Сопругата на претседателот домаќин на тематската дискусија ,,Да ја отпакуваме Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост по однос на правото на независен живот на лицата со попреченост“

27 јуни 2023 | Aктивности, Соопштенија

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше и се обрати на втората тематската дискусија ,,Да ја отпакуваме Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост по однос на правото на независен живот на лицата со попреченост“ што се одржа во Кабинетот на претседателот во организација на Канцеларијата на Програмата за развој на Обединети нации во Северна Македонија- УНДП.

Истакнувајќи дека денешната дискусија е во насока на јавна поддршка за лицата со попреченост, г-а Ѓоргиевска рече дека истата е и можност за почеток на вистински промени.

Според сопругата на претседателот, во „Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“ која Северна Македонија ја ратификуваше во 2011 година, како основни начела се наведени постулатите на вистинско праведно и инклузивно општество, за кое се залагаме и ние. Таа додаде дека, за жал, многу од овие начела не се сè уште постигнати, а тоа го потврдува и Анализата на состојбата со правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, направена во 2021 година од агенциите на ОН во земјава и локални експерти од областа.

„Воочлив е и нерамномерниот напредок кога станува збор за правата на жените и девојчињата со попреченост. Нивните права се составен дел од пошироката борба за родова еднаквост и социјална правда. Би сакала да се осврнам на двојната маргинализација во нивниот случај. Секако не се мали предизвиците со кои се соочуваат и дополнително се соочуваат и со предизвиците поврзани со родовата нееднаквост. Реалност која често останува под слоевите на дискриминација и недостаток на емпатија“, нагласи г-а Ѓоргиевска, додавајќи дека наша обврска е да го заштитиме правото на еднаквост, да ги разобличиме предрасудите и да создадеме амбиент во кој маргинализираните и ранливите нема да бидат заборавени или игнорирани.

Реафирмирајќи ја својата лична посветеност и поддршка за достигнување на главната цел на Конвенцијата на ОН: унапредување, заштита и обезбедување на целосното и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство, Ѓоргиевска повика заеднички да работиме за остварување на оваа цел, преку отелотворување на зборовите во безгранични можности за лицата со попреченост.

Претставникот на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, ја истакна важноста на поддршката на меѓународната заедница за обезбедување еднакви можности за сите во општеството.

„Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е основа на нашата работа при што се реафирмира заложбата дека сите лица со попреченост мора да ги уживаат сите човекови права и фундаментални слободи, но во исто време и да го заштити достоинството на лицата со попреченост. УНДП реализира низа проектни активности заедно со лицата со попреченост, директно насочени кон нив, при што посебно внимание се обрнува на создавање услови и можности за нивна активација на пазарот на трудот, пристап до квалитетно образование и обука, со цел нивно целосно вклучување и независно живеење во заедницата на еднаква основа со сите“, потенцираше Григорјан.

Елена Кочовска од Движењето Полио плус истакна дека секоја акција, секоја мерка и мисла на чинителите или центрите на моќ треба да е во согласност со принципите на пакетот 8+1 бидејќи тие се алатки со коишто лицата со попреченост ќе ги уживаат граѓанските и политичките права. Според неа, независното живеење зависи пред сè од прифаќањето на нивната разноличност, на нивната состојба како дел од човековата разноликост, прифаќање и промовирање на нивниот идентитет при што овие 3 принципи го заокружуваат пристапот за човекови права на коишто посочува Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Тематската дискусија беше организирана со цел да се подигне нивото на разбирање и свесност за правата на лицата со попреченост помеѓу носителите на самите права, како и информирање на јавноста по однос на состојбата и заложбите на сите чинители по однос на идентификување на предизвиците со кои се соочуваат и потребата од поддршка за јакнење на капацитетите за нивно надминување. Во дискусијата учествуваа и Инес Булиќ Koжокариу, директорка на Секретаријатот на Европската мрежа за независно живеење – ENIL и Суела Лала, член на Управниот одбор на Европската мрежа за независно живеење – ENIL.

Настанот којшто се реализира со поддршка на сопругата на претседателот е дел од активноста во рамките на заедничкиот проект на организациите на ОН – УНДП, УНИЦЕФ и УНФПА „Од знаење и ангажман – до јакнење и учество “, министерствата за труд и социјална политика, образование и здравство и организациите кои ги застапуваат лицата со попреченост.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...