Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Роберт Спано, претседател на Европскиот суд за човекови права кој престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата, соговорниците разговараа за тековните реформски процеси во правосудството и за соработката на државата со Судот.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од соработката меѓу правосудните институции во Северна Македонија со Европскиот суд за човекови права. Во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава го потпиша Протоколот 16 од Европската конвенција за човекови права којшто, по неговата ратификација во Собранието, ќе овозможи директна соработка меѓу највисоките судови во Северна Македонија и Европскиот суд за човекови права.
Претседателот Пендаровски истакна дека Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија позитивно го оцени напредокот на нашата земја во реформите во правосудството и напредокот во усвојувањето на стратегиите за реформи коишто ќе ја зајакнат независноста на судството.
На средбата претседателот Пендаровски подвлече и дека Северна Македонија останува посветена на соодветна примена на Европската конвенција за човекови права и основни слободи и особено навременото извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.