето на одлуките. Со таа цел, пред неколку дена, беше формиран Претседателски центар за политичко образование кој треба да ја продлабочи врската меѓу младите и институциите. Овој центар треба да им помогне на младите да научат за политичката култура, демократијата, човековите права и слободи, толеранцијата и солидарноста. Со нашите партнери од Фондација „Фридрих Еберт”, Фондација за демократија на Вестминстер, Фондација „Конрад Аденауер”, Национален демократски институт за меѓународни работи, Меѓународен републикански институт и Фондација „МК2025”, сакаме да се поврземе со организации од земјата и странство кои веруваат во истите идеи. Тоа ќе биде наш придонес кон градењето на европските вредности во регионот.

Но, предуслов за предвидените позитивни резултати е почеток на преговорите за членство во Европската Унија уште за време на германското претседавање, до крајот на оваа година, се разбира. Германија е еден од најзначајните инвеститори во нашиот регион. Но, според мене, најважната германска инвестиција се токму напорите за интеграција на регионот во Унијата.  Можната блокада на преговорите би била неуспех на Унијата и би предизвикала сериозно нарушување на нејзиниот кредибилитет во очите на македонските граѓани. И дополнително ќе го поттикне процесот на иселување на нашите млади.

Стагнацијата во интеграцискиот процес отсекогаш била извор на фрустрации и разочараност, поле за игра за националистите и отворена покана за малигните геополитички влијанија. Со одлагањето на процесот ќе се прати погрешна порака не само до македонските граѓани, туку и до целиот регион – имено, дека една земја може да направи и најтешки одлуки и да поднесе најголеми жртви, а сепак да не го добие она што го заслужува.

Јасно ќе открие дали Европа е само заеднички пазар или заедница на вредности во исто време. И дали политичките одлуки на Унијата се засноваат само на националните интереси на земјите-членки или, земени се предвид и заедничките европски вредности.

Драги пријатели,

А ништо не зборува повеќе за европските вредности од симболиката на вчерашниот и денешниот ден. На 9 и 10 ноември 1989 година, граѓаните на Берлин почнаа го рушат ѕидот што го делеше не само градот, туку и Европа на два дела. Тој храбар чин на слобода беше и важен чекор кон обединувањето на Европа во духот на слободата. Но, овој ден треба да не потсети дека пред да биде изграден од бетон и бодликава жица, секој ѕид на поделба прво се гради во свеста на луѓето и ги отсликува нивните вредности. А сѐ започнува од нашата перцепција за другиот, различниот. Дали идентитетот, јазикот, колективната меморија се доживуваат како закана или како придобивка кон заедничката европска иднина?

Без сомнение, секоја непринципиелна блокада на европската перспектива на која било држава од Западен Балкан е во функција на одржување на остатоците од ѕидот што ја делеше Европа.

И тука јас ја предвидувам улогата на младите. Далеку од стереотипите од минатото, вие го гледате регионот и Европа од поинаква перспектива – без граници и без предрасуди. Вашата визија, се разбира, повеќе отколку визијата на старата генерација на која и припаѓам и јас, е имуна на вирусот на национализмот, шовинизмот, нетолеранцијата не само меѓу државите туку и во државите. Затоа, ве охрабрувам да упатите пораки до вашите политички лидери и до лидерите од Европската унија дека проектот Обединета Европа треба да се заврши, но заснован на хуманизмот и достоинството на народот.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба со преставници на Лајонс дистрикт 132 – Северна Македонија и меѓународниот претседател  на организацијата, Брајан Шихан

Средба со преставници на Лајонс дистрикт 132 – Северна Македонија и меѓународниот претседател на организацијата, Брајан Шихан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Брајан Шихан, претседател на Меѓународната асоцијација на Лајонс клубови и претставници на Лајонс дистрикт 132 Северна Македонија, по повод 25-годишнината од нивната работа во нашата држава. [gallery...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Азербејџан, Камил Касијев

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Азербејџан, Камил Касијев

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Азербејџан за Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Камил Касијев. На свечената церемонија на предавање...

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Ученици од ООУ„7 Марси“ од Липково и од ООУ „Љубен Лапе" од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет, денеска се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа, за претседателските надлежности и активности. [gallery...

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на завршната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите“. Конференцијата е во...

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на...