На покана на првата дама на Република Хрватска и канцеларијата на Светската здравствена организација во Европа, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, денеска учествуваше на Самитот на сопружници на европските лидери за лансирање на Мрежата за спречување на прекумерната тежина кај децата во европскиот регион на СЗО.
Ѓоргиевска ја поздрави реализацијата на инаугуративниот Самит на сопружници на европските лидери токму во нашиот регион, со што здравствените теми и предизвици остануваат високо на агендата во европските земји и во пост ковид периодот. Таа истакна дека Северна Македонија е дел од Иницијативата на СЗО Европа за следење на зголемената тежина кај децата (COSI), скоро од нејзините почетоци:
„Досега се спроведени 5 круга на собирање на податоци. Северна Македонија, за жал, е меѓу земјите во Европа каде преваленцата на дебелина кај децата (и кај возрасното население) е висока: во 2010 година, имало 30.7% деца со зголемена тежина, додека во 2019 тој процент е зголемен на 31.6%“ – рече Ѓоргиевска.
Сопругата на претседателот укажа на потребата од сеопфатен пристап во борбата со овој проблем преку меѓусекторска соработка, вклучувајќи ги здравствените власти, носителите на одлуки и секој поединец кој може да помогне во подигнувањето на јавната свест, градење на стратегија и партнерство меѓу државата, родителите, образовниот и граѓанскиот сектор: „Само ако го направиме ова, ќе изградиме здрави генерации, клучни за одржливата иднина. Од 2021 година, се вклучив во иницијатива која има за цел да влијае на промени на навиките на предучилишните деца. Во претходниот период направивме многу во регулацијата на квалитетот на оброците во градинките и училиштата. преку промени на околината во градинките, но и зголемување на свеста и знаењата на вработените кои се грижат за нашите деца и на родителите.“ – потенцираше Ѓоргиевска.
На првиот Самит на сопружници на европските лидери, кој се одржа денеска во Загреб, беше усвоена Декларација со која се потенцира важноста и неопходноста од посветен ангажман за намалување на прекумерната тежина кај децата на национално и меѓународно ниво, што ќе придонесе за подигање на свеста за актуелното прашање на детската зголемена тежина.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска:
Почитувани присутни, ценети колеги, драги пријатели,
На самиот почеток, би сакала да изразам благодарност за љубезната покана да учествувам и да се обратам на овој Самит.
Иницијативата на СЗО Европа за следење на дебелината кај децата (COSI) опстојува во нашата земја преку финансирање од Националната годишна програма за јавно здравје и со техничка поддршка од СЗО и горди сме што сме дел од овој најголем систем на следење на детската дебелина во светот скоро од неговите сами почетоци. Досега се спроведени 5 круга на собирање на податоци. Северна Македонија, за жал, е меѓу земјите во Европа каде преваленцата на дебелина кај децата (и кај возрасното население) е висока: во 2010 година, имало 30.7% деца со зголемена тежина, додека во 2019 тој процент е зголемен на 31.6%.
Евидентно е дека проблемот не може да се реши само со мерки кои потекнуваат од здравствениот сектор, ниту пак единствено со промена на навиките на населението. Едноставно, не е фер да бараме промени од нашите граѓани без да им обезбедиме можности за да ги направат тие промени. Сложеноста на овој проблем ја нагласува потребата од разгледување на мултидимензионални модели кои користат интердисциплинарни и партиципативни пристапи за лекување. Тоа значи дека немаме комодитет да оставиме овој здравствен ризик да се саморегулира, туку треба да вклучи сеопфатен пристап во решавањето на проблемот. Верувам дека тоа е сложена задача пред нас, бидејќи факторите на ризик за зголемена телесна тежина се длабоко вкоренети во социјалните обрасци и модерниот начин на живот. Треба да создадеме заеднички пристап преку меѓусекторска соработка, вклучувајќи ги здравствените власти, како и секој од нас кој може да помогне во подигнувањето на јавната свест; градење на стратегија и партнерство меѓу државата, родителите, образовниот и граѓанскиот сектор за:
- промовирање на здрав начин на живот, здрава и умерена исхрана за децата, преку следење на менијата во градинките и училиштата и преку следење на рекламирањето на храна богата со сол, шеќер и масти;
- мотивирање на децата да ја заменат зависноста од телефон и компјутер со физичка активност, со интервенции во воспитно-образовниот процес, промени во урбанистичкото планирање и обезбедување доволно зелени површини и можности за вежбање и физичка активност за време на одмор или при извршување на секојдневните задачи.
Само ако го направиме ова, ќе изградиме здрави генерации, клучни за одржливата иднина.
Од 2021 година, се вклучив во иницијатива која има за цел да влијае на промени на навиките на предучилишните деца. Во претходниот период направивме многу во регулацијата на квалитетот на оброците во градинките и училиштата. преку промени на околината во градинките, но и зголемување на свеста и знаењата на вработените кои се грижат за нашите деца и на родителите.
Зборувајќи од аспект на педодонт, можам да кажам дека сме една од првите земји во регионот кои од 2008 година имаме Национална стратегија за превенција на оралните заболувања кај деца до 14 години. Би сакала да истакнам дека и кај кариесот, како најфреквентното хронично заболување кај децата, исто како кај зголемената телесна тежина, еден од најважните етиолошки фактори е честото и високо конзумирање на шеќери. Оттука, намалувањето на конзумирањето на рафинирани шеќери на помалку од 10% од вкупниот внес на енергија – и идеално уште повеќе, на помалку од 5% – го минимизира ризикот од забен кариес, но истовремено, и зголемената телесна тежина во текот на целиот животен век.
Сакам да истакнам дека е важно да се работи уште со младите луѓе при планирањето на семејството, и кај бремените жени, со цел да се почне со практикување на правилен начин на исхрана и здрав живот. Ние се вклучивме во проект со УНФПА и Клиниката за гинекологија со едукација и на гинеколозите, педијатрите и на идните мајки за превенција на овие состојби со, меѓу другото, редукција на прекумерна ингестија на рафинирани јаглехидрати и промоцијата на доењето.
Земјите и народите во Европа се поврзани меѓу себе на повеќе нивоа, регионални или паневропски, што треба да го искористиме како можност за справување со проблемот на дебелината. Затоа сметам дека оваа иницијатива е од исклучителна важност и им честитам на проф. Сања Мусиќ Милановиќ и др. Клуге, како и на СЗО, и би сакала да завршам изразувајќи огромна поддршка за Декларацијата од Загреб и со нетрпение очекувам да ве видам сите лично наскоро.
Благодарам.